Достапни линкови

Бар – Русите се мешале во изборите, но Трамп не соработувал со нив


Американскиот јавен обвинител Вилијам Бар
Американскиот јавен обвинител Вилијам Бар

Русија се обидела да влијае врз американските претседателски избори во 2016 година, но дека не биле најдени докази дека претседателот Доналд Трамп или членови на неговиот тим соработувале со Русите, рече американскиот јавен обвинител Вилијам Бар.

Американскиот јавен обвинител Вилијам Бар изјави дека истрагата на специјалниот советник Роберт Милер нашла докази дека Русија се обидела да влијае врз американските претседателски избори во 2016 година, но дека не биле најдени докази дека претседателот Доналд Трамп или членови на неговиот тим соработувале со Русите.

„По речиси двегодишна истрага, илјадници судски налози, стотици налози и интервјуа со сведоци, специјалниот советник потврди дека руската влада спонзорирала напори за нелегално мешање во претседателските избори во 2016 година, но не откри дека кампањата на Трамп или други Американци биле здружени во тие напори“, рече Бар пред да му го претстави на Конгресот и на јавноста редактираниот извештај на Милер.

Бар исто така рече дека извештајот на Милер не прикажал докази дека Трамп се обидел да ја попречи правдата за време на истрагата за руските обиди за мешање во изборите.

Првата јавна реакција на претседателот Трамп на забелешките на Бар беше објавата на фотографија на Твитер, на која Трамп е свртен со грб кон камерата, а на фотографијата пишува: „Без колузија, без опструкција. За мразачите и за радикално левите Демократи – Играта заврши“.

Тој рече дека денеска имал „убав ден“.

Изјавата на Бар е повторување на заклучоците од писмото што тој му го испрати на Конгресот на 24 март во кое на четири страници го сумира речиси 400 страници долгиот извештај на Милер.

Во образложението за редактирањето на извештајот за јавно објавување, тој рече дека ниеден материјал не бил скриен врз основа на „извршните привилегии“ на Трамп, иако претставници на Трамп имале увид во редактираниот материјал.

Извештајот им беше доставен на претставниците на Конгресот, веднаш по прес-конференцијата на Бар во Вашингтон, а веќе е и јавно објавен.

Демократите го обвинија Бар дека, со одржувањето на прес-конференцијата пред објавувањето на извештајот, се обидува да го заштити претседателот Доналд Трамп од негативните наоди.

Претседателката на Долниот дом Ненси Пелоси, која е демократ од Калифорнија, рече дека Бар „го отфрлил својот кредибилитет и независноста на Министерството за правда со неговите еднострани напори да го заштити“ Трамп.

Лидерот на сенатското малцинство Чак Шумер, кој е демократ од Њујорк, на Твитер ја оцени прес-конференцијата како „кампања“ за Трамп, велејќи дека „е време Конгресот и американската јавност да го видат извештајот на Милер“. Тој претходно критикуваше дека процесот бил затруен уште пред објавување на извештајот.

„Бар воопшто не треба да го извртува извештајот, но срамот е двојно поголем што тоа го прави пред Америка да добие шанса да го прочита“, рече тој.

Трамп постојано ја критикуваше истрагата на Милер како „лов на вештерки“ и го оцени процесот како „обид за државен удар“ со цел уривање на претседателот.

Милер истражуваше дали кампањата на Трамп се координирала или имала заговор со Русија да победи на изборите и дали Трамп или неговите соработници незаконски се обиделе да ја попречат правдата со обид да ја попречат истрагата. Неговиот извештај беше готов на 22 март, а Бар два дена подоцна му испрати на Конгресот писмо со сумирана верзија на наодите, во кое вели дека истрагата „не утврдила дека членови на кампањата на Трамп ковале заговор или се координирале со руската влада во нејзините активности за мешање во изборите“.

Бар исто така напиша дека доказите откриени во истрагата „не биле доволни“ да се утврди дека Трамп ја попречувал правдата.

По објавувањето на наодите на 24 март, Трамп оцени дека извештајот значи „целосно ослободување“. Сепак, во сумираната верзија на Бар директно се цитира само една реченица од извештајот на Милер: „Иако овој извештај не заклучува дека Претседателот извршил кривично дела, тој не го ослободува“.

Во сумираната верзија не се наведува што открил Милер за неколкутемина соработници на Трмап кои имале контакти поврзани со Русија за време на кампањата за изборите во 2016 година, како и во постизборниот транзициски период. Исто така не се дава објаснување зошто неколкумина соработници на Трамп ги лажеле федералните истражители и Конгресот за време на истрагата.

Откако Бар ја објави сумираната верзија, демократските пратеници вршат притисок целиот извештај на Милер да му биде доставен на Конгресот и да биде јавно објавен.

Се очекува Бар да се соочи со критики за тоа колку голем дел од документот е зацрнет, односно редактиран, и дали сумираната верзија објавена минатиот месец е точен одраз на извештајот на Милер. Бар рече дека нема да ги објави класифицираните информации, информациите поврзани со тековни истраги и приватноста или репутацијата на необвинети „периферни“ луѓе.

Демократите соопштија дека судски ќе бараат откривање дополнителни информации од извештајот. Тие велат дека се подготвени да поднесат барање за судски налози, ако извештајот е премногу редактиран. Претседавачот на Комисијата за правда во Долниот дом, Џеролд Надлер, демократ од Њујорк, вчера изјави дека „веројатно ќе биде корисно“ да го повика Милер и членовите на неговиот тим да сведочат, откако ќе ја прочита верзијата на извештајот која ќе ја објави Бар.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска во Москва ги отфрли обвинувањата од извештајот на Милер како неважни.

„Ова не е прашање што нè интересира или ни предизвикува загриженост“, рече тој, додавајќи дека извештајот содржи само површни изјави.

XS
SM
MD
LG