Со аплауз и честитки беше проследено потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во НАТО во Брисел кое во истовереме во живо се пренесуваше во медија центарот на Владата. На голем видео бим опкружен со знамињата на Македонија, НАТО и ЕУ со внимание се следеше потпишувањето на секоја земја членка на НАТО на протоколот.
За свечената атмосфера придонесуваа само тркалезни маси на кои во прв ред беа седнати заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, шефот на НАТО Канцеларијата за Врски во Скопје, Зоран Јанковиќ, министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми и други претставници на власта. Вториот ред беше резервиран за новинарите.
Насмевки предизвика изјавата на министерот Никола Димитров на прес-конференцијата по потпишувањето на протоколот дека Македонија повеќе никогаш нема да чекори самa, реферирајќи на химната на англискиот фудбалски клуб Ливерпул.
Јанковиќ прв упати честитки за потпишаниот протокол и изрази уверување дека процесот на реформите кои ќе следат ќе биде успешен и Македонија за брзо време ќе стане полноправна членка на НАТО.
„Ви честитам што ставивте крај на овој процес со потпишување на протоколот. Се разбира сега очекуваме ратификацијата на протоколот да се одвива беспрекорно. Ние како Канцеларијата на НАТО сме тука за да ви помогнеме и советуваме на вашиот пат до полноправно членство во НАТО“ изјави Јанковиќ.
Премиерот Зоран Заев преку владино соопштение, порача дека ова е голем историски ден за сите граѓани.
"Денес, најголемиот безбедносен сојуз на светот, НАТО, ни кажа добредојде. Денес седнавме рамо до рамо со нашите сојузници, на иста маса, во иста алијанса. Среќни сме, и треба да бидеме, бидејќи обезбедивме трајна стабилност за нашата земја. Обезбедивме сигурност, безбедност и мир. Прогресот и развојот сега се незапирливи.Нашите генерации и децата на нашите генерации ќе живеат подобро, во земја и во регион кои зрачат со надеж“, изјави Заев.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски претходно изјави дека го поддржува потпишувањето на протоколот. Но, според него, Заев тоа го сторил на недостоинствен начин.
„Секој успех на Република Македонија го поздравувам, иако Заев го направи на недостоинствен начин, тргуваше со нешто што минатите генерации го платиле со своите животи, и го направи тој чин недостоинствен, но секој процес што значи подобрување на животот на сограѓаните го поздравуваме, изјави Мицкоски во Брисел.