Членките на НАТО потпишаа договор со Македонија, со што малата поранешна југословенска република ќе стане 30-та членка на Алијансата, пишува Ројтерс, потсетувајќи дека ова било возможно откако Договорот со Грција стави крај на 27-годишниот спор околу името.
Ројтерс наведува дека процесот на ратификација обично трае околу една година, и оти Македонија, која ќе биде официјално позната како Северна Македонија би влегла во НАТО во идната година.
Три поранешни југословенски републики - Словенија, Хрватска и Црна Гора - веќе му се приклучија на НАТО, како и други три земји од Балканот, Албанија, Бугарија и Романија, потсетува оваа агенција при што го наведува и предупредувањето на рускиот претседател Владимир Путин НАТО да не се залага за поблиски врски со Украина и со Грузија, две поранешни советски републики, кои исто така се стремат да се приклучат кон НАТО.
За француската новинска агенција Франс Прес Македонија во средата направи чекор поблизу до членството во НАТО.
„ЕУ го поздрави овој потег за кој смета дека ќе донесе поголема стабилност на Балканот, но на проширувањето на Алијансата во регионот му се спротивставува Москва, која го смета за дел од нејзината „сфера на влијание“, наведува оваа агенција, оценувајќи дека „потегот на Македонија и тоа по приемот на Црна Гора во 2017 година, расфрли пердуви во Кремљ“.
Но, според оваа агенција, за многу земји што некогаш се наоѓале во советската орбита, членството во НАТО, со гаранција за взаемна одбрана, обезбедува добредојдена полиса за осигурување против можни руски упади.
За германската агенција ДПА потпишувањето на протоколот е клучниот чекор за Македонија.
„Овој потег ѝ овозможува на Македонија да учествува на состаноците на НАТО како набљудувач додека сите сојузници не го ратификуваат протоколот за пристапување, кое се очекува во 2020 година“, оценува ДПА.
Руската државна новинска агенција ТАСС пак ја цитира оценката на претседателот на Комитетот за надворешни работи на Горниот дом на рускиот парламент Константин Косачев кој вели:
„Потпишувањето на протоколот за пристапување на Македонија во НАТО е повеќе симболичен чин отколку практичен чекор, бидејќи малата земја не и важна на Алијансата. Но, фактот на нејзиното пристапување е важен за НАТО, со оглед на ќор-сокакот со Русија, што укажува на деструктивната улога на Алијансата како реликвија од Студената војна“.
Косачев смета дека критиките на американскиот претседател Доналд Трамп за НАТО одиграле улога во овој потег.
„Несомнено ги вознемири претставниците на НАТО во Брисел, така што тие се борат да му покажат на Вашингтон дека Алијансата добро функционира и се шири“, смета рускиот сенатор, додавајќи дека влезот во НАТО не е добар ни за Македонија, ни за европската безбедност.