Достапни линкови

Странските инвестиции, стабилноста и правната сигурност


Премиерот Зоран Заев на отпочнувањето на изградба на нова фабрика ДУРА, американска инвестиција во во ТИР зоната Скопје 2
Премиерот Зоран Заев на отпочнувањето на изградба на нова фабрика ДУРА, американска инвестиција во во ТИР зоната Скопје 2

Иако влезот во НАТО отвора врата за директен влез на странски инвестиции дома, упатените велат дека нивниот ефект би бил поочигледен доколку се решат проблемите со законските регулативи, политичка стабилност и правната сигурност во државата.

Влезот во НАТО ќе ги зголеми странските инвестиции во земјава, но нивната динамика нема да биде задоволувачка доколку не функционира правната држава, вели Аднан Ќахил, министер без ресор задолжен за странските инвестиции. Во неделното интервју на радио Слободна Европа, тој вели дека членството во НАТО ќе ја обезбеди политичката стабилност, која е важен елемент во привлекувањето на странски капитал.

„Ќе има зголемување на инвестициите, но ако нема правна држава, ако нема правна разрешница на многу работи и ако немаме договори во правец на влегување во ЕУ, сигурно динамиката нема да биде таква каква што посакуваме. Затоа и работиме како Влада да влеземе во НАТО, да почнеме пристапни преговори со ЕУ и во даден момент со решавање на проблемите со законските регулативи, со политичка стабилност и правна сигурност да им овозможиме на сите тие инвеститори да може да се чувствуваат дека се добредојдени во Македонија, како што цело време и јас и другите тоа им го објаснуваме“, вели Ќахил.

И професорот Вељанд Рамадани од Факултетот за бизнис и економија при Универзитетот на Југоисточна Европа вели дека членството во Алијансата гарантира и политичка и економска стабилност, кои според него се врвни предуслови за поттикнување и мотивирање на странските директни инвестиции.

„Таа гарантирана стабилност подоцна ќе биде пропратена со структурни реформи со што уште повеќе се зајакнува бизнис климата и атрактивноста на државата за привлекување на директни инвестиции од различни земји. Тоа што ни дава храброст дека Македонија може многу да добие од зачленувањето во НАТО се успешните приказни на сите земји кои беа во транзиција,а повеќето од нив не само што го дуплираа, туку го триплираа нивото на странски инвестиции по влезот во Алијансата“, вели Рамадани.

Во низата структурни реформи кои Рамадани ги посочува како исклучително значајни во привлекувањето странски инвестиции се правните аспекти на функционирање на државата, кои како што вели се своевидна гаранција за интелектуалната сопственост, за да можат инвеститорите полесно и поекономично да ги пласираат своите производи на странските пазари.

И министерот за финансии Драган Тевдовски пред извесно време објави дека искуствата на другите земји по нивниот влез во НАТО покажуваат висок раст на странските директни инвестиции, наведувајќи дека ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на нашите соседи Бугарија и Албанија, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции, вели тој.

„Кај Бугарија странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од 7 проценти на 19,8 проценти од БДП. Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од 5 проценти на 9 проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни“, изјави Тевдовски.

Инаку, според статистичките податоци на НБРМ, во првата половина од годинава во Македонија се влезени 327 милиони евра странски директни инвестиции. Инвестиците во овие месеци се директни странски вложувања, како и вложувања од постојните компании во државава кои продолжиле со инвестирањето.

Влезот во ЕУ и НАТО позитивно ќе се одрази и на развојот на бизнис заедницата во земјава, посочуваат дел од домашните стопанственици. Пристап до големите пазари, олеснување на транспортот, укинување на царината, поедноставен начин на исплати и пристап до фондови се само дел од позитивните ефекти кои би можел да ги донесе влезот во евроатланските структури.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG