Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го отпушти Џеф Сешонс и да го замени со истакнатиот критичар на специјалниот советник Роберт Мулер ги зголеми непосредните страхувања меѓу демократите за иднината на истрагата за вмешаноста на Русија во изборите во 2016 година.
Трамп го назначи Метју Витакер, поранешен шеф на кабинетот на Сешонс, за вршител на должноста и Одделот потврди дека тој ќе го преземе надзор врз истрагата на Мулер од заменик-јавниот обвинител Род Росенштајн.
Џесика Левинсон, професор по право од Лос Анџелес смета дека Трамп барал адвокат кој би ги поддржал неговите ставови за истрагата, која тој постојано ја нарекува „лов на вештерки“. Витакер претходно јавно ја критикуваше истрагата на Мулер.
„Она што тој го сака е некој кој користи зборови за истрагата на Мулер како „риболовна експедиција“, како „срамна“. И мислам дека тоа е она што во голема мера ќе го добиеме“.
Посебната законска регулатива под која е именуван Мулер, му дава на главниот јавен обвинител да го отпушти Милер, но само ако постои„добра причина“, како што е несоодветно однесување, неизвршување на должноста или судир на интереси.
Витакер, исто така, има моќ да го блокира секој „истражен или процедурален чекор“ како например судска покана доколку се утврди оти тоа било „несоодветно според утврдените практики на Одделот“.
Левинсон смета дека најверојатно Мулер веќе имал планови за можното вакво сценарио.
„Мојата претпоставка е дека Роберт Мулер веќе разменил некои информации во најголема можна мера со државните адвокати, со други федерални обвинители, бидејќи тој со право се грижел дека секој ден може да биде, искрено, последен ден од истрагата“.
Оставката на Сешонс претставува кулминација на лошите односи со Трамп кои започнаа откако тој се повлече од истрагата за руското мешање.
Трамп смета дека тоа ја отвори вратата за именувањето на Мулер за шеф на истрагата за поврзаноста на трамповиот изборен штаб со Москва.
Трамп на прес конференцијата во Белата куќа во жестока конфронтација со новинар на Си Ен Ен во врска со оваа истрага изјави:
„Не сум загрижен за ништо со истрагата за Русија, бидејќи тоа е измама. Тоа е доволно. Оставете го микрофонот“.