Достапни линкови

Репрезентативна изложба на македонскиот стрип во НУБ


„Деветтата димензија“ е насловена изложбата на македонски стрип што овој петок, на 27 март, во 18 часот, ќе биде отворена во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Ќе бидат претставени стрип табли и албуми на творци како Диме Иванов – Димано, Миле Топуз, Александар Станковски, Горан Дачев и други, уникатните изданија на „Мак стрип, списанието „Лифт“ и промотивниот стрип магазин „Синдром“.

Миле Топуз, Диме Иванов – Димано, Александар Станковски, Горан Дачев, Марјан Камиловски, Атанас Ботев, Матеј Богдановски, Дарко Богданов, Милан Милиќ и Весна Ничевска се само некои од авторите чии табли ќе се најдат на изложбата на македонски стрип „Деветтата димензија“ што од 27 март ќе се одвива во холот на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје и чиј соорганизатор е „Стрип Квадрат“.

Тие ги поместуваа границите на класичниот стрип и стилски се приближуваа на поп артот како ликовен израз, а со духот припаѓаа на т.н. „нов бран“ присутен во музиката, филмот, видеоартот, модата и воопшто популарната култура од тој период.
Душко Кралевски, новинар и познавач на стрипот.

На постановката ќе бидат изложени и цртежите на Тино Сотировски, а љубителите на оваа уметност ќе имаат можност да се потсетат на уникатните „Мак стрип“ изданија кои Библиотеката ги има сочувано во своите фондoви, на специјализираното стрип списание „Лифт“, промотивниот стрип магазин „Синдром“ и на други објави кои говорат за овој тип издаваштво во последниве неколку децении кај нас.

Душко Кралевски, новинар и познавач на стрипот, во пресрет на отворањето на изложбата, појаснува дека уште во средината на 1980-те во земјава по углед на случувањата во светот растела свеста за стрипот како деветта уметност. Тој потсетува дека своевремено во списанието „Млад борец“, со колегите Томислав Османли и Ванчо Полазаревски, во рамките на додатокот „Координати“ направиле две антологии. Првата ја нарекле „Раниот македонски стрип“ и во неа биле зачетниците и главните претставници на повоениот македонски стрип како Миле Топуз, Љупчо Филипов и Диме Иванов – Димано, чии дела се и на оваа изложба. Тие ги создавале своите стрипови инспирирани од светските стрип класици но со теми од поблиската или подалечната македонска историја со наши автентични стрип јунаци.

Сметам дека станува збор за убава иницијатива бидејќи вака заедно можеме да изложуваме алтернативците со оние кои што се бават со меинстрим стрип и кои што работат за странски издавачки куќи како колористи, цртачи и слично.
Иванка Апостолова, стрип автор.

Втората антологија ја нарекле „Новиот македонски стрип“ и во неа биле прикажани делата на тогаш младите автори кои правеле стрипови на современи теми полни со хумор, сатира, пародија, научна фантастика и слично.

„Тие ги поместуваа границите на класичниот стрип и стилски се приближуваа на поп артот како ликовен израз, а со духот припаѓаа на т.н. „нов бран“ присутен во музиката, филмот, видеоартот, модата и воопшто популарната култура од тој период. Од претставниците на овој бран, на оваа изложба, застапени се авторите Александар Станковски, Тони Анастасовски, Марјан Камиловски, Александар Сотировски, Смиле Цветановски, Златко Крстески и други“, истакнува Кралевски.

Тој дополнува дека на „Деветтата димензија“со свои стрип табли се присутни и авторите од новата генерација..

„Присутни се и најмладите автори, они кои ги создаваат своите дела во ова наше време каде што условно кажано сė* е дозволено. Па така свое место имаат и автори со покласичен, но и со помодерен пристап кон стрип уметноста при што често е бележито поигрување со формите, мешање на времињата, жанровите и стиловите. Претставници на овој најнов бран се Игор Јовчевски и Никола Темков од „Стрип квадрат“ , кои во последно време се најактивни и како автори и како издавачи на стрипови. А, тука се и Зоран Танев, Атанас Ботев, Матеј Богдановски, Дарко Богданов, Здравко Киров, Милан Милиќ, Весна Ничевска, Иванка Апостолова и други. Вака посетителот ќе може да проследи добар дел од македонската стрип историја, но и од нашава сегашност.“

Иванка Апостолова на постановката ќе ја претстави книгата „Personal futurism / Public politics“ што ја подготви со повеќемина регионални автори и ќе претстави три стрипа по нејзин избор. За ваквата иницијатива таа вели дека на едно место ги донесува старите броеви на сега веќе непостоечките „Лифт“ и „Макстрип“ и малкуте изданија по 2.000 година со што се издигнува до сериозен обид да направи пресек на деветтата уметност во последниве три децении во нашава земја.

„Сметам дека станува збор за убава иницијатива бидејќи вака заедно можеме да изложуваме алтернативците со оние кои што се бават со меинстрим стрип и кои што работат за странски издавачки куќи како колористи, цртачи и слично. “

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG