Неколку полициски службеници се уапсени, а неколку граѓани се приведени во денешната акција на специјалните полициски сили во северниот дел на Косово.
„Полициската операција, која се спроведува во неколку региони, меѓу кои и во општините Звечан, Зубин Поток, Лепосавиќ, Северна Митровица, Јужна Митровица, Србица и Глоговац, до сега резултира со апсењето на неколку граѓани и неколку полициски службеници од различни националности – Албанци, Срби и Бошњаци, кои се осомничени за разни дела“, се наведува во соопштението на косовското МВР.
Акцијата продолжува и се одвива во повеќе региони во земјата. Полицијата наишла и на вооружен отпор во Зубин Поток, како и на блокади на патиштата. Според извештаите, повредени се четворица полицајци, од кои еден бил ранет. Српската државна телевизија РТС објави дека двајца етнички Срби, исто така, биле повредени за време на операцијата.
Полициската акција ги зголеми тензиите во односите со соседна Србија, која ги стави сите единици на армијата во состојба на целосна борбена готовност.
„Ако постои загрозување на поредокот и животите на луѓето во северниот дел на Косово, нашата армија ќе го заштити нашиот народ“, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според него, во акцијата уапсени се 23 лица од српска и бошњачка националност, претежно членови на косовската полиција во Косовска Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ тврди дека акцијата на косовската полиција е дизајнирана да ги заплаши и да ги истера Србите од Косово и претставува "не само закана за стабилноста, туку и директна закана за мирот ".
"Го направија тоа со заплашување и ако е можно да сее паника, за создавање на невозможна клима за Србите во Косово", изјави Ѓуриќ за РТС.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека операцијата е против шверц и организиран криминал во рамките на нивната посветеност на владеењето на правото за сите.
„Потврдувам дека таа операција е насочена против организираниот криминал, и цел се полициски и царински службеници. Ги повикувам граѓаните да останат мирни”, напиша Харадинај на Твитер.
И вицепремиерот и министер за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли порача дека уапсените се „дел од мрежа која е длабоко вмешана во шверц, корупција, злоупотреба на службена должност и други видови организиран криминал“.
„Ја повикувам Србија да не злоупотребува политички една вообичаена полициска операција. Ги повикувам да ја поддржат борбата против организираниот криминал и да не се противат на таа борба. Она што е битно е добросостојбата на сите заедници кои живеат во Косово и Владата на Косово гарантира дека тоа е нејзин висок интерес. Јас го осудувам повикот на српските власти за мобилизација на војската поради една обична полициска операција против мрежите на организиран криминал“, напиша Пацоли на Фејсбук.
Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска порача дека операцијата на полицијата е за доброто на сите граѓани на Косово.
„Во втората деценија на Република Косово нема да има место за организиран криминал и тие кои се бават со незаконски активности ќе завршат зад решетки. Денешната операција на полицијата во северно Косово е за доброто на сите граѓани, независно од нивната припадност и ја повикувам српската заедница на север да остане смирена и да ја поддржи борбата против организираниот криминал. Јакнењето на редот и мирот е од животно значење за еднаквоста на сите граѓани и го забрзува нашето движење кон процесите на евроатлантските интеграции“, напиша Тачи на Фејсбук.
Командантот на Меѓународните сили на Косово (КФОР), италијанскиот генерал Лоренцо Д’Адари денеска ги повика косовските граѓани да останат мирни, порачувајќи им дека нема од што да се плашат. Според КФОР, акцијата е врз основа на налози за апсење издадени од страна на суд во Приштина во рамки на истрага поврзана со корупција.
„КФОР потврдува дека ова е само полициска операција и дека Косовските безбедносни сили или кои било други воени сили не се распоредени на северот на Косово“, се наведува во соопштението.