Сè додека припадноста е поважна од компететноста и има неказнивост на грешките, состојбата нема да се подобри, вели Миле Бошков од Организацијата на работодавачи по објавувањето на извештајот за Глобална конкурентност 2018 на Светскиот економски форум, според кој, Македонија е рангирана на самото европско дно.
Македонија е на 84 место од 140 земји. Полошо рангирани европски земји се само Молдавија, која е на 88 место, и Босна и Херцеговина, која е на 91 позиција. Од земјите од регионот, Бугарија е 51, Србија 65, Хрватска 68, Црна Гора 71 и Албанија е на 76 место. Подобро рангирани од Македонија се земји како Казахстан, Филипини, Колумбија, Азербејџан, Јордан, Либан или Мароко.
За две години, Македонија паднала за 22 места на листата за Глобална конкурентност. Во 2016 година, земјава беше рангирана на 62 место, а лани не беше рангирана.
Податоците се темелат на перцепцијата на генералните менаџери на компаниите и на статистиките на државните институции.
Според критериумите организиран криминал и судска независност, Македонија е меѓу 15 најлошо рангирани земји, односно е на 131 и 128 место. Бошков вели дека прво, администрацијата е крајно неефикасна и воопшто не му помага на бизнисот.
„Организираниот криминал, очигледно е дека секоја активност, дали е тоа јавна набавка, дали е капитална инвестиција, дали е бизнис со бизнис инвестиција, комуникација меѓу бизнисите, комуникација бизнис-државни органи и спроведување сервисни услуги, очигледно дека корупцијата и организираното поставување на тие зделки прво се „крчкаат“, така ќе го наречам, или се подготвуваат во кујната на тие што ја имаат позицијата и на тие што треба да ја дадат услугата и тоа со години наназад е така“, вели тој.
Бошков посочува дека недостасува и казнивост, а тоа го покажува и оценката за судската независност, која е рангирана на 128 место од 140 држави.
Од друга страна, министерот без ресор, задолжен за странски инвестиции, Аднан Ќахил, вели дека ниското рангирање на Македонија на листата на конкурентност се должи на долгогодишната политичка криза, затоа што бизнисот бега од кризи.
„Во овие години и половина се обидовме тоа да го анулираме, мислам дека и донекаде успеавме. Убеден сум дека со текот на времето тој скор ќе биде многу подобар, нема да бидеме на 84 место, ќе дојдеме можеби на 70, 60, па и подолу. Сето тоа со создавање на клима за инвестиции на што работиме посветено сите во владата“, вели Ќахил.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека падот од 22 места на листата на конкурентност за две години е резултат на лошото работење на владата.
Македонија е најлошо рангирана во делот на правосудтсвото, пазарите на кои фирмите имаат пристап, институциите и инфраструктурата. Најдобри оценки земјава има во бизнис амбиентот и во делот на инфлацијата.