Достапни линкови

Уметноста на Тони Анастасовски


Тони Анастасовски
Тони Анастасовски

„Уметноста на Тони Анастасовски“ е насловена монографијата посветена на тридецениското творештво на еден од најдобрите македонски автори за илустрација, сликарство и стрип, што како издание на „Стрип Квадрат“ се појави неодамна. Станува збор за двојазична македонско-англиска објава на уметникот кого го доживуваме како „оптимист кој сè уште верува дека убавината ќе го спаси светот“.

Веќе три децении ненаметливо и без врева еден исклучителен македонски уметник со љубопитност и упорност на дете, со многу дарбини и знајби го гради својот опус, со спокоен чекор, самосвојно, бележито, супериорно...

Вака Гоце Ристовски, писател и професор на Универзитетот ЕФТА – Скопје – Париз – Есен – Ротердам, ќе го започне своето инспиративно писание „Паралелни светови“, печатено во монографијата „Уметноста на Тони Анастасовски“ што светлото на денот го здогледа неодамна.

Тој, откако ќе констатира дека авторот го „зачувал“ детето во себе, дека творештвото за него е игра што не го заморува и на која и приоѓа со искреност, љубопитство и настојчивост, меѓу другото забележува дека „некаква несекојдневна возбуда се крие во неговите цртежи, слики, илустрации, стрипови и дека „во неговите дела се чувствува и тишината и се бара стишување на умот“

Стрип цртачот и илустратор Дражен Ковачевиќ, во предговорот вели дека многу бргу сфатил дека е во прашање „уметник од вонсериски калибар од ренесансен тип“. За човек кој со леснотија ракува со многу сликарски техники, со богата имагинација и неисцрпен талент.

Ликовниот уметник Новица Трајковски, пак, пишува дека „неговото сликарство удира како чекан додека го гледате“, дека „ја следи историјата, легендите, приказните, неправдите и паѓањето на човековиот дух и вечната борба на доброто и злото, светлината и темнината“.

За творештвото на Тони Анастасовски, во оваа богата публикација, со бирани зборови се јавуваат и ликовниот критичар Љубен Пауновски и уметникот Александар Станковски.

„Во книгата се застапени сите мои убави и значајни ликовни работи. Сите оние што сум ги селектирал од изминативе три децении творештво. Она што е важно и значајно за мене како автор. Почнувајќи од стрипот како моја најголема љубов, па префрлањето на илустрацијата за која подоцна заклучив дека ми лежи повеќе како правец и сè така до сликарството“, вели Анастасовски.

Тој дополнува дека, иницијацијата за монографијата ја дал неговиот пријател и новинар Душко Кралевски, кој откако се сетил на деновите кога авторот бил чест гостин на страниците на весникот „Млад борец“ му предложил со една ваква публикација да го заокружи неговото досегашно творештво. Разбирливо, проектот бил подржан од Министерството за култура, па така некаде на крајот на мината 2016 година зад изданието со својот габарит застана „Стрип Квадрат“.

Инаку, роден 1967 година во Скопје, Тони Анастасовски своите првични творечки изблици ги имал во поранешна Југославија кон крајот на 1980-те и почетокот на 1990-те години со насловните страници на рото-романите „Вестерн“ и „Крими“. Во тој период работел паралелно на стрипот и илустрацијата, учествувал на конкурсите на југословенските списанија „Младост“, „Стрип арт“ и популарната „Стрипотека“, а со сценаристот Владо Николовски најнапред потпишале една епизода од едицијата „Тарзан“, за да потем на страниците на „Макстрип“ ги објават и современите „Фатаморгана“ и „Експеримент“. Подоцна Анастасовски објавувал и во „Стрип арт“, „Стрип креатор“ и во „Стрип арт визура“, а соработувал со многу истакнати автори, меѓу кои и со доајенот на македонската карикатура, стрип, и анимиран-филм Дарко Марковиќ (цели пет години), со Диме Иванов – Димано, Смиле Цветановски, Александар Сотировски и други.

И по таквиот исклучително плоден период, тој ненадејно решава комплетно да ја напушти комерцијалната уметност и му се посвети на сликарството.

„Во тој период од мојот живот и творештво го преферирав класичното сликарство и претежно бев фокусиран на изработка на портрети и на пејзажи. Нешто што тогаш ме интересираше и на кое несомнено одвреме – навреме му се навраќам. Согласно напливот на инспирација и мојата внатрешна потребата да се изразувам во определен медиум. Во текот на годините созреа и желбата за изразување во апстрактното сликарство и постепено навлегував и во тој сегмент“, ќе рече Анастасовски.

Од друга страна, во последнава декада, пак, тој има изработено неколку стотици црно-бели цртежи-скици во туш техника со фантастична содржина поврзани взаемно. Тој во периодов што следува подготвува и нова книга со тие скици, но, како што истакнува, тоа, иако може да биде разбрано како негово враќање на стрипот, сепак не значи дека исклучиво би се бавел со таа „тешка дисциплина“ за која „и порано имало иницијативи“, но за која треба многу слободно време, туку дека многу повеќе сега преферира колорирање на стрипови чии автори се неговите колеги. Дека денес дури „слободно може да каже оти тој е колорист на најдобрите македонски стрип албуми објавени досега“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG