Косовскиот претседател Хашим Тачи смета дека Европската унија е „премногу слаба“ за да ги реши разликите помеѓу Србија и Косово и побара вклучување на САД во разговорите меѓу Белград и Приштина.
Тачи по состанокот со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, во Берлин прецизира дека „никакви разговори или договори не се можни без учество на Соединетите држави“.
„Без Соединетите држави никогаш не можеме да имаме дијалог, преговори или каков било договор, бидејќи Европската унија не е обединета за овој процес, а пет земји на ЕУ имаат различни мислења, а за тоа мислам дека сме заложници на ова неединство, неединство на западните земјите и нивниот фокус врз Западен Балкан“.
Тачи беше во Берлин на самитот посветен на Западен Балкан кој беше свикан од германската канцеларка Ангела Меркел и од францускиот претседател Емануел Макрон.
„Сакам да биде апсолутно јасно дека не станува збор за разговори за пристап во ЕУ, постои организиран процес предводен од ЕУ“.
Меркел додаде дека состанокот бил за да се види во кои области е неопходен импулс за да постигнување одреден напредок во регионот.
Тоа го повтори и претседателот Макрон:
„Актуелноста, како што рече Ангела Меркел, не е проширувањето и политиката на проширување на Европската унија, туку политиката на стабилизација што сакаме да ја имаме во регионот“.
Според Макрон, за Франија тоа подразбира стратегија за повторно ангажирање во регионот.
Главната цел на самитот беше рестартирање на разговорите меѓу Белград и Приштина, откако дијалогот со посредство на Европската унија беше стопиран поради наводите за размена на територии меѓу двете земји и данокот од 100 насто наметнат од Косово за увоз на српски производи.
Договорено е тие повторно да се сретнат во Париз во јули годинава.