Политичката неизвесност влијае врз џебот и желбите на граѓаните, се жалат луѓето од реалниот сектор. Продавачите во автосалоните велат дека со денови не влегол човек во салон. Велат се чувствува нервоза кај луѓето кои поминуваат и дека се тешко одлучни дали ќе се подноват со нов автомобил. Работниците кои се занимаваат со реновирање на домови велат дека невообичаено за овој период од годината имаат помалку работа. Сопствениците на помали фирми кои се занимаваат со услуги додаваат дека потрошувачите потешко се решаваат да извадат пари од џеб за некоја услуга.
Од друга страна, пак, со вработените во агенции за недвижнини со кои разговаравме велат дека нема поголеми промени на пазарот на недвижнини, односно дека тие што планираат да купат стан и овој период си бараат и купуваат. Но, додаваат дека се забележува зголемена понуда на станови годинава во однос на претходната, особено од луѓе кои веќе се иселиле и, како што велат, се „снашле“ во странство, па сега ги продаваат недвижностите кои ги имаат во Македонија.
На денот по референдумот, берзанскиот индекс отиде во црвено
Брокерите велат дека политичката неизвесност влијае негативно врз берзата, затоа што во периодов по завршувањето на референдумскиот процес падот на берзата се движи на ниво од 7 отсто.
„Тоа е резултат на намалениот оптимизам и неизвесност, кај најголем дел од инвеститорите во однос на евроатланските перспективи на државата“, вели Горан Марковски, главен извршен директор на КБ Публикум инвест.
Тој додава дека за жал, пореметувањата во политичката сфера на живеење се редовна појава во изминативе години и дека таквите потреси на берзата се случувало и во минатото.
„Најмногу целиот процес на преговарање и договарање ќе влијае и врз берзата. Зависно од исходот на овој процес што оди во тек на разговори, и воопшто на стабилизирање на политичката состојба ќе го определи идниот тек на движење на македонскиот пазар на капитал. Доколку се најде решение во догледно време сметам дека пазарот ќе се стабилизира и ќе се врати на претходните позиции, затоа што суштински кај компаниите ништо не е променето“, вели Марковски.
Социолозите велат дека несигурноста која ја носат политичките случувања се рефлектира и врз секојдневниот живот на граѓаните.
Професор Ѓорѓи Тоновски вели дека овој период создава доста несигурност кај граѓаните, изразена понекаде дури и во безнадежност.
„Таквата несигурност се одразува на сите полиња од социјалниот живот. Од една страна економското поле ја чувствува најмногу таа несигурност, затоа што тешко некој може да се осмели да влезе во големи инвестициски чекори. Мислам дека голем дел од проблемот на малите инвестиции во овој период се должи токму на оваа несигурност која се чувствува во општеството со една, дури би рекол, и драматична засиленост на појава на миграциските процеси. Има несигурност за иднината, што и како ќе се одвива“, вели Тоновски.