Владата работи на стабилизирање на јавниот долг. Во проекциите на буџетот за следната година дефицитот е намален и предвидено е да изнесува 2,5 отсто, но јавниот долг ќе расте и, според фискалната стратегија, ќе надмине 54 проценти од БДП. Долгот ќе порасне повеќе од владините задолжувања, пред сè поради задолжувањата на Агенцијата за патишта за автопатот Кичево-Охрид, велат во владата. Оваа Агенција не е буџетска институција, но нејзиниот долг влегува во јавниот.
Министерот Драган Тевдовски вели дека во буџетот нема таква проекција, дека тоа е дел од стратегијата на владата, и дека како Министерство се надеваат процентот на јавниот долг да биде значително понизок. Јавниот долг го сочинуваат буџетскиот дефицит, он-лендинг кредитирањето на државниот долг и кредитирањето на некои јавни претпријатија, тука пред сè станува збор за Јавното претпријатие за државни патишта.
„На централно ниво ние работиме сè да го намалуваме буџетскиот дефицит со цел да постигнеме стабилизирање и намалување на јавниот долг“, вели Тевдовски.
Зголемувањето на јавниот долг ќе се должи на интензивирањето на капиталните инвестиции, односно изградбата на патот Кичево-Охрид. Кредитот за доизградба на автопатот е речиси 200 милиони евра.
Дефицитот ќе се финансира со заем за буџетско финансирање гарантиран од Светска банка, но има разлика од претходната власт која земала вакви заеми, вели Тевдовски.
„Разликата е што тие парите ги користеа за непродуктивни трошоци, како споменици, жални врби и фасади, а ние го избираме потешкиот пат, но за нешто што е за подобрување на економијата, но е потешко за реализација. А нашата интенција е да обезбедиме најдобри услови за финансирање“, вели министерот.
Државата планира да се задолжува и дома и во странство, во зависност со условите. Засега има добри услови на домашниот пазар, вели Тевдовски. Тој изјави дека не планираат да се задолжуваат повеќе од две аукции месечно.
Буџетот тежок 3,7 милијарди евра е најобемен досега, но сите министерства не добиле онолку пари колку што побарале, вели премиерот Зоран Заев. Едно е зошто буџетот е лимитиран, а друго е и зошто сите не заслужуваат вели тој.
Власта се надева на пораст на капиталните инвестиции, кои годинава во голем дел останаа нереализирани па парите се пренаменија. Заев и Тевдовски велат дека сега работите кои ги кочеа инвестициите се отстранети. Капитални инвестиции ќе има во железничката и патната инфраструктура и на гасификацијата. Премиерот напомена дека по три години е откочена првата фаза од пругата Куманово– Бељаковце што се однесува на гасификацијата се гради во двата правци Кавадарци -Прилеп - Битола, а се гради гасоводот и на потегот Скопје- Тетово - Гостивар, а што се однесува до патиштата се реализираат сите освен Кичево - Охрид, но и таму се тргнати работите.
Заев најави дека идната недела во Парламентот ќе има дебата за клиничкиот центар кој треба да се гради во Скопје, а во игра се неколку локации.
Премиерот Зоран Заев презентирајќи го предлог буџетот за следната година рече дека ќе има пресвртница на економските политики. Владата промовира пензиски и социјални реформи и праведно оданочување.