Достапни линкови

Економски бум или просечна економска година


Аналитичарите се скептични околу најавите за економски бум. Владата ветува дека годинава земјава економски ќе процвета, додека, пак, дел од економистите очекуваат просечна економска година, ослободена од политички канџи.

Годинава се очекува да станат видливи резултатите од промената на владината економска политика, односно дали се исполнети ветувањата за старт на економски бум или пак и годинава како и досега ќе се крпи крај со крај.

Со стапувањето на сила на новиот предлог буџет за годинава, министерот за финансии Драган Тевдовски најави дека приоритетите на Владата за подобар животен стандард, повисоки стапки на економски раст и повисоко ниво на социјална правда ќе бидат исполнети. Владата очекува годинава економскиот раст да достигне до 3,2 проценти. Истото очекување го имаше и за лани, но со ребалансот се откажа од таа замисла и го намали на 2,8 отсто.

Премиерот Зоран Заев при средбите со претставници на меѓународните финансиски институции и бизнисмените од Стопанската комора најавуваше дека оваа 2019 година ќе биде година на економијата. Како причина за таквото тврдење го наведуваше растот на приходите од наплатата на даноците кое според него значи и раздвижување на економијата и дека приватниот сектор бележи добри резултати.

„Сите индикатори покажуваат дека има огромна перспектива и надеж за економски раст и развој во државата. Секако тоа е возможно со развој на приватниот бизнис сектор, на приватните иницијативи и тука ги темелиме сите наши надежи, затоа сме и вака посветени на овој економски дел“, изјави Заев.

Ваквиот негов став наиде на критика од поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини кој посочува дека секоја година мора да биде економска година и дека не смее да се дозволува повеќе економијата да биде заложник на политиката во земјава.

„Се сеќавам на 2006- та кога Никола Груевски рече дека ќе има мораториум на сите други теми и две години ќе се бавиме со економија и се бавеше, и гледаме каде ја доведе Македонија. Еве сега го слушам Заев дека оваа година ќе биде економска година. Ни една година не смее да не биде економска година, независно со кои други прашања се соочува државата. Луѓето, граѓаните работат за да обезбедат материјална егзистенција, а Владата има задача да обезбеди услови што е можно поповолни за економски развој,“ вели Хајредини.

Според проекциите на Народната банка, годинава се очекува извозот да биде главниот двигател на економскиот раст, поттикнат од зголемената активност на постојните странски извозно ориентирани компании, заживување на дел од традиционалните сектори и натамошното подобрување на странската побарувачка. Народната банка очекува годинава да има и позитивен придонес за личната потрошувачка, при проектиран пораст на расположливиот приход, стабилни очекувања и солидна кредитна поддршка од банките. Но сето ова зависи од една клучна претпоставка, а тоа е политичка стабилност и заживување на јавниот инвестициски циклус, се вели во макроекономското сценарио на Народната банка за 2018/2019 година.

Дел од економските аналитичари ја критикуваат власта дека нема конкретна економска програма која ќе донесе домино ефект во економијата, по што велат дека не очекуваат годинава да се оствари проектираниот раст, затоа што политичката неизвесност се уште трае, а напролет следуваат и претседателски избори, па на економијата може да ѝ дојде време дури во септември.

Сивата економија и годинава ќе биде еден од клучните проблеми поради кои создаваат даночна евазија, велат економистите.

Според стопанствениците, не е реално да се очекува позначаен раст на инвестиции во наредниот период. Тие велат дека загрижува ниското ниво на капитални инвестиции и оти за да се поттикнат инвестициите потребно е суштинско унапредување на условите за работење.

Експертот за меѓународно и домашно бизнис право, Горан Рафајловски вели дека годинава еден од клучните сегменти за потурнување на економијата е создавање на квалитетни услови за работа на бизнис заедницата и намалување на трошоците во буџетот кои не се однесуваат на капиталните инвестиции.

„Само капиталните инвестиции може да го кренат нивото на развој и да ѝ овозможат на бизнис заедницата да креира тоа што најдобро го знае, а тоа се пари, а со тоа и нови работни места, повеќе даноци и она што ѝ е потребно на Македонија“, вели Рафајловски.

Професорот на тетовскиот универзитет Алаудин Зекири очекува годинава да биде просечно успешна на економски план.

„Очекувам растот да биде нешто поголем од три отсто, и тоа ќе биде еден релативен показател кој треба да ни генерира една посолидна економска година. Треба и владините политики да се насочат да бидат во склоп на олеснителните околности за бизнис секторот,“ вели Зекири.

За одржлив економски раст потребни се поголеми капитални инвестиции, зголемување на извозот и таргетирање сектори кои ќе бидат лидери во економскиот развој на земјата. Исто така потребно е да се отстранат и фундаменталните слабости во извозниот потенцијал и во стопанскиот систем, порачуваат економистите и стопанствениците.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG