Достапни линкови

Со Преспанскиот до НАТО, со Северна до нови поделби


Нивици- потпишување на Договорот за името, 14.06.2018
Нивици- потпишување на Договорот за името, 14.06.2018

Една година по Догоговорот од Преспа, влегувањето во НАТО е извесно, датумот за ЕУ останува неизвесен, а неизвесен е и составот на владата за која премиерот Зоран Заев најави реконструкција.

Потпишан преку ден во Преспа во Грција, прославен од политички елити на македонска територија, а вечерта во Скопје, Солун и други грчки градови дочекан со протести. Договорот со кој се реши проблемот за името, потпишан од министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, а осведочен од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на Македонија и ја донесе придавката северна.

Седум месеци по потпишувањето новото име влезе во сила преку гласањето на уставните амандмани. Во јануари, по преговори со дел пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои сега се исклучени од партијата, заврши последната фаза од преименувањето на државата предвидено во Договорот. Со него се деблокира македонското членство во НАТО и тоа е извесно, но се уште неизвесен останува датумот за почеток на преговорите со Европската унија.

Според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ Договорот создаде нова динамика во македонско- грчките односи, а во Европскиот совет и во други меѓународни сојузи ни создаде пријател, а не противник. Вратата на НАТО е веќе отворена, за динамиката на евроинтеграција ќе се знае наскоро, додава Кацарска, нагласувајќи дека ниту еден договор не може да ги реши сите прашања.

„Особено овој Договор секогаш ќе зависи од начинот на кој политичките елити во двете земји ќе се однесуваат кон истиот. Во нашиот договор постои специфика која го врзува со отворањето на поглавјата за членство во Европската унија и тоа ќе креира нова ситуација и за Европската комисија и за Европската унија како ќе се постават кој овие прашања”, вели Кацарска.

По потпишувањето на Договорот гласачите два пати излегуваа на избирачките места - на 30 септември на референдумот да одговорат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција” и пролетва да изберат претседател на државата.

Референдумот, иако неуспешен поради тоа што не се достигна цензусот, сепак извади повеќе луѓе на избирачките места отколку оние што гласаа за Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат зад кој застанаа речиси истите партии кои водеа кампања „за” на референдумот.

Пендаровски победи, а се уште се чека на најавената владина реконструкција која Заев ја најави уште по првиот круг избори. Има повеќе причини за намалувањето на поддршката за владиното мнозинство, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Меѓу нив, тој ги споменува самиот договорот, а и компромисите направени по референдумот за да се осигура поддршката.

„Но, мислам дека ефектот од нив за намалувањето на поддршката беше многу помал од ефектот на спори економски и други реформи кои не го подобрија животот на граѓаните”, вели Муслиу.

По Преспанскиот договор до промени дојде и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата беа исклучени седумте пратеници кои гласаа за уставните измени, поранешни државни и партиски функционери како Сашо Мијалков и Никола Тодоров. Лидерот Христијан Мицкоски и другото партиско раководство не го поддржува Договорот, го смета за предавство и велат дека ќе се обидат повторно да го преговараат за да го поправеле, но не зборуваат за негово поништување.

Грчките политичари кои застанаа зад договорот се чини поскоро ја напуштија тамошната политичка сцена. Коѕијас си даде оставка четири месеци откако го потпиша договорот, а во Грција летово ќе има предвремени парламентарни избори на кои фаворит е Нова демократија на Костантин Мицотакис. Во меѓувреме Ципрас заедно со голема владина делегација ја посети земјава, се потпишаа низа договори од кои еден е и договорот Грција да го чува македонското небо во рамки на НАТО соработката.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG