Достапни линкови

Обложувалниците надвор од населените места?


Се предлага казината и спортските обложувалници да бидат најмалку 500 метри оддалечени од училишта, градинки и факултети. Тоа значи дека ќе треба да се преселат на периферијата на градот.

Владејачката ДУИ сака да ги избрка казината, автомат-клубовите и спортските обложувалници надвор на населените места. Според предложените измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кои ги поднесоа пратениците Ејуп Алими и Реџаил Исмаили од ДУИ, на 500 метри воздушна линија од факултети, училишта, градинки, библиотеки, институти, домови за згрижување деца и слични установи нема да смее да се отвораат казина, автомат-клубови и спортски обложувалници. Со оглед на тоа што во речиси секоја населба во Скопје има по најмалку едно основно училиште и градинка, речиси и да не останува место каде што може да се отвори ваков објект. Спортска обложувалница и автомат клуб сега има во речиси секое маало.

На пример, ако се исцртаат кругови со радиус од 500 метри околу секое училиште, градинка или факултет во Скопје, се забележува дека, ако се усвојат измените, спортски обложувалници ќе може да се отворат само во индустриските зони, на периферијата на градот, во горните делови на населбите на падините на Водно, на Зајчев рид и во Градскиот парк. Слична е ситуацијата и во помалите градови, каде што има по најмалку едно основно и средно училиште и градинка, па ваквите објекти ќе мора да бидат на периферијата на градот. Казина, пак, нема да може да се отворат ниту во хотелите во центарот на градот.

Предлагачите велат дека основната цел на измените е „превенција на можностите за стекнување на порочни навики кај младото население“ и доаѓаат по многу граѓански иницијативи за дислокација на обложувалниците и казината.

Социологот, професор Ѓорѓи Тоновски вели дека инцијативата е добра зашто коцкарниците нема да им бодат очи на учениците, а тие што сакаат да одат, ќе одат и подалеку.

„На тој начин може евентуално да се избегне влијанието на самиот амбиент врз учениците, односно нема секојдневно да се соочуваат со тие натписи „казино, казино, казино“ и да ги провоцира постојано да помислуваат на тоа и да го прифаќаат како нешто нормално“, вели Тоновски.

Од друга страна, пак, се наметнува прашањето дали државата сака да се откаже од неколкуте милиони евра годишно што ги добива по овој основ. На сајтот на Министерството за финансии е објавено дека се издадени лиценци за 36 автомат-клубови во земјава, пет казина и девет лиценци за спортски обложувалници, кои со лиценцата може да отворат по 25 обложувалници. За шестгодишна лиценца за автомат-клуб се плаќа 78.750 евра, а за казино 600 илјади евра. За тригодишна лиценца за спортска обложувалница, пак се плаќаат 105 илјади евра.

Дополнително, се плаќа месечен надомест од 375 до 675 евра од секој автомат и меѓу 1700 и 3000 евра за секоја маса во казино. Обложувалниците и автомат клубовите имаат обврска на државата да ѝ платат 20 отсто од разликата меѓу уплатените и исплатените пари. Во ваквите фирми, пак, работат неколку илјади луѓе.

Од овие пари, меѓу 1 и 2 милиони евра годишно добиваат инвалидските организации, здруженијата за борба со семејното насилство, како и Црвениот крст. Меѓу 500 и 800 илјади евра одат за развој на спортот, а пари добива и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Тоновски, пак, вели дека е неизвесно дали дислокацијата на објектите за игри на среќа ќе влијае на нивната работа. До објавувањето на овој текст не добивме став од казината и спортските обложувалници кои ги контактиравме за тоа како овие измени, ако се усвојат, ќе влијаат на нивното работење.

Пред неколку месеци во тетовска Мала Речица се организираше голем протест против отворање големо казино во близина на средното медицинско и средното земјоделско училиште во градот, како и до Државниот тетовски универзитет. Протестираа граѓани, политичари, студенти и професори на универзитетот. Тие меѓу другото бараа коцкарниците да бидат најмалку три километри оддалечени од градот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG