Тензиите на Косово се смируваат, а и да има слична ситуација во иднина, тоа нема да биде со таков интензитет за да може да ја загрози безбедносната состојба во Македонија и во регионот, вели претседателот Стево Пендаровски. Тој вели дека македонските институции будно ја следат состојбата и оти проценките на КФОР, на меѓународните фактори и на нашите институции, кои соработуваат со нив, се дека барем на краток рок безбедноста на Македонија нема да биде загрозена.
„Значи, во овој момент, трендовите на загрозување на безбедноста се во надолна линија, состојбата се смирува, и проценките за еден кус временски период, бидејќи таму долгорочни прогнози не може да се направат, неблагодарно е со сигурност да знаете што ќе се случува, е дека е да има тензии со сличен карактер, сличен профил и слични пропорции, тие нема да бидат такви за да ја загрозат безбедноста на околината на Република Косово, особено нашата држава“, рече Пендаровски.
Тој како врховен командант денеска за прв пат го посети Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, по изборот на функцијата.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека нарушувањето на безбедноста кај соседите секогаш има последици, но оти со членството во НАТО Македонија добива дополнителни гаранции.
„Наместо само да стравуваме, ние како држава и како влада решивме да дејствуваме. Затоа во 2017 година го ставивме фокусот на нашето членство во НАТО, за да обезбедиме нашата држава да има дополнителни безбедносни гаранции, дури и во случај на регионална нестабилност“, вели Шекеринска.
Претседателот Пендаровски вели дека идејата за размена на територии или „корекција на границите“ меѓу Србија и Косово е анахрона идеја, која не може да донесе ништо добро.
„Неодговорно е да се разговара за една во суштина грозна идеја за размена на луѓе и територии во 21 век. Последен пат таква работа, со поддршка на големите сили, се случувала пред околу еден век, во 1923 година. Прашајте ги и Грција и Турција, и ден денеска влечат последици од таа размена на луѓе и територии. Значи, не можам да замислам дека може нешто пострашно да се случи ако некој навистина мисли сериозно да влезе во егзекуција на еден таков проект“, вели Пендаровски.
Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемува во изминатите неколку дена, по акцијата на косовските специјалци и апсењата во северниот дел на Косово, претежно населен со Срби. Српскиот претседател потоа нареди зголемување на борбената готовност на Српската војска, а постојано има вербални искричења меѓу претставниците на двете земји.
Идејата за корекција на границите ја промовираа претседателите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ.