Достапни линкови

Медиуми - НАТО и виновникот за бегството на Груевски


Архивска фотографија - Отворен ден со граѓаните по повод Денот на АРМ
Архивска фотографија - Отворен ден со граѓаните по повод Денот на АРМ

Потпишувањето на протоколот за членство во НАТО е топ тема во медиумите. Тие ги пренесуваат пораките од Брисел и честитките и забелешките од политичарите. Ја пренесуваат и веста дека ОЈО не нашло виновник за бегството на Груевски.

„Димитров: Веќе не сме сами, туку со 29 сојузници“ - со ваков наслов излезе електронското издание на Нова Македонија, цитирајќи го шефот на македонската дипломатија, кој по свеченото потпишување на претпристапниот договор за членство на РМ во НАТО во Брисел им се обрати на амбасадорите на сите земји членки на Алијансата. Порталот го цитира и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг: „Денешниот настан покажува дека вратата на НАТО останува отворена за демократиите кои ги прифаќаат одговорностите што ги носи членството“. Веста дека „Земјите членки на НАТО го потпишаа Протоколот за членство на Македонија“ ја објавија и Вечер и Независен. Слободен печат на насловната напиша: „Договорот свечено потпишан од 29 земји – Македонија со двете нозе во НАТО“.

Сите портали ја објавија и реакцијата на премиерот Зоран Заев напишана на неговиот ФБ профил: „Денеска НАТО ни кажа добредојде“, како што наслови Вечер. Истиот весник ја објави и реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ: „Партијата го поздравува потпишувањето на пристапниот протокол за НАТО“, како и цитат од изјавата на независната пратеничка група на избрканите членови на опозициската партија кои во Собранието гласаа за уставните промени: „Горди сме што го препознавме моментот“.

„Влезницата за НАТО стаса во Атина“ – наслови Независен додавајќи дека по разгледувањето во Комисијата за национална одбрана и надворешни работи нацрт-законот за „Ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Република Северна Македонија“ се очекува в петок да се најде на расправа пред грчкиот Парламент што ќе заврши со гласање.

Порталите на печатените медиуми ја пренесуваат изјавата на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска за ТВ Телма: „Членството во НАТО ќе нè чини 1,2 милиони евра годишна котизација, тоа не е голема сума од која зависи буџетот на нашава земја, а трошоците за членството во најголем дел ќе значат инвестирање во нашата одбрана и во нашата Армија“.

Нова Македонија и Вечер го објавија постот – честитка од избеганиот Никола Груевски по повод потпишувањето на протоколот во Брисел. Нова Македонија со наслов: „Груевски ги сподели размислувањата за нова национална стратегија“.

Со крупни букви Вечер наслови: „Завршен случај: НИКОЈ НЕ Е ВИНОВЕН за бегството на Груевски“, објавувајќи го извештајот за истрагата на државното обвинителство, но во текстот додава дека „досега прибавените докази укажувале на определени пропусти кај надлежните институции но тие не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство“. Оваа информација ја објавува и Нова Македонија.

Независен, Вечер и Нова Македонија ја пренесуваат изјавата на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети во врска со решението на партијата да излезе со свој кандидат на претседателските избори: „На туѓа свадба не одам, СДСМ прави неодговорни потези со тоа што таа партија ќе го гласа својот кандидат на Конгрес“. И насловот во Независен во свадбарски стил: „’Сватовите‘ се скараа пред венчавката“.

Слободен печат ја пренесува информацијата на агенцијата Мета: „Откриени тешки метали кај домашни и увозни прехранбени производи, покажува најновиот извештај за здравјето на населението во 2017 година на Институтот за јавно здравје“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG