Достапни линкови

Македонските претседатели најпривилегирани во регионот


Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов - Комбо фотографија
Бранко Црвенковски и Ѓорѓе Иванов - Комбо фотографија

Од Владата велат дека во моментот не постои иницијатива за измени на законот за права на претседателот по завршувањето на функцијата. Македонските претседатели од кога ќе отидат во пензија се попривилегирани од колегите во Србија, Хрватска и Косово.

За три дена државава ќе добие нов претседател и нов пензионер. Стево Пендаровски ќе биде инаугуриран на позицијата в недела, кога и актуелниот претседател Ѓорге Иванов ќе ја напушти функцијата која ја извршуваше десет години. Со 59 години, колку што има во моментот на престанок на мандатот Иванов, според Законот за правата на претседателот на Република Македонија и неговото семејство по престанување на функцијата, може да оди в пензија. Ако не беше претседател за остварување на тоа право ќе требаше да работи уште пет години, односно до 64 години.

Според постоечкиот закон, Иванов доживотно има право на пензија голема колку што му била и платата, право на канцеларија и тројца вработени. Тие права веќе десет години ги користи поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Тој отиде во пензија уште помлад од Иванов , на 47 години, па сега на 57 годишна возраст, ако не беше претседател, ќе требаше да работи уште седум години за да оствари право на пензија. И Иванов и Црвенковски имаат право на пензија колку што им била платата, односно околу 1200 евра.

Професорот од Факултетот за општествени науки Темелко Ристески вели дека кај нас треба да се промени законот оти, како што додава, претседателите се доста привилегирани во однос на другите граѓани.

“Мислам дека треба да се мотивираат тие луѓе, додека не се снајдат да им се дава таа пензија, меѓутоа не и доживотно. Тоа е голема привилегија, а ние сме сиромашна држава”, смета Ристески.

Од Владата, пак, велат дека во моментот не постои иницијатива за измени на законот за права на претседателот по завршувањето на функцијата.

Во регионот со помали привилегии

Мотивацијата да работат нешто по завршувањето на мандатот што ја споменува Ристески делумно може да се препознае во законите на Србија и Хрватска. И во двете земји тие имаат членови во кои се наведува дека претседателот има право да се врати на работното место од кое што дошол на позицијата, а привилегиите како плата и канцеларија им се временски ограничени.

Во Србија, претседателот по престанокот на мандатот има право на плата во износ колку што му била и додека бил претседател се додека не се вработи или не ги исполни условите за пензија, но како што се наведува во тамошниот закон најмногу шест месеци од денот кога му престанал мандатот. Правото на плата, предвидува законот, може да се продолжи додека тој не ги исполни условите за пензија, но исто така во време од шест месеци, што значи вкупно 12 месеци. По тој период, ако не најде работа, се до остварување на правото на пензија може да добива надомест во висина од 80 отсто колку што му била платата.

За разлика од Македонија, српските поранешни претседатели, имаат ограничено време на користење канцеларија и вработени. Кај нас им следува доживотно канцеларија со тројца вработени без временско ограничување, а во Србија тоа може да биде најмногу колку што години ја извршувал функцијата претседател.

Во Хрватска, пак, измени на законот се донесоа пред седум години. Слично како и во Србија се наведува дека тој треба да се обиде да се врати на работното место кое што го вршел пред да стане шеф на државата, а ако не успее може да оди во старосна пензија чија висина ќе се пресметува како за кој било друг граѓанин. Право на користење канцеларија и вработени има пет години по завршувањето на мандатот.

Во Косово по завршувањето на мандатот претседателите добиваат 70 отсто од платата што ја земале доживотно, имаат можност да вработат тројца луѓе во својата канцеларија, но и таму е ограничено на пет години.

Во западните земји побогати

“Треба да се најдe решение како во регионот затоа што ние сме сиромашна земја, слична како тие од нашиот регион, иако некои од нив се и во подобра состојба и не треба да се расфрлуваме со претседателски привилегии ”, вели Ристески.

Западните земји пак имаат поинакви примери. Во Германија претседателите од преземањето на должноста до крајот на животот добиваат плата од 236 000 евра годишно. Дел тамошни медиуми го критикуваат ова, но оправдување се наоѓа и во тоа што вообичаено ја напуштаат функцијата во шестата декада од животот кога не е можно да се посветат на градење на кариера. Слична е состојбата и во Соединетите Американски Држави каде што претседатели имаат доживотни привилегии.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG