Достапни линкови

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „не го даваат“ Груевски


Архивска фотографија - Пратеникот Никола Груевски во Собрание.
Архивска фотографија - Пратеникот Никола Груевски во Собрание.

Комисијата за мандатни прашања вторпат предлага да му се одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски, овојпат оти бил неоправдано отсутен шест месеци. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа, за нив Груевски не е бегалец. За да му се одземе мандатот потребно е на пленарна седниза „ЗА“ да гласаат 80 пратеници.

Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, кој избега од земјата откако беше осуден, оди на пленарна седница, откако собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања изгласа да му се одземе мандатот. На седницата, пет пратеници гласаа ЗА одземање на мандатот, немаше против и воздржани, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, од чии редови е и Груевски не гласаа и ја напуштија седницата пред крајот. За одземање на мандатот се расправаше бидејќи пратеникот неоправдано отсуствувал повеќе од шест месеци.

Но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека отсуството на Груевски е оправдано.

„Пратеникот Никола Груевски не е бегалец како што вие милувате да речете, тоа е лице кое што има добиено политички азил во земја во која многу повеќе се почитуваат човековите слободи и права отколку во Република Македонија. Вие и вашите репресивни мерки не дозволивте, согласно она што го предвидува Деловникот, пратеникот Никола Груевски да се пријавува за оправдано отсутен“, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменовска – Стојковски.

За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Груевски е оправдано отсутен
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:02 0:00

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, претходно се координираше по заклучокот на Извршниот комитет на партијата кој апелираше пратениците да ги почитуваат законите и Уставот во случајот со пратеникот Никола Груевски и доколку се исполнети условите за престанок на неговиот мандат, пратениците да постапат законски.

Седницата ја водеше заменичката на претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, Снежана Калеска-Ванчева, откако тој си поднесе оставка на минатата седница.

Таа рече дека Груевски е неоправдано отсутен и тоа од 14 ноември до 14 мај.

„Не знам како го толкувате тоа дека на Никола Груевски не му било дозволено да се пријавува како отсутен. Се повикувате на Деловник, се повикувате и на Кодексот, на моралот и на етиката, а заборавате дека ниту Собранието, ниту кој било орган не го натера и не го принуди Никола Груевски да замине таму каде што замина и да побара по сопствена волја азил. Дали барањето и добивањето на азил некој ќе го смета како основ за оправдано отсуство од работата на Собранието, тоа е на совеста и на размислувањето на секој пратеник“, вели Калеска- Ванчева.

И на почетокот на оваа, како и на минатата седница наместо за мандатот на Груевски се расправаше за оставката на претседателот на Комисијата, Павле Богоевски и за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, да се расправа и за повреда на Етичкиот кодекс на пратениците од страна на Богоевски.

Освен одлука на Комисијата, за да се одземе мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство на пленарна седница, односно за тоа да гласаат 80 пратеници.

Собранието и на почетокот на ноември минатата година се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, но немаше двотретинско мнозинство. Груевски потоа избега во Унгарија, каде што доби политички азил, а Собранието одлучи да не го води како оправдано отсутен и му ја намали пратеничката плата за пет отсто.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG