Нереални споредби на Македонија со Европа, парите од воените вежби на НАТО на Криволак не ни требале, Груевски на чекор до затвор, но тоа за некои е политички прогон, премиерот очекува широка парламентарна поддршка за уставните измени, но народот не му дал право за тоа. Ова се горе-долу темите околу кои посетителите на ФБ страницата на РСЕ најмногу ги кршат копјата.
Александер Штерн смета дека 90 илјади денари месечна заработка, над кои Владата предлага данок од плус 8%, се мизерна плата во Европа, „нели ни ја отековте главата една година со НАТО, па ЕУ, а од друга страна и тие што малку повеќе заработуваат сакате да ги уништите, само да има пари за администрацијата. Со оваа мерка и тие што толку заработуваат ќе си заминат од Македонија.“ И сè вака во овој стил. Валон Матуши, меѓутоа, со интересна забелешка: „Не можам да разберам нешто, сите се бунат дека им се мали платите, кога ги покачуваат даноците за побогатите, сиромашните се бунат повеќе од нив, или, пак, сите земаат, па не кажуваат колку земаат месечно“.
Анализите покажуваат дека членството во НАТО ќе значи поголема безбедност за земјава и повеќе пари - околу 3 до 5 милиони евра се слеваат во локалната економија за време на големи воени вежби, но за Угрин Никола „само дебилен народ и раководство се радуваат на такви пари.“ Во постовите се среќаваат и поучно-филозофски размислувања. Горан Ристан објавил кратко видео за „вистината за НАТО придобивките во Либија“, а Перо Јанкуловски го поучува: „Па затоа треба да бидеме во НАТО, во спротивно ќе бидеме како Либија, Сирија, Ирак“ и ја кажува поговорката: „Ако не можеш да го победиш, придружи му се, значи каде што има сила нема правдина, ама има итрина“.
8 ноември е датумот кога Никола Груевски би требало да се јави во затвор. Некои од оние што коментираат се лути, некои среќни. Менде Илиев вели: „Ај, аирлија да е, првин тој па после Зајко“. За Горан Младеновски мерцедесот бил купен за државата од легален увозник, „сè додека не му докажете криминал за сите нас ова ќе биде политички прогон!“
На ФБ страницата на РСЕ мошне активни се противниците на Договорот со Грција, додавката на името и на уставните измени што произлегуваат од него. Нена Огњановска го прашува премиерот Зоран Заев: „Кој ви даде право? Народот од кој го црпите легитимитетот?“ И во повеќе други постови се спомнува „народот“, па Весна Костовска испровоцирана постирала: „Го коментирате народот што 11 години изгласуваше криминалци? За многу важниот глас на тој народ зборувате, или не знам, за некој друг народ станува збор?“