Достапни линкови

Груевски и од Будимпешта манипулира и со мандатот и со ВМРО-ДПМНЕ


Архивска фотографија- Поранешниот премиер Никола Груевски дава изјава пред Суд.
Архивска фотографија- Поранешниот премиер Никола Груевски дава изјава пред Суд.

Седницата на која би требало да се гласа за мандатот на Никола Груевски е на 11 јуни. Откако тој веќе сам си најави оставка аналитичарите оценуваат дека со тоа прави обид да се заштити себе си, но и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски поради неоправдано отсуство повеќе од шест месеци е на дневен ред на собраниската пленарна седница на 11 јуни. Овој предлог е поставен на дневен ред врз основа на претходната одлука на собраниската комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања да му се одземе мандатот.

Но, три дена по одлуката на комисијата самиот Груевски си ја најави оставка на социјалната мрежа Фејсбук. Професорот Темелко Ристески на ова гледа како на тактика со која би се добил ефект дека Груевски не е разрешен, туку сам си поднел оставка.

“Ако си разрешен тоа се судира со моралот, а ако си поднесе оставка излегува како негова одлука- ете си поднесувам, не сакам веќе да бидат пратеник, но ништо не сум згрешил. Тоа е поповолна димензија ако игра на таа карта”, вели Ристески.

Поранешниот премиер, кој е азилант во Унгарија, напиша дека ќе се повлече од пратеничката функција и им се заблагодари на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на тоа што издржале на “принципиелните позиции кои се во согласност со Уставот и меѓународното право и не потклекнале на притисоците”.

Според аналитичарот Алберт Муслиу ваквиот потег на почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ има две цели - првата да не дозволи да биде разрешен, а втората да ја заштити пратеничката група на опозициската партија од понатамошни поделби, на пратеници кои би гласале “за” одземање на мандатот и пратеници кои би гласале против.

“Може да очекуваме и дека ова е почеток можеби на одалечување на актуелното партиско раководство од Груевски и штетите што тој им ги нанесува како личност”, вели Муслиу.

Извршниот комитет деновиве, по состанокот со пратеничката група соопшти дека пратениците треба да ги почитуваат законите и Уставот и доколку се исполнети условите за престанок на неговиот мандат да постапат законски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, пак,во интервју за Радио Слободна Европа не беше докрај прецизен како би гласале пратениците од неговата партија ако прашањето за мандатот на Груевски стигне на дневен ред на пленарна седница. Тој рече дека „очекува пратениците да ја испочитуваат одлуката на Извршниот комитет”, додавајќи дека “тоа треба да го видиме на денот кога ќе се закаже седницата на Собранието”. Претходно пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека Груевски е оправдано отсутен.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG