Достапни линкови

Неделници - Спорт, економија и Ципрас


Прослава на шампионската титула на ракометниот клуб Вардар во Скопје. Стојанче Стоилов
Прослава на шампионската титула на ракометниот клуб Вардар во Скопје. Стојанче Стоилов

Неделникот Фокус пишува за атмосферата при прославата на шампионската титула на Вардар. Капитал ја анализира состојбата со македонската економија, а онлајн магазинот Глобус прашува - На што се должи поразот на Ципрас?

Фокус - Вардар ја обедини Југославија, но ја подели Македонија

Фокус на насловната објавува фотографија на „запалената“ атмосфера на плоштадот во Скопје по освојувањето на европската шампионска титула на ракометарите на „Вардар“, каде што доминираа знамиња со ѕвездата од Вергина, знамиња на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и, што е најстрашно, националистички извици против сограѓаните Албанци, настан кој, колку што израдува толку и вознемири дел од домашната јавност. „Македонска гордост или пастирска фаланга - Вардар ја обедини Југославија, но ја подели Македонија!“ – пишува на насловната како потсетување на познатата песна „Од Вардара па до Триглава.“ А во воведната колумна „За нештата да станат појасни“, авторот појаснува дека „Како дел од мега-идентитетскиот проект на антиквизацијата, Груевски имаше ниет преку доминација во спортот да завладее со масите. Вардар и неговите успеси беа киднапирани од пастирот и од Фамилијата“. Фокус потоа порачува: „Обврска на сите, а најмногу на Владата е ракометната магија да им ја врати на граѓаните“.

Скопје го пречека европскиот шампион Вардар
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:55 0:00

Капитал - На економијата ѝ претстојат уште многу реформи на патот до ЕУ

Додека го чекаме датумот за почнување преговори за членство во ЕУ, главната тема во најновото издание на Капитал е анализата на моменталната ситуација во македонската економија заснована врз неодамнешниот извештај на Европската комисија со кој, точно, даде безусловна препорака за почеток на преговорите, но во која се наведени и слабостите на „Економијата на патот до ЕУ“, како што гласи насловот на анализата. Во Извештајот се забележува посебно значајниот напредок во делот на исполнувањето на политичките критериуми, пишува Капитал. ЕК дава реалистична слика за состојбата со македонската економија, дополнува неделникот, нотирајќи определен напредок, но, вели, користените фрази од типот „определен напредок“, „остануваат клучните слабости“ и нагласениот недостиг на долгорочни потези во економските одлуки укажуваат дека напредокот во економските политики и реформи и понатаму стагнира и дека на економијата ѝ претстојат уште многу реформи на патот до ЕУ, како што наведува Капитал. Поамбициозна фискална консолидација, влошена структура на јавните трошења во корист на социјалните трошења, компаниите, особено на локално ниво продолжуваат да бидат предмет на парафискални давачки без јасна цел, големата сива економија и вкоренетата корупција – се само некои од поентите за кои пишува Капитал по скенирањето на нашата економија во годишниот извештај на ЕК.

Глобус - Дали Ципрас е изневерен од пензионерите?

Онлајн магазинот Глобус во еден текст поставува прашање: „Дали Ципрас е изневерен од пензионерите?“, па додава дека е тешко да се каже дали лидерот на Сириза падна на „македонското прашање“ или на фактот дека неговиот економски спас не беше препознаен по големите игри со ММФ. За многумина, пишува Глобус, тој е Одисеј кој по долгото пловење стигнал на Итака, ама таму е заборавен. Ова по слабиот резултат на партијата на сè уште актуелниот грчки премиер Алексис Ципрас на неодамнешните избори за европскиот Паламент, како и на локалните избори во земјата. Неделникот смета дека заради евидентното лизгање на неговиот авторитет, кој секако се должи и на неговиот потпис на Преспанскиот договор, Ципрас повика на предвремени избори за почетокот на јули затоа што, како што изјави, „не може да ги игнорира изборните резултати“. Мандатот на Владата на Ципрас, инаку, требаше да трае до октомври. Основната дилема, сепак е, дали Ципрас ја изгуби довербата на пензионерите? Или поточно, дали задоцни во исполнувањето на изборното ветување да го донесе потребното растоварување на Грците кои живееја во криза? Грчкиот Парламент пред повеќе од две недели го изгласа зголемувањето на пензиите, чин што доаѓа по 13 кратења, а кои неговите политички противници го нарекоа „купување гласови“. Ципрас има проблеми и со одбиениот предлог од Нова демократија за консензуален избор на први луѓе во павосудството. Предлогот е одбиен од лидерот на опозициската Неа демократија, Мицотакис, со образложение дека ќе има вонредни парламентарни избори и дека сакал таму да донесе свои луѓе. Глобус заклучува дека „покрај проблемите со колебливите земји членки на ЕУ, кои се думаат околу датумот за почнување преговори за нашето членство во Унијата, слабите изборни европски и локални резултати на Сириза, потенцијално можат да значат дека наместо пријателскиот глас на Грција во Брисел и Стразбур, ќе треба да сметаме на непредвидливиот Мицотакис“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG