Достапни линкови

На бизнис секторот му требаат занаетчии, не административци


Шалтер за лични документи.
Шалтер за лични документи.

Ваква каква што е администрацијата не може да му се понуди на приватниот сектор, велат стопанственици и експерти по администација. На бизнис секторот му се потребни друг профил на работници.

На бизнис секторот му требаат занаетчии, не административци, велат стопанствениците за владината намера вишокот административци да го понудат на реалниот секторот. Експертите од полето на администрацијата велат дека првин се потребни сериозни анализи, а кога резултатите ќе бидат готови, ќе мора да се кратат работни места.

Професор Борче Давитковски од Правниот факултет, кој учествувал во подготовка на многу стратегии во полето на администрацијата, вели дека реалниот сектор никогаш нема да вработи административец.

„Административецот на работа е влезен по партиска линија и тој не е научен да работи, тој извршува партиски задачи, лепел плакати, сега најверојатно агитира за партијата итн., тоа е вообичаено, тоа, за жал, е дел од македонскиот фолклор. Реалниот сектор бара бравари, не бара административци. Новите фабрики што се отвораат бараат занаетчии, во администрација никој не е занаетчија“, вели Давитковски.

Тој вели дека функционалната анализа која е најавено дека се прави во администрацијата ќе треба да ги покаже следните чекори.

„Кога ќе излезат резултатите од неа и кога ќе се каже дека има превработеност, дека има триплирани надлежности меѓу министерствата, тогаш значи нешто треба да се преземе, а тоа е отпуштање“, вели Давитковски.

Од власта најавија дека ќе се прават анализи каде има вишок вработени, а каде недостасуваат стручни кадри, по што вишокот ќе му биде понуден на реалниот сектор.

„Ниту еден од вработените нема да остане без работа, туку во случај на потреба ќе има доброволно распределување во приватниот сектор“, вели министерот за администрација Дамјан Манчевски.

Тој објаснува дека прво ќе се прават анализи, а потоа ќе се види дали таквиот план ќе може да се реализира и под кои услови, но се надева дека сите би имале бенефит и работниците и државата и бизнис секторот, но може и да не дојде до тоа.

Пат до пеколот поплочен со добри намери е идејата за нудење на вишокот административци на бизнис секторот, вели Горан Рафајловски, експерт за меѓународно и домашно бизнис право. Тој вели дека им ја разбира добрата намера на владата да ги задржи на пазарот на трудот работниците што ќе се покажат вишок во администрацијата, но скоро е невозможно, како што вели, ваква каква што е администрацијата да се префрли во приватниот сектор.

„За да се префрли ви приватниот сектор најверојатно ќе се потребни преквалификации на истата, бидејќи на приватниот сектор најмногу му недостасуваат занаетлии и од областа на природните науки, кои за жал се помалку ги имаме, значи му требаат кадри од областа на машинство, на физика, на хемија, му требаат кадри од технолошки факултет, многу малку му е потреба вистинска администрација или организација на администрација која може да ја постигнат со доаѓањето во една компанија, што значи ја разбирам идејата, но тоа не е начин да се реши прашањето на администрацијата“, вели Рафајловски.

Од стопанските комори велат дека на нив им недостасуваат луѓе со средно образованиe, а не со факултет. Стопанствениците велат дека е потребна дебата на оваа тема и прекфалификација на вработените.

„Се поголем недостаток на кадар имаме во делот на кадар со средно образование. Во делот на високообразовниот кадар најмногу недостасуваат инженери и кадар од ИТ индустријата. Сега малку би се јавил проблем околу економисти и правници, затоа што сметаме дека тука има доста кадар на пазарот, меѓутоа преку заемна дискусија и ако им најдеме соодветно место на тие и тука ако се размисли на одредени можности за докфалификација и прекфалификација, адаптација на тој кадар за соодветно работно место сметам дека и за тие луѓе може да се најде соодветна работа“, вели потпретседателот на Сојузот на стопански комори, Александар Милошевски.

Колку од вработените во јавната администрација ќе му бидат понудени на приватниот сектор ќе се знае кон крајот на 2019 година, откако претходно ќе се реорганизираат и оптимизираат институциите. Процесот ќе биде јавен и транспарентен и во него ќе бидат вклучени и синдикатите и стопанските комори, најавуваат од власта.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG