Достапни линкови

Македонија и НАТО - еуфорија и критицизам


Двете најголеми партии од македонскиот полититички блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со спротивни ставови во однос на поканата на Македонија за членство во НАТО. За владејачката партија обезбедено е местото на земјата во Алијансата, но опозицијата смета дека Македонија нема да стане членка на НАТО.

Македонија ќе започне пристапни преговори со НАТО, откако Алијансата на самитот во Брисел донесе одлука официјално да и додели поканa за членство. Во заклучокот на самитот се вели дека земјата ќе стане членка откако ќе ги заврши сите процедури предвидени во договорот за името со Грција.

Додека ваквата одлука на НАТО владејачаката СДСМ ја оцени како историски успех и остварување на врвните стратегиски цели на Македонија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека земјата доживува дипломатски фијаско, бидејќи не добила безуслова покана.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека условите за членство во НАТО, Македонија ги има исполнето уште во 2008 година.

„Токму затоа како прв чекор на власта е оставка на Никола Димитров кој заедно со Зоран Заев ја донесоа државата во ќорсокак“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ истакнуваат дека вратите на НАТО се отворени и оти е обезбедено местото на Македонија во Алијансата. Оттаму додаваат дека со тоа се обезбедува стабилноста, развојот и иднината на идните генерации.

„Членството во НАТО не значи само обезбедена сигурност и стабилност, тоа значи и повеќе инвестиции, зајакната меѓународна доверба во македонската економија, нови работни места и повеќе пари во секое семејство“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од БЕСА, која е дел од владејачката коалиција, исто така сметаат дека одлуката на самитот на НАТО во Брисел да и се додели покана на Македонија за членство, претставува вест од историски размери за државата.

„Иако целиот процес беше со многу перипетии и пожртвуваност, денес сето тоа беше валоризирано. Денес стана реалност изгубената можност од 2008 година“, велат од БЕСА.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу објаснува дека Македонија освен обврските кои се предвидени во договорот со Грција, ќе треба да доврши и некои финеси кои се предвидени за полноправно вклучување во системот на НАТО. Според него, ситуацијата е јасна: ако Македонија ги спроведе сите обврски од договорот со Грција, ќе може да смета дека е членка на НАТО.

„Европската унија ги наведе во одлуката на Советот на Европа сите работи кои Македонија треба да ги исполни до јуни следната година, додека кај НАТО мислам дека ситуацијата е поконкретна, појасна и дека целиот процес е поконцизен. Македонија треба да го спроведе договорот со Грција и сите обврски од договорот и секако треба да се подготви за полоправна членка на НАТО, нешто што релативно добро е сработено“, вели Муслиу.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на самитот во Брисел изјави дека Македонија ќе му се приклучи на НАТО како 30-та земја членка во моментот кога сите национални процедури ќе завршат околу финализирањето на договорот за името.

Очекувањата во Брисел за зачленувањето во западниот воен сојуз се темелат врз очекувањата дека договорот со Грција ќе биде целосно спроведен, а тоа би требало да вклучува успешен референдум и уставни измени, по што тогаш Северна Македонија ќе стане членка на НАТО.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG