Достапни линкови

Трамп призна дека од Русите биле барани информации за Клинтон


Трамп: син ми барал од Русите информации за Клинтон
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:54 0:00

Трамп: син ми барал од Русите информации за Клинтон

Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата призна дека неговиот син се сретнал со Руси во 2016 година во Трамп кула за да добие информации за неговиот противкандидат Хилари Клинтон. Според Трамп, станува збор за „целосно легална практика која се прави постојано во политиката“.

Американскиот претседател Доналд Трамп, во неделата го даде своето најјасно признавање дека целта на средбата меѓу син му Дон Џуниор и руската адвокатка поврзана со Кремљ пред претседателските избори во 2016 година, била да се соберат информации за Хилари Клинтон.

Трамп на Твитер напиша дека средбата била „целосно легална“ и оти такви постојано ги имало во политиката.

Оваа порака на Трамп на Твитер е во контрадикторност од неговата првична изјава во јули 2017 година во која тој посочи дека двете страни разговарале за усвојување на руски деца од страна на Американци.

Изборните штабови на политичките партии рутински ги следат спротивставените истражувања на нивните противници, но не и со странски претставници од земја што се смета за противник.

Руските функционери во тоа време беа под санкции на Соединетите држави.

Специјалниот советник Роберт Мулер води истрага дали членови на изборниот штаб на Трамп се координирале со Москва со цел тој да победи во трката за Белата куќа.

Претседателот Трамп оваа истрага ја нарече „лов на вештерки“, а рускиот претседател Владимир Путин негираше дека неговата влада се мешала во изборите.

Во серија пораки на Твитер Трамп ги интензивира неговите критики за печатот.

Во една од нив тој порачува: „Тие намерно предизвикуваат голема поделба и недоверба. Тие исто така можат да предизвикаат војна! Тие се многу опасни и болни“.

Неговата запалива реторика против печатот е тесно поврзана со неговата постојана критика проти истрагата за можната вмешаност на Русија во претседателските избори, односно дали имало соработка на Москва со изборниот штаб на Трамп.

Адвокатот на Трамп, Џеј Секулов, во неделата за телевизијата Еј Би Си изјави дека ако претседателот биде повикан на разговор кај Мулер, адвокатите на Трамп ќе се обидат тоа да го спречат.

Во меѓувреме, Стејт департментот соопшти дека го повикал вршителот на должноста на руската амбасада во Вашингтон Дмитриј Жирнов во врска со напорите на Москва да користи социјални медиуми за „промоција на насилство“ и за поделба на американското општество.

Во пораката на Твитер на портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт во која се додава дека САД нема да толерираат такво агресивно мешање.

Американската разузнавачка заедница заклучи дека Русија се обидела да се меша во претседателските избори 2016 и оти користела социјални медиуми за поделби во американското општество.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG