Достапни линкови

Бизнисот со недвижности трпи поради политичката криза


Иако статистичките податоци говорат за зголемена продажба на станови во вториот квартал, упатените во бизнисот со недвижности велат дека побарувачката за нив се намалува. Економистите велат дека и најмала политичка нестабилност би предизвикала негативен тренд и рестриктивни политики на купување.

Продажбата на новоизградени станови пораснала во периодот од април до јуни во однос на првиот квартал годинава, покажуваат најновите статистички податоци на Агенцијата за катастар на недвижности. Во периодот април - јуни 2018 година, на целата територија на Република Македонија се продадени 756 новоизградени станови што е за 30 станови повеќе од првиот квартал во 2018. Според економските аналитичари, зголемената побарувачка на станови не се должи на подобрената куповна моќ на граѓаните, туку е најверојатно резултат на психичката растовареност на граѓаните по долгогодишната политичка криза.

„Тоа повеќе се должи на некоја психичка емоција на луѓето поради политичката криза која траеше две години. Луѓето биле порестриктивни во купување на станови и други недвижности, па со решавање на кризата и постигнувањето на некаква стабилност луѓето се ориентираат кон старите навики, а тоа е да се купи нешто или да се направи капитална инвестиција, со парите заштедени од минатото”, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

Влегувањето во нова политичка криза по актуелните случувања по референдумот би предизвикало негативен тренд на купување и воведување на рестриктивни политики на купување на недвижности. Друг ефект на кој укажува Адеми е продолжување на трендот на иселување на младите од Македонија.

„Друг елемент кој е многу важен е дијаспората од Македонија. Досега имаше тренд луѓето кои се иселуваат од земјата да купуваат недвижности и преку нив да имаат некаква поврзаност со Македонија. Но, забележувам дека новата генерација на емигранти сè помалку инвестира во Македонија и тоа е загрижувачки за градежниот сектор во земјава кој за околу пет до десет години ќе влезе во некоја нормална линија на побарувачка на станови зошто досега беше вештачки подиган”, вели Адеми.

Спротивно на статистичките податоци, општиот впечаток на упатените во оваа област е дека побарувачката и продажбата на недвижности во земјава, опаѓа. Оливер Димитровски, сопственик на агенција за недвижности посочува дека сè помалку се бараат и купуваат и деловни простории.

Цената на кириите на дуќаните е падната во некои случаи до 70 отсто, а во најдобар случај за 45 отсто на атрактивни локации. Реално и нема актуелни барања. Бараат спортски кладилници, казина и слично, што е пак негативна појава во однос на тоа што значи позитивен бизнис,” вели Димитровски.

И Димитровски се согласува дека политичката нестабилност со сигурност ќе предизвика помал интерес за купување недвижности.

„Тој кој не купил досега и немал услови и немал пари, отсега па натаму и потешко. Ако се продлабочува кризата има најави дека ќе растат каматните стапки”, посочува Димитровски.

Цената на станбениот квадрат во земјава е прилично шаренолика. Очекувано, највисока е во скопските општини, а најниска е во Струга и во Кочани. Според Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар, највисока просечна цена на квадратниот метар е забележана во општина Центар од 58.345 денари. Најевтино стан може да се купи во Струга каде квадратот чини 23.963 денари.

Најголем број продадени станови има во општина Карпош, додека пак најголем број продадени куќи има на територијата на општина Прилеп, односно во овој период се продадени 26 куќи. Што се однесува до продажбата на деловниот простор, најмногу продажби се забележани на територијата на општина Центар каде што се продадени 32 деловни простори. Најмногу недвижности од типот на земјоделското земјиште се продадени во општина Тетово со 80 продажби, додека најмногу продадено градежно земјиште е регистрирано во општина Струга со 55 продажби.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG