Три до четирикратно зголемување на странски инвестиции, отворање на нови работни места, зголемена куповна моќ на граѓаните. Ова се само дел од очекувањата по затворањето на речиси тридеценискиот спор за името. Отворањето на вратите на НАТО и пристапниот процес низ кој ќе мине земјава за влез во Алијансата ги подгреа надежите на бизнисмените за влез на нов капитал, како и за ширење на пазарот.
Првите придобивки засега ги почувствува берзата која е кревка на информации кои влијаат на трговијата со капитал и делува однапред. Минатата година, додека траеја последните договори околу промената на името меѓу Скопје и Атина, берзанскиот индекс забележал раст од 30 проценти.
Главниот извршен директор на КБ Публикум инвест, Горан Марковски, вели дека пазарот на капитал делува однапред и дека во пресрет на позитивните движења во делот на политичките случувања, минатата година имаше значаен раст.
„Не може да се изолираат настаните и да се поврзе со конкретен раст. Тоа е повеќе резултат на низа случување кои првенствено беа мотивирани од самите компании како резултат на нивните добри остварувања минатата година, но истовремено беа пратени и од позитивните информации во процесот и на преговори и на договарање на целиот процес околу Договорот од Преспа. И сето тоа е веќе инкорпорирано, но генерално може да констатираме дека над 30 отсто беше растот на берзанскиот индекс минатата година што во принцип во голема мера се должи на овие политички случувања, секако надополнети со економските фундаменти на самите компании“, вели Марковски.
Тој додава дека сега се очекува ново раздвижување на берзата кое не е поврзано со моменталните случувања, односно со спроведувањето на Договорот од Преспа, затоа што сите информации кои потекнуваа од тоа берзата веќе ги апсолвирала и во ова ниво се тргува со постојните цени кои повеќе или помалку преовладуваат од последниот квартал од минатата година.
„Во суштина најбитен момент во периодов што следува е објавата на завршните сметки на компаниите коишто тргуваат и секако очекувањата за 2019, реализираниот прв квартал, исплатата на дивиденди исто така би требало позитивно да влијае доколку има се разбира изненадување во тој дел. Тоа се засега информациите кои го движат македонскиот пазар на капитал“, објаснува Марковски.
Од градежниот сектор уште лани најавија дека ќе бидат коригирани и цените на становите за 20 проценти по влезот во НАТО. Претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Ивица Јакимовски, неодамна изјави дека сега е време да се инвестира во недвижности затоа што откако земјата ќе влезе во НАТО ќе се зголеми нивната вредност.
„Со влезот во НАТО во делот на недвижностите ќе добиеме стабилност, а со самото тоа и вредноста на недвижностите ќе се зголемува. Реално цените треба да се зголемат за минимум 20 проценти. Ако сакаме да имаме квалитетни градби, цените треба да бидат на ниво и секоја година да се зголемуваат за одреден процент затоа што постојано се зголемуваат градежните материјали и услугите“, изјави Јакимовски.
Поголеми поместувањата во реалниот сектор сè уште не се чувствуваат, засега се базира на идеи за подобрувања на бизнис климата, вели Миле Бошков од Конфедерацијата на бизнисмените.
„Од економски аспект можам да кажам дека само се случуваат идеи и шпекулации дека тоа може да биде многу подобро, и дека може да имаме поволна клима за водење на бизнис нормално и привлекување на инвестиции, но уште повеќе доколку бидеме умни и привлекување на нови муштерии, така да ги наречам“, вели Бошков.
Тој објаснува дека членството во НАТО носи влез во бизнисот на „одбранбената индустрија“ каде што компаниите кои произведуваат производи и услуги во насока на одбраната соработуваат и тоа не само на начин што едни произведуваат други купуваат, туку и во размена на производи, полуфабрикати, фабрикати, ресурси и материјали.
„Така што верувам, а имам и сознанија дека македонски компании кои веќе соработувале и соработуваат ги шират своите аспекти на соработка и разговараат како понатаму после влегувањето на земјава во НАТО, а од друга страна и на некој начин и за ширење на поголеми можности. Придобивките и можностите се многу големи, на земјава и на компаниите во неа им треба подготовка. Компаниите можат тоа многу добро да го апсорбираат и да го спроведат, само треба да оставиме времето да покаже и сите шпекулации да стивнат“, додава Бошков.
Во однос на пазарот на хартии од вредност, по спроведувањето на Договорот од Преспа односно преминувањето на земјата во втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација се отвори и можноста за македонските граѓани да тргуваат со акции на европските пазари како и поголем степен на интеграција на домашниот финансиски пазар со меѓународните.
„Со отпочнување на втората фаза ќе се либерализираат првите два пункта, тоа е портфолио инвестициите, што значи вложување на населението на хартии од вредност во странство и вложувањето во недвижности, а делот кој се однесува на депозитни сметки во странство ќе остане на крајот од втората фаза“, изјави неодамна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска – Бежоска.
Подобри времиња за грчката економија
Подобрен меѓународен статус, но и поубави времиња за грчката економија, очекуваат експертите во Атина, откако Грција ги ратификуваше Договорот од Преспа и протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО. Тоа се виде веднаш откако грчкиот парламент го одобри Договорот со што беше ставен крај на 28 годишниот спор за името на соседната земја.
Грција, како еден од најголемите успеси, веќе објави дека се подготвува за издавање нова петгодишна обврзница што е прв обид за нејзино враќање на финансиските пазари откако во минатиот август се ослободи од меѓународната програма за финансиска помош. Грчкиот премиер Алексис Ципрас на состанокот на неговиот кабинетот рече дека Грција ја остави тешката должничка криза зад себе.
„Сите почнаа да признаваат и да гледаат дека Грција сега е друга земја. Земја каде што се создадени услови и предуслови за конечно да излезе од кризата и да ги остави зад себе причините што ја создадоа“, рече тој.
Ципрас најави и зголемување на минималната плата за 11 отсто.
„Од моја страна, мислам дека овој потег е најмалку што можеме да сториме за работниците што трпеа, за оние кои за време на кризата гледаа дека нивните плати се намалуваа или се кратеа“, рече тој.
Зголемувањето на минимална месечна плата - од 586 на 650 евра - е прво покачување на платите во изминативе десет години. Во меѓувреме, грчките 10-годишни трошоци за позајмување забележаа најниско ниво во изминативе четири месеци.
До ова дојде, како што велат аналитичарите, откако парламентот го одобри Договорот од Преспа со кој Македонија стана Северна Македонија, што, пак, го отвори патот за продавање обврзници. Грција на таков начин сака да се врати на пазарите на обврзници како редовен позајмувач.
Во Грција, според статистиката, се подобруваат условите за живот. Но, со тоа не се согласуваат и граѓаните.
Пензионерот Тодорос Прасас вели:
„Не само што е намален приходот, туку и даноците се зголемија. Данокот на имот, данокот на доход се зголемија многу“, вели пензионерот Тодорос Прасас.
Ирини од Атина, пак, се жали дека нема работа за младите.
„Можеме да видиме дека многу од оние со универзитетски дипломи работат како келнери“, вели таа.
Сепак, според дел од грчките експерти, ратификацијата на Договорот од Преспа ќе и го подобри меѓународниот статус на Грција, но исто така ќе ја интензивира и трговијата меѓу двата соседа.
Еден од нив е и Танос Вермис, потпретседател на Грчката фондација за европска и надворешна политика.
„Ние ќе ја подобриме нашата меѓународна положба, мислам, со тоа што ќе го завршиме ова. Второ, ќе воспоставиме врски со, не дека немаше врски, имаше, се разбира, имаше, и многу грчки бизнисмени отидоа таму и заработија пари, и тие ги поздравија инвестициите на Грција и така натаму. Но, ова ќе биде отворено и ќе има повеќе од тоа. Никогаш нема да изгубите ако имате сосед на добра волја“, вели тој.
Договорот од Преспа наиде на остро противење од опозициските партии и во Грција и во Македонија, оценувајќи дека биле направени големи отстапки во корист на другата страна.
Во Македонија ефектите ќе се видат една година по влегувањето во НАТО
Првите поголеми економски придобивки ќе бидат видливи за македонските граѓани по една година од членството, покажува искуството на земјите од регионот.
На пример, Црна Гора за една година од членството во НАТО забележала процентуален пораст од 147 отсто, додека Албанија во петте години по влезот во НАТО, споредено со претходниот период, бележи двојно повеќе странски инвестиции.
Авторката на анализата за економските придобивки и предизвици од членството во НАТО, Ивана Велковска, вели дека и покрај тоа што НАТО е воен и политички сојуз, самото членство придонесува и за економски влијанија, предизвици и придобивки. Главните потенцијални придобивки од пристапувањето во Алијансата е зголемување на директните странски инвестиции. Велковска вели дека природно е да се очекува тоа затоа што влезот во НАТО треба да придонесе за зголемување на мирот, стабилноста и доброто владеење што придонесува за намалување на бизнис ризиците и со тоа зголемување на инвестициите, без разлика дали се домашни или странски.
„Доколку ги анализираме земјите од регионот кои се воедно членки на НАТО и се компаративни со Македонија според своите социоекономски карактеристики, тоа се Албанија, Црна Гора, Хрватска, Романија и Бугарија, можеме да забележиме дека во петгодишниот период после влез во НАТО, споредено со петгодишниот период пред влезот во НАТО, имаме во просек четири пати зголемување на странските инвестиции, што морам да напоменам дека, иако во повеќето земји гледаме раст, Хрватска е исклучок, има намалување, што веројатно е дека Хрватска е мала економија на периферијата на Европа која е силно поврзана со европскиот пазар и поради тоа веројатно имала посилни влијанија од европската економска криза“, вели Велковска.
Професор Вељанд Рамадани од Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека членството во Алијансата гарантира и политичка и економска стабилност, кои според него се врвни предуслови за поттикнување и мотивирање на странските директни инвестиции.
„Таа гарантирана стабилност подоцна ќе биде пропратена со структурни реформи со што уште повеќе се зајакнува бизнис климата и атрактивноста на државата за привлекување на директни инвестиции од различни земји. Тоа што ни дава храброст дека Македонија може многу да добие од зачленувањето во НАТО се успешните приказни на сите земји кои беа во транзиција, а повеќето од нив не само што го дуплираа, туку го триплираа нивото на странски инвестиции по влезот во Алијансата“, вели Рамадани.
Премиерот Зоран Заев, пак, изјави дека очекува зголемен економски раст и дека во првиот квартал од годинава очекува нови инвестиции. Тој најави дека целосно ќе се посвети на домашните задачи.
„Ова го очекувам од нашите министри и градоначалници. На сите нив и одговорните во јавната администрација им порачувам, очекувам секој од вас да работи понапорно, поефикасно и пофокусирано. Имаме една заедничка цел - да го направиме животот подобар за граѓаните“, вели Заев.
Опозицијата, пак, обвини дека земјава ја чека економски крах.
„Истите лаги. Ќе имало пари, поголеми плати. Ќе имало автопати, дрн-дрн, бла-бла, празни муабети“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Освен НАТО, треба да си ги решиме и домашните задачи
Иако влезот во НАТО отвора врата за директен влез на странски инвестиции дома, упатените велат дека нивниот ефект би бил поочигледен доколку се решат проблемите со законските регулативи, политичка стабилност и правната сигурност во државата.
Бошков смета дека ние самите треба да си ја подобриме бизнис климата и регулацијата и да овозможиме подобра бизнис средина.
„Навистина сериозно е потребно реформирање на јавната администрација и во јавните услуги кои се во насока на остварување услуги на бизнисот, а втора работа е кога ја имаме оваа шанса да бидеме посериозни и она што ќе го направиме сега како реформа тоа да биде услуга постојана со ист квалитет за иднината“, додава тој.
Суштински само по себе членството во НАТО нема по автоматизам да донесе целосна стабилизација и подобрување на бизнис климата, велат брокерите.
„Потребни се низа реформи коишто треба да обезбедат правен систем кој што ќе обезбеди стабилност во работење на компаниите. Тоа е една од придобивките коишто се очекуваат, и раздвижување во бизнис секторот како резултат на дополнителни странски инвестиции кои ќе го препознаат моментот на влегувањето на земјава во НАТО и ќе ја препознаат државата како дестинација која нуди стабилна клима за инвестирање. Сето тоа ќе придонесе на пазарот на капитал во позитивна насока, односно очекувам од самите компании коишто се веќе присутни како резултат на овие дополнителни странски инвестиции и подобрување на бизнис климата да остварат подобри резултати во наредниот период, својствено на тоа да има позитивен развој на пазарот на капитал во насока на раст на цените, зголемување на дивидендите и зголемување генерално на интересот на инвеститорите“, вели Марковски.
Велковска објаснува дека не може со гаранција и дека по автоматизам да се тврди дека членството во НАТО значи некаков бум во странски инвестиции затоа што многу фактори се во игра. Но, додава дека искуството од регионот од земјите кои се членки на НАТО покажува позитивен економски тренд.
„Во земјите од регионот забележуваме зголемување на бруто домашниот производ, одредено намалување на стапката за невработеност, подобрување на конкурентноста на приватниот сектор. Но, како што кажав, НАТО е еден од факторите кој придонесува за овие подобрувања, би рекла еден од клучните фактори, затоа што мирот и стабилноста се предуслов за раст и развој на бизнисот и економијата, но не може да биде замена за квалитетни економски политики, или намалување на корупцијата или развој на приватниот сектор или доброто владеење“, вели таа.
Од анализираните земји, најголем пораст во БДП се забележува кај Романија, која по пристапување во НАТО го зголемила својот петгодишен просек на бруто-домашниот производ за 213 отсто. Бугарија, пак, бележи процентуално зголемување на петгодишниот просек за 142 отсто, додека Албанија за 52 отсто, а потоа следува Хрватска со 34 отсто зголемување. Бидејќи нема петгодишни податоци за Црна Гора, која влезе во Алијансата во 2017 година, споредувајќи ги годината пред и годината по влезот во НАТО може да се забележи процентуално зголемување на бруто домашниот производ од 9 отсто, се вели во анализата.
Според дел од аналитичарите тешко е да конкретно да се измери НАТО – ефектот, затоа што дел од овие земји во периодот кога пристапувале кон Алијансата воедно поминале низ период на транзиција од централнопланирани во пазарни економии и низа долгорочни структурни економски реформи. Освен тоа, многу од земјите се истовремено членки на Европската унија и тешко е да се разграничи дали и до кој степен, подобрувањето на економските индикатори се должи на членството во НАТО или на низа други фактори што придонесуваат за подобрувања во економијата, како членството во Европската унија.
Членството во НАТО придонесува кон зајакнување на доброто владеење, а тоа влијае и на економските перформанси на земјата. Но, сè уште треба многу работа, реформи како и политичка волја за промени.