Пратеници предлагаат закон, според кој коцкарниците и спортските обложувалници ќе треба да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училишта, градинки, факултети и други образовно-воспитни установи. Но, само во триаголникот меѓу Собранието, Плоштадот Македонија и гимназијата Јосип Броз Тито во центарот на Скопје има десетина казина и автомат клубови. Ова ќе значи бркање на ваквите објекти надвор од населените места и сериозен удар врз нивниот бизнис.
На пример, ако се исцртаат кругови со радиус од 500 метри околу секое училиште, градинка или факултет во Скопје, се забележува дека, ако се усвојат измените, спортски обложувалници ќе може да се отворат само во индустриските зони, на периферијата на градот, во горните делови на населбите на падините на Водно, на Зајчев рид и во Градскиот парк. Слична е ситуацијата и во помалите градови, каде што има по најмалку едно основно и средно училиште и градинка, па ваквите објекти ќе мора да бидат на периферијата на градот. Казина, пак, нема да може да се отворат ниту во хотелите во центарот на градот.
Искуствата покажуваат дека во сиромашни земји коцката им е единствената надеж на луѓето, па казината никнуваат како печурки по дожд.
Граѓаните кои ги анкетиравме во центарот на Скопје велат дека таквите објекти треба да бидат подалеку од очите на децата, но од друга страна се загрижени затоа што тоа е многу доходовен бизнис.
„Кога се во прашање децата се согласувам, нормално. Децата уште како мали се со комар, ама од друга страна државата многу данок зема од таму. Сега не знам.“
„Не 500, туку 1000 метри, понастрана од децата.“
„Кој го држи тој бизнис? Сепак, големите ѕверки го држат тој бизнис. Затоа, мислам дека е добар предлог“, велат граѓаните што ги анкетиравме.
Пратеникот Реџаил Исмаили од ДУИ, кој е еден од предлагачите на законот, вели дека не се залагаат за радикално решение како во Албанија, која од Нова Година целосно ги забрани казината и спортските обложувалници, но оти проблемот станал премногу сериозен и мора да се реши. Тој вели дека основна цел на измените е „превенција на можностите за стекнување на порочни навики кај младите“ и доаѓаат по многу граѓански иницијативи за дислокација на обложувалниците и казината.
„Секојдневно имаме телефонски повици и состаноци со дел од семејствата што имаат проблеми со коцкањето и тоа се загрижувачки податоци. Затоа ние мислиме дека треба што поскоро да се најде начин како да го решиме овој проблем. Дури некои семејства трагично завршиле со ваквите работи“, вели Исмаили.
Затворањето на легалните, ќе го отвори патот за казина и обложувалници „на црно“
Од друга страна, се наметнува прашањето дали државата е подготвена да се откаже од десетиците милиони евра кои ги добива од даноци и од лиценци од игрите на среќа. Сепак, се работи за бизнис од неколку стотини милиони евра, кој вработува околу 6 илјади луѓе. Според податоците на УЈП, граѓаните во 2017 година, само во спортските обложувалници, уплатиле околу 200 милиони евра, а за добивки биле исплатени околу 156 милиони евра. Само од персонален данок на добивка, државата во 2017 наплатила 38 милиони евра, објави Фактор.мк. Тоа се повеќе пари од што се очекува да влезат во државната каса од воведувањето на прогресивниот данок или од зголемувањето на акцизата за нафтата.
На сајтот на Министерството за финансии е објавено дека се издадени лиценци за 26 автомат-клубови во земјава, пет казина и девет лиценци за спортски обложувалници, кои со лиценцата може да отворат по 25 обложувалници. За секој нареден објект, носителот на лиценцата плаќа дополнително. За шестгодишна лиценца за автомат-клуб се плаќаат 78.750 евра, а за казино 600 илјади евра. За тригодишна лиценца за спортска обложувалница, пак се плаќаат 105 илјади евра.
Дополнително, се плаќа месечен надомест од 375 до 675 евра од секој автомат и меѓу 1700 и 3000 евра за секоја маса во казино. Обложувалниците и автомат клубовите имаат обврска на државата да ѝ платат 20 отсто од разликата меѓу уплатените и исплатените пари.
Во казината се вртат уште десетици милиони евра. Се проценува дека само грчките туристи годишно оставаат по околу 60 милиони евра во гевгелиските казина.
Од кабинетот на градоначалникот на Гевгелија ни одговорија дека градоначалникот прво детално ќе ги проучи предложените измени пред да го соопшти неговиот став.
Луѓе од бизнисот со обложување, кои инсистираат на анонимност додека не се објави заедничкиот став на Асоцијацијата на спортски обложувалници, велат дека ако се усвојат ваквите измени, тоа ќе значи крах за нивниот бизнис од што ќе профитираат само дивите обложувалници. Нашите соговорници посочуваат дека порано имало околу 50 нелегални обложувалници, но во изминатите години, нивниот број бил намален. Ако се донесат ваквите измени, тие повторно ќе отворат во уште поголем број, велат тие.
„Ова е стимулирање на сивата економија на сметка на легалните бизниси“, велат луѓе од обложувалниците.
Според нив, постојниот закон не треба да се менува, затоа што во него сè е регулирано. Тие посочуваат дека и сега е забрането малолетници да се коцкаат или да се обложуваат.
Нашите соговорници посочуваат дека во Македонија има околу 550 легални спортски обложувалници и дека во бизнисот со обложување работат околу 3.000 илјади луѓе, но освен нив, последици ќе претрпат и околу 100 други бизниси со кои тие соработуваат – издавачи на деловен простор, производители на мебел, молери, продавачи на телевизори и бела техника, телекомуникациски оператори, продавачи на хартија, пенкала, тонери, печатници, агенции за обезбедување, маркетинг агенции...
Албанија од Нова Година ги забрани сите казина и спортски обложувалници. Упатените сега очекуваат дел од тие бизниси да се преселат во Црна Гора и во Македонија, затоа што очекувањата се дека тие што се коцкале во Албанија нема да се откажат, туку ќе продолжат да го прават тоа „на црно“ или ќе си бараат нови локации.
Владата засега не дава прецизен одговор дали предложените измени се прифатливи за нив. Премиерот Зоран Заев по Нова Година рече дека вака не може да остане, но оти одлуката ќе се донесе по сериозна анализа.
„Она што го гледаме како искуство од Албанија и од други места е дека со ваквите радикални мерки, тие што се коцкаат не престанале да се коцкаат, а 5-6 илјади граѓани работат во обложувалници, во казина и слично, но дебатата е сериозно отворена од граѓаните“, рече Заев.
Во неговата изјава, тој праша дали дислоцирањето на казината и обложувалниците ќе го реши проблемот.
„Што со оние квартови во Скопје, Тетово, Струмица, Куманово, Битола, каде било, каде што се колективни згради и живеат најмногу брачни парови, има најмногу деца, и тоа е оддалечено од училиштата, но овде под зградата има отворено казино, дали тоа го решава проблемот? Така што ќе ги видиме сите ефекти и мерки и ќе донесеме одлука“, рече Заев.
Игрите на среќа надвор од градовите – иницијативата има поддршка и од верските заедници
Иницијативата за оддалечување на коцкарниците и обложувалниците од населените места потекна од Тетово, каде што досега се организираа и неколку протести. Тие бараат уште поригорозни мерки против коцкањето, односно оддалечување на ваквите објекти на најмалку три километри од урбаните средини. За нивните барања имаат поддршка и од МПЦ и од ИВЗ.
Александар Самарџиев
Протест против отворање на ново казино во Мала Речица беше иницијалната каписла која го создаде Движењето против коцкање. Од мај 2018 досега во седум наврати се протестираше во Тетово со барања од населените места да се оддалечат локалите каде се организираат игри на среќа, сметајќи ги како пороци кои негативно влијаат кај луѓето, а пред сè кај младите.
Џемал Абдиу вели дека населението кое дава поддршка на нивното движење тоа го прави поради револт затоа што „на секој чекор“ се појавуваат објекти каде има спортско обложување и казина со игри на среќа. Се противат што се во близина на училиштата и факултетите.
„Во Тетово има околу 30 казина и 140 спортски обложувалници. Целта на нашата иницијатива е да донесе закон кој ќе биде во интерес на граѓаните, не само за Тетово, туку и за цела Македонија, бидејќи народот го заслужува тоа, имајќи ја предвид ситуацијата во која сме, и од економски и социјален аспект“, рече Абдиу.
Освен да се преместат објектите, во движењето се надеваат дека државните институции ќе спроведат нови политики во однос на соочување на луѓето со последиците од коцкање. Бараат сопствениците на фирмите да даваат повеќе пари за општествени цели.
„Фактички нашите барања се дислокација на сите овие објекти, казина и спортски обложувалници три километри надвор од урбаните средини. Второто е пет отсто да се одвои од добивката од игрите на среќа за реновирање пример на градинки, школи и лечење на зависници од игри на среќа. Трето е да се направи национална програма за едукација на деца, студенти од лошото што го донесуваат игрите на среќа“, вели Абдиу.
Движењето против коцкање за нивните протести и иницијатива има поддршка и од двете најголеми верски заедници - Македонската православна црква и Исламската верска заедница. И тие, согласно нивните религиски верувања, сметаат дека се издржани барањата на движењето и сакаат да има поригорозно регулирање на оваа сфера. Обложувањето и коцкањето се страст која ги води луѓето кон негативни последици, објаснува отец Александар Стојановски од МПЦ.
„Како последица на неа и лесно добиени пари на коцка луѓето прибегнуваат кон наркоманија, кон растурање на семејствата, а младиот човек кон неможноста да формира семејство. Некој ги нарекува игри на среќа. Не се тоа игри на среќа поради тоа што среќата на човекот е да биде во заедница со Бога. Среќата на човекот е во градењето на вистинските вредности. Среќата на човекот е во семејството. Среќата на човекот е другиот човек да го направи среќен и да ја види насмевката на лицето на другиот човек“, истакнува свештеникот.
Во Тетово, објектите во кои се приредуваат игри на среќа и спортски обложувалници согласно светските трендови се лесно забележливи поради големите светлечки реклами на самите локали.
Бегајќи од сиромаштијата
Од домашно насилство и сиромаштија до полни џебови на криминалците. Страста спрема коцкањето поттикнува зло и социјални болести, особено во сиромашните земји. Затоа некои од нив размислуваат, а некои, како Албанија на пример, веќе и воведоа чекор за да се спречи ваквата зависност во надеж дека тоа ќе го намали страдањето на многу семејства. И во Турција зачестија повиците да се забрани коцкањето.
Гоце Атанасов
Кон крајот на годината илјадници луѓе одат кај најпознатиот лотариски штанд во Истанбул, на кој виси паролата: „Нимет Абла ќе те направи да победиш“. Во изминативе 90 години, овој штанд близу една од најубавите османлиски џамии во градот Јени Џами, привлекува голем број Турци, исполнети со надеж, особено во проблематичните економски времиња. Некогаш се чека и до четири часа.
Пензионерот Кемал имал среќа, но само за да уплати:
„Си ја обидувам среќата со Нимет Абла 50 години. Никогаш не сум освоил. Досега“, вели тој.
Нимет Абла, што на турски јазик значи „Големата сестра Нимет“ ги должи своето име и богатство на основачката Мелек Нимет Озден. Таа владееше со светот на лотарија половина век откако го продала својот прв тикет во 1928 година. По нејзината смрт во 1978 година, нејзиниот внук, кој денес се вика Нимет Аби, или „Големиот брат Нимет“, го презеде бизнисот и продолжува да напредува. Нитим Озден, менаџер на лотарија и внук на „Нимет Абла“ вели:
„Луѓето доаѓаат од секаде од Турција, не само од Истанбул. Луѓето ме викаат од секоја провинција во Турција, велејќи: Сега сум на пат кон Нимет Абла, дали сте сигурни дека се уште имате билети за продажба“, вели тој.
Новогодишниот џекпот изнесуваше 70 милиони турски лири или околу 11,5 милиони евра. Еден лоз, пак, чини 11,5 евра.
Ердемир Коч, невработен 45-годишник е убеден дека е поверојатно да победи со лозот од Нимет Абла од оние на другите. Коч, кој е невработен, купува билет секоја година: „Ако победам, можам искрено да кажам дека никому не му давам ништо. Го велам тоа отворено. Некои луѓе се преправаат дека ќе ги дадат парите. Ќе ги користам само за мене и за моите деца, нема потреба да лажам за тоа“, вели тој.
Но, не секој го има зафатено лотариската треска. Во оваа главно муслиманска земја, во последниве години сè поизразен е верскиот конзерватизам. Турската Агенција за верски прашања Дијанет издаде свое мислење за лотаријата, наведувајќи дека, иако е легална, таа е „харам“, односно незаконска од исламска гледна точка.
Пензионерот Мустафа, кој скоро секој ден купува лоз, вели:
„Се разбира, тоа е грев. Тоа е како коцкањето, тоа е грев во исламот. Знам дека е како коцкање, но што можам да кажам, се навикнав, па еве, дури и ако тоа е грев јас си ја обидувам мојата среќа“, вели тој.
Но, игрите на среќа генерираат многу приходи за турската држава. Во минатата година тие донесоа 230 милиони евра.
Во Албанија пак, голем дел од средствата, според истражувањата, не завршувале во државната каса.
Според официјалните бројки, Албанците годишно трошеле до 150 милиони евра годишно. Но, оние неофицијалните одат до 700 милиони евра. Затоа, но главно, како што објасни владата, поради големите социјални и семејни проблеми, од оваа година се затворени 4.300 места за обложување кои ги имаше скоро на секој агол во земјата со 2,8 милиони жители. Со други зборови, една обложувалница на 670 луѓе.
За повеќето жители ваквата забрана е добра, но задоцнета. Според истражувањето на Универзитетот во Тирана, еден од четворица коцкари барем еднаш се обидел да се самоубие, додека 70 отсто имале психолошки проблеми. Владата планира отворање центри за рехабилитација.
Некои, пак, велат дека со затворањето само се прикрива проблемот. Тамошните фирми за обложување веќе почнале да се селат во Македонија, Црна Гора и Косово и од таму работат преку интернет.