Достапни линкови

Богата држава - сиромашни граѓани


Скопје
Скопје

Голем буџет, големи апетити, многу пари за трошење. Колку од тие планови ќе успеат да го подобрат животниот стандард на граѓаните е клучното прашање. Еден од најголеми економски предизвици е да се остави стопанството само да заживее во стабилен систем ослободен од политичарите и корупцијата.

Отстранување на долгогодишните слабости на пазарот, создавање подобри услови за силен извоз, поттикнување на потрошувачката и засилување на куповната моќ на граѓаните, како и намалување на невработеноста и подобрување на понудата и условите на пазарот на трудот се клучните економски предизвици со кои ќе треба да се зафати оваа Влада со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните, велат аналитичарите.

Граѓаните се жалат дека како и пред две години, трошат повеќе отколку што заработуваат и едвај врзуваат крај со крај во месецот.

Еве јас сум од буџет платена, јас не знам кога ми е последното покачување на платата. Ги ставија превозот и храната во плата и ни викаат покачени се платите. Ај не оди со автобус на работа, ај не појадувај на работа, не пиј кафе да те видам. Едвај се врзува месецот, позајмуваш од колешките.“

Платете ги сметките и толку е. За една недела ја нема платата. Еве јас земам 14 илјади денари, сметката ми е три ипол илјади за струја, 900 денари за вода, уште за телефони да се подмири и што ми останува?“

„Сум имал голем раскош, со три илјади денари можев да купам што ти душа сака. Сега со три илјади денари на овој стандард ќе изнакупиш три кеси, најнеопходни работи за дома. Памперси ќе земеш, тоалетна ќе земеш, сол, зејтин и тие работи и со три илјади денари ќе земеш за пет дена, а што правиш до крајот на месецот“, велат анкетираните граѓани.

Граѓаните посочуваат дека нивните месечни приходи не можат да ги следат поскапувањата и дека за разлика од платите во јавниот сектор за кој и догодина има најави за раст, платите во приватниот стагнираат со години.

Храната годинава е поскапа во однос на овој период минатата година. Индексот на трошоците на животот во октомври 2018 година, во споредба со октомври 2017 година, забележа пораст од 1,5 проценти, а индексот на цените на мало забележа раст за 2,7 отсто. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Економска година - секоја година, бараат економистите

За подобрување на економијата во земјава, е неопходно Владата да се посвети целосно на подобрување на состојбите, е не само повремено декларативно да ја става економијата во фокусот, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

„Се сеќавам на 2006-та кога Никола Груевски рече дека ќе има мораториум на сите други теми, и две години ќе се бавиме со економија и се бавеше, и гледаме каде ја доведе Македонија. Еве сега го слушам Заев дека оваа година ќе биде економска година. Ни една година не смее да не биде економска година, независно со кои други прашања се соочува државата“, вели Хајредини.

Последната оценка на Меѓународниот монетарен фонд покажува дека економската активност полека закрепнува по застојот во 2017 година. Во меѓувреме и Владата се пофали дека за прв пат економскиот раст годинава е базиран на реалната економија и ослободувањето од политичките спреги.

Но граѓаните сметаат дека тоа не е доволно, затоа што подобрувањата не ги чувствуваат во нивниот секојдневен живот.

Што ѝ е потребно на економијата за просечен раст од пет отсто?

За да може да се почувствува вистинско економско подобрување пред сè е неопходно политичко стабилно тло, реформи во администрација, капитални инвестиции, подобрување на инвестициска клима, а со тоа и буџет кој ќе биде насочен кон динамичен раст во економијата, велат економистите.

Професор Шенај Хаџимустафа вели дека самиот фокус на владата треба да биде на подобрување на можностите на реалниот сектор.

„Со тоа и подобрување на економските перформанси и поголем БДП, што сето тоа би значело дека се искористуваат самите ресурси на земјата во поголем процент, а со тоа секако и човечкиот фактор и капитал, којшто е најбитен, овозможувајќи на тој начин да се зголеми самата потрошувачка во земјата, инвестиции, сите тие елементи се поврзани во маѓепсан круг“, вели Хаџимустафа.

Гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска – Бежоска смета дека повисоки стапки на економски раст се можни само доколку фокусот во државата е врз структурните реформи.

„Ние сме мала и отворена економија, перспективите за поголем раст мора да ги бараме во надворешното опкружување. А за да бидеме конкурентни во надворешното опкружување, ние мора да работиме на структурни институционални реформи кои на крајот ќе продуцираат многу повисоко ниво на конкурентност на нашата економија. Во моментов нивото на конкурентност на нашата економија значајно заостанува“, вели таа.

Политиката да го остави бизнис секторот на раат, вели Горан Рафајловски, експерт за меѓународно и домашно бизнис право.

„Да не му се мешаат, да не му менуваат закони по итна постапка, како што се случи со последната регулатива со личен доход, да си оди по регуларна процедура, секоја регулатива е испеглана со бизнис заедницата и да се дојде неколку години по ред од над 5 проценти за да може и граѓаните да почувствуваат добробит од економијата во Македонија“, вели тој.

Рафајловски вели дека инвестирање и работење на инфраструктурни проекти е единствениот начин со кој една Влада може да ја подобри економската состојба.

Стопирањето на проектите во инфраструктура е голем гаф на кого било и тие ниту смеат да се сопрат ниту смеат со трансфер на власт да застанат, со идеја да се види дали некој имал криминал, криминалците ќе си ги затворите проектите ќе си продолжат“, вели тој.

Најголемиот буџет досега - домаќински или мегаломански?

Во меѓувреме Владата скрои најголем буџет досега, за кој, како што вели, ќе овозможи поголем економски раст, а со тоа и повеќе пари и подобар животен стандард за граѓаните.

Аналитичарите велат дека уште од сега е тешко да се замисли дека владејачката СДСМ ќе го исполни предизборното ветување за просечен економски раст од 5 проценти во текот на мандатот. Дури и ако се остварат проекциите за економски раст од 2,8 отсто годинава и 3,2 проценти во 2019-та, во втората половина од мандатот, БДП треба да се зголеми за најмалку 7 отсто за ветувањето да биде исполнето.

Премиерот во повеќе наврати се обиде да се извлече од критиките за економските политики со образложение дека ветените 5 проценти ќе станат реалност дури во последните години од мандатот на оваа влада, односно до 2021 година.

За економскиот раст од 3,2 проценти за догодина вицепремиерот Кочо Анѓушев уверува дека со сигурност ќе се реализира, затоа што, како што вели, крупните инфраструктурни проекти биле откочени и забрзано ќе продолжат да се градат наредната година.

Токму автопатот Кичево – Охрид, кој ќе чини 187 милиони евра повеќе од првично планираното, беше посочен како главна причина за енормното зголемување на јавниот долг што се очекува догодина од сегашните 48 да се зголеми на над 54 проценти од БДП.

„Ќе зависи од тоа со колкав интензитет ќе бидат капиталните инвестиции во Јавното претпријатие за државни патишта. Значи ќе зависи колку тие ќе работат за да влечат кредити и да исплатат. Во нашата проекција, значи тоа е главно, ние одиме со максимален износ“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски, ублажувајќи ги реакциите во јавноста за растот на долгот.

За опозицијата, пак, буџетот е недомаќински и на товар на граѓаните.

„Сите психолошки бариери оваа власт ги сруши, а ако се земе предвид дека целата економија крахира и тоне, прогнозите се сè поцрни и поцрни. Годината, според меѓународните финансиски институции, ќе ја завршиме со рекордно најнизок раст во регионот и во Европа“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Буџетот е повеќе социјален, а помалку развоен

Владата тврди дека економскиот раст ќе го билдаат инвестициите, но од друга страна ги зголемува платите и социјалните трансфери, па најверојатно повеќе ќе зависи од личната потрошувачка, тврдат бизнисмените.

Рафајловски, посочува дека за да може буџетот да биде развоен, неопходно е да се направат болни реформи и кратења, особено во делот на плати.

„Со драматични мерки, со многу крв, со многу стегање и побуна. Но, се постигнува. Сега за да се постигне, треба повеќе сегменти да се исполнат. Треба да се скрати делот од буџетот кој оди на плати и придонеси, непланирани трошоци кои ги прават владините тела, Собрание, државни управи и така натаму. И на крајот за инфраструктура и капитални инвестиции останува толку малку што тие не се ни чувствуваат. Само капиталните инвестиции може да го кренат нивото на развој и да ѝ овозможат на бизнис заедницата да креира тоа што најдобро го знае, а тоа се пари, а со тоа и нови работни места, повеќе даноци и она што ѝ е потребно на Македонија“, вели Рафајловски.

Хајредини додава дека е негативно тоа што оваа Влада не успеа да скрати од буџетот кој претходната немилосрдно го трошеше.

Зошто предвидува плус повеќе пари од тие што биле немилосрдно трошени, предвидува 300 милиони плус од претходно, што значи дека обезбедуваат услови за безмилосно да трошат и некои популистички чекори да ги направат за донација, за поттикнување на инвестиции итн. Треба што е можно повеќе пари да им се остават на стопанството за бизнисот и стопанствениците сами да работат, а не да им се дотураат по две три милиони денари и демек еве ги помагаме. Нема помош во пазарно стопанство, има мерки на економска политика и даночен систем и стопанството да имаат пари сами да вложуваат, а не да чекаат Владата да донира“, вели Хајредини.

Владата пропушти да направи многу работи и направи работи што не требаше да ги прави. Само ако одеше спротивно од тоа што го правеше минатата Влада ќе беше успешна без да измислува топла вода, вели Хајредини.

„За прв пат имаме највисок буџет од кога било, значи апсолутно владата требаше да се сврти кон реформа на она што го наследи од претходната Влада со државната администрација и оспособување на државни службеници за да ги извршуваат задачите кои им се со закон и Устав дадени и тие да не се бават со политика. Вложувањата во јавниот сектор, иако е стара болка, најслаби резултати покажа оваа Влада тука, и тие минимални пари што се планираат во буџетот за јавни вложувања не може да ги оствари. И тоа заменикот премиер во октомври рече дека ќе го надоместеле во следните месеци што е несериозен пристап. Тоа што не е направено девет месеци, ќе се направело во последните три месеци, што не знам како е тоа можно“, вели Хајредини.

Во меѓувреме од Меѓународниот фонд бараат реформи за надминување на слабостите на пазарот на трудот, правосудството, администрацијата, но и намалување на јавниот долг. Во меѓувреме, доцнењата на големите инфраструктурни проекти, падот на градежните активности и провлекувањето на неизвесностите продолжија да ги одложуваат инвестициите. Севкупните макроекономски состојби се поволни со ниска базична инфлација, дефицит на тековната сметка во опаѓање и позитивни трендови на девизниот пазар. ММФ додава дека растот се очекува постепено да се приближува кон 3,5 отсто на среден рок.

За пет лири можеа да се купат пет јаболка, сега само четири

Живот на рати и со мали плати
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:03 0:00

Во Турција инфлацијата годинава се покачи на над 25 отсто и е највисока во изминативе 15 години. Тоа има влијание врз пошироката економија која е изнемоштената и од валутната криза, но и од трговската војна со Соединетите Држави. Што мислат Турците во врска со живеење во голема инфлација?

Гоце Атанасов

Цените во Турција секој месец растат, а само во октомври скокнаа за 2,67 проценти. Тоа е повеќе од претходните прогнози дека цените ќе се зголемат за 2 отсто.

„Тоа е највисока стапка на инфлација во изминатите 15 години, 25 проценти е многу висока инфлација и се одразува врз цените. Претходно можевме да купиме 5 јаболка за 5 лири, но сега можеме да купиме само четири“, вели турската брокерка Хулија Ајаноглу.

Со тоа се соочуваат и продавачите и потрошувачите.

„Нашата куповна моќ е сведена на нула. Ние не можеме да купиме ништо и не можеме да продадеме ништо. Тоа не е само со мене, трафиката за весници која беше до мене, пазарот, продавничките. Сите наши тезги се празни. Никој не купува“, вели сопственичката на тезга, Дилбер Јаг.

„Се разбира, како граѓанин мислам дека е превисока. Затоа работничката класа, па дури и пензионерите, се многу погодени од овие услови. Ние навистина преживуваме“, додава пензионерот Ејуп Озен.

Инфлацијата, која ја предвиде министерот за финансии Берат Албајрак, забрзано се зголемува. Таа е дополнително поттикната и од лизгањето на вредноста на националната валута, лирата, што ја натера владата да ги намали прогнозите за економски раст. Турската економија се очекува да се намалува во овој и во идниот квартал, обесхрабрувајќи ги сите потези на Централната банка за справување со зголемувањето на притисоците врз цените со дополнително зголемување на референтните каматни стапки.

„Мислам дека ќе биде срамно Централната банка да мора повторно да ги зголеми стапките ако податоците за инфлацијата продолжат да бидат разочарувачки, бидејќи ова само ќе ја направи рецесијата подлабока“, вели Тимоти Еш, стратег во Blue Bay Asset Management.

Исто така вредноста на лирата во однос на американскиот долар постојано се намалува. Оваа валута годинава е за околу 30 отсто подолу, што е предизвикано од загриженоста за растечката инфлација и од влошените врски со Вашингтон.

„Запаметете дека постои трговска дискусија меѓу САД и Турција и кога имате најголем трговски конфликт со најголемата економија во светот, а стапката на инфлација е над 25 отсто, секако дека тоа ќе предизвика големи проблеми. Значи, тоа може да биде неверојатно штетно“, вели аналитичарот Џејмс Хјуз.

Растот на инфлацијата беше предводен од зголемувањето на цените на облеката и чевлите за 12 проценти и на трошоците за домување за 4 отсто. Во последниве години цените на производите се зголемија за 45 проценти. Министерот за финансии, Албајрак, кој му е зет на претседателот Реџеп Таип Ердоган, е самопрогласен непријател на високите каматни стапки, очекува значително намалување на инфлацијата. Тој, осврнувајќи се врз шпекулациите за тешко приземјување на турската економија деновиве рече дека „никој не треба да очекува Турција пресилно да ги притисне сопирачките за да ја запре колата“.

Албајрак објави целосна борба против инфлацијата во октомври, повикувајќи ги сите компании да понудат 10 отсто попуст за предмети што ќе влијаат врз неа до крајот на годинава. Според него, делумното намалување на потрошувачката ќе ја намали инфлацијата и привремено ќе ја зголеми потрошувачката. Но, најновиот пораст на инфлацијата немилосрдно значи дека реалните каматни стапки паднаа длабоко во негативна територија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG