Достапни линкови

Терминот „северџан“ за дополнителни поделби


Терминот „северџан“ за поддржувачите на Договорот од Преспа веќе подолг период се користи на социјалните мрежи. Професорите со различни мислења- според некои се работи за говор на омраза, според други ова е континуитет на поделбите во македонското национално ткиво.

Северџан како идентитетска одредница за граѓаните кои го поддржуваат Договорот од Преспа и северџански како придавка за институциите се термините кои постојано ги користи група луѓе претежно на социјалните мрежи, но ги преземаат и дел медиуми.

Па така, во некои медиуми може да се сретнат наслови како “Заев го направија пуздер на Твитер: Северџан, ќе одговараш за се” или “Верниците го исплукаа северџанот што гласаше против сопствениот народ”.

Користењето на северџан како одредница за поддржувачите на Договорот од Преспа е спротивно и од одредниците кои се предвидени во самиот договор меѓу Скопје и Атина. Од него произлегува дека треба да се употребува терминот македонски за јазикот, нацијата, народот итн, за разлика од таа групација која што го употребува терминот северџански.

Професорката Мирјана Најчевска тврди дека “северџан” е класична употреба на говор на омраза. Луѓето може не го разбирааат тоа, но се работи за учебникарски пример, вели професорката.

“Со употребата на овој термин одредена група на луѓе се прави обид да се дехуманизира или во случајов да се деидентизира. Значи некои луѓе се обидуваат други луѓе да ги наречат на начин кој не само што омаловажува и понижува туку и им одзема одредени карактеристики. Тоа може да води било во ограничување на правата на тие луѓе во одредена ситуација, било во создавање на непријателска атмосфера и во иднина оправдување на насилно однесување кон оваа група луѓе”, вели Најчевска.

Според професорот Јордан Шишовски, пак,терминот засега не личи дека е опасен, оти како што вели бил само продолжение на долгата и повеќедецениска поделба на македонското национално ткиво. Во тој контекст тој ги набројува епитети кои се користеа при поделбите во минатото како “србомани и бугарофили” или “комуњари и небањати”.

“Последното е користењето на северџан што е многу банално оти така самото македонско национално ткиво си го разделуваат оние кои себе си се сметаат за големи Македонци. Така што мислам дека се работи за обично тролање”, вели Шишовски.

Тој смета и дека не може, како што вели, одредница северџан да фати корен, оти додава дека некои претходни епитети како бугарофил или србоман имале и одредена заднина , па сепак не се одомакинија.

“Во овој случај, дури и граѓаните што го поддржуваат Договорот од Преспа огромно мнозинство од нив не го поддржуваат со цело срце односно сфатија дека тоа е еден вид на компромис кој што е горчлив но мора да се прифати”, вели Шишовски.

Дел од луѓето пак кои го користат овој термин се универзитетски професори како професорката на УКИМ Татјана Каракамишева или професорот Жидас Даскаловски. Радио Слободна Европа ги праша и двајцата професори како се дојде токму до овој термин и на кого точно се алудира со употребата на “северџан”, но тие не одговорија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG