На српската премиерка Ана Брнабиќ ќе и биде забранет влезот во Косово, поради нејзините расистички коментари, изјави министерот за надворешни работи на земјата, Беџет Пацоли. Во услови на зголемени тензии меѓу Белград и Приштина по акцијата на косовските специјални сили на северот на земјата, Пацоли ја обвини Брнабиќ дека нејзините коментари на вчерашната прес-конференција биле „одвратни и неприфатливи“.
Брнабиќ за време на предавањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија изјави дека тие имаат работа со „луѓе кои излегле од шума“, алудирајќи на граѓаните на Косово.
„Сè додека јас сум министер за надворешни работи, нема да дозволам српската премиерка Брнабиќ да влезе во Косово, додека таа ја одржува расистичката и болна идеологија против луѓето на Косово“, напиша Пацоли на Твитер.
Брнабиќ денеска изјави дека кога ќе сака да оди во Косово тоа ќе и биде овозможено.
„Луѓето кои се подготвени да го спречат протокот на стоки, подготвени се да ја спречат и слободата на движење“, истакна таа по средбата со словачкиот премиер, алудирајќи на одлуката на Косово за зголемување на таксите од 100 отсто за производите од Србија.
Таа порача и дека кога изјавила дека има работа со луѓе од шума, мислела на оние кои носеле униформи и биле обвинети за злосторства, а сега станале лидери на институции во Косово.
„Јас најмногу би сакале да излегле од невладини организации, но не е така. Не мислам дека сите излегле од шума. Пацоли не е таков случај“, рече Брнабиќ.
Косовскиот претседател Хашим Тачи за РСЕ изјави дека зборовите на Брнабиќ не се ништо ново или невообичаено за нив.
„Расистичкиот јазик што го користи премиерката на Србија, земја која изврши геноцид и етничко чистење во Косово, е уште еден доказ за патолошката омраза на актуелниот српски режим кон граѓаните на Косово“, рече Тачи.
Војната на зборови започна по полициската акција во северно Косово, по која Србија ја стави војската во состојба на целосна борбена готовност.
Шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини предупреди дека инцидентот покажува оти ситуацијата статус кво не е одржлива и оти е потребно Белград и Приштина да се варат на преговарачката маса, бидејќи ризикот од „ враќање на мрачните сили од минатото може да предизвикаат насилство“.