Иако стапката на невработеност е историски најниска досега и изнесува 21,1 проценти, според последниот извештај на Светката банка за напредокот на земјата, повеќе од половина од работната сила во Македонија е неактивна на пазарот на трудот. Причините за ваквата состојба според упатените се повеќеслојни, но според нив голем дел од „неактивните” се всушност активни во сивата зона.
„Станува збор за статистички податоци кои зборуваат за „неактивни” граѓани, но тоа не значи дека тие не се активни, туку дека не се вклучени во системот и не се регистирани, односно остануваат во незаинтересираната, лесно приходлива сива зона. Тука секако постојат и ремитенциите, оти и сами знаеме дека околу 600. 000 луѓе се иселени од земјата и тие праќаат по некој денар на домашните или на роднините по кој било основ“, вели Миле Бошков, претседател на Конфердерација на работодавачи.
Кога е поголем бројот на неактивно население од бројот на сиромашните, лесно може да се заклучи дека тие луѓе имаат некакви приходи и оти не се големи искористувачи на социјалната помош и права, вели Бошков и додава дека менталната бариера на недоверба на граѓаните кон системот постои и ќе ни треба многу време и посветеност да се подобри таквата слика.
Но, како да се мотивираат „неактивните” повеќе да се ангажираат на пазарот на трудот? Некои сметаат дека ниските плати ги обесхрабруваат луѓето да побараат работа, но според Бошков платата не е секогаш пресудна.
„Пари секогаш недостасуваат или секогаш се малце, ама тоа не значи дека луѓето не прифаќаат да работат за одредена сума на пари”, дециден е Бошков.
Други, пак, сметаат дека една од причините за недоволната активност на луѓето на пазарот на труд е недостигот на мотивација и потребните вештини за непречено извршување на работите.
Професорот Илија Ацески од Филозофскиот факултет како особено важна причина ја истакнува и неподготвеноста на кадрите да одговорат на можностите и потенцијалите кои се бараат на пазарот на труд.
„Добар дел од факултетите создаваат неспособни кадри, искомплексирани кадри. Барем една третина од оние кои дипломираат не се способни за ништо. Тоа е вина на образовниот систем, ние не се врзуваме со тоа што надвор е потреба, тие не не прашуваат нас, ние ништо не ги прашуваме итн”, вели Ацески.
Според извештајот на Светската банка 80 проценти од невработените влегуваат во категоријата на долгорочно невработени. Од Конфедерацијата на работодавачи велат дека во моментот, невработеноста кај младите е над 50 проценти. Голем дел од младите се оние кои завршиле високо образование.
Економистите се согласуваат дека ваквата состојба на „неактивна” работна сила е штетна за македонската економија, бидејќи ја прави помалку продуктивна, а поради намалениот потенцијал за економски раст се доведува во прашање плаќањето даноци во иднина.