Владата донесе одлука за утврдување на Програма за намалување на аерозагадувањето како стратешки приоритет, соопшти денеска на прес-конференција заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, наведувајќи дека проблемот ќе се решава преку план и координиран пристап во повеќе сектори на централно и локално ниво.
Макрадули изјави дека со посебни буџетски средства „исклучиво“ за активности поврзани за намалување на аерозагадувањето, целта на програмата во рамки на двегодишниот план за чист воздух, е да го намали аерозагадувањето во Скопје до 50 отсто, а во другите градови меѓу 30 и 50 проценти.
„Начинот на финансирање на активностите е почетен посебен фонд од 1,5 милиони евра и овие средства се покрај оние што постојат за различни активности на различни министерства поврзани за заштитата на животната средина и другите министерства во вредност од 20 милиони евра“, рече Макрадули.
Активистите од граѓанската организација „О2 Коалиција“ денеска реагираа дека Владата само за аерозагадување дава 1,5 милиони евра, во истовреме кога одобрува 187 милиони евра за анекси на автопатот Кичево-Охрид, долг 57 километри, но и дека политичките партии од буџетот ќе добиваат 4,5 милиони евра на годишно ниво.
„Со ребалансот минатата недела, над 2 милиони евра се тргнаа од заштитата на животната средина. Сега пола милион помалку се одобрува за борба против аерозагадувањето“, наведуваат од „О2 Коалиција.“
И други експерти во изминатиов период посочуваа дека за решавање на проблемот со аерозагадувањето се потребни стотици милиони евра и многу знаење за Македонија суштински да почне да го решава најсмртносниот еколошки проблем – аерозагадувањето.
Професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје неодамна изјави дека 50 милиони евра чини само дислоцирањето на 30.000 тони канцерогениот пестицид линдан од депонијата на фабриката „Охис“ во Скопје, од каде 40 години се разлетува токсична канцерогена прашина што ја дишат скопјани.
Од „О2 Коалиција“ потсетуваат дека Владата вети повторно воспоставување на Фондот за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина.
„Ова ви беше ставено како итен реформски приоритет кој требаше да се реализира во првите 6 месеци од доаѓањето на власт. Две години по избори и борбата против аерозагадувањето станува стратешки приоритет со одвоени 1.6 милиони евра. Исто како што ветивте. Само за сто пати помалку и година и пол покасно“, велат од „О2 Коалиција.“
Од граѓанската организација истакнуваат дека во 2016 година се собрани над 183 милиони евра од даноци поврзани со животната средина, во 2015 се собрале над 168 милиони евра, а во 2014 година над 148 милиони евра.
„И сега се одвоени 1.6 милиони евра против аерозагадувањето? Со препорака дополнителни финансиски средства да се обезбедат преку донации. За аерозагадувањето милостиња ќе се чека, ама за патот Кичево-Охрид, анекс на анекс и задолжување може за 200 милиони евра без пардон“, велат од „О2 Коалиција.“
Оттаму велат дека го бараат она што следува од даноците кои граѓаните ги плаќаат од таксите за животната средина и дека ова се „срамни залажувања и лажно прикажување на борба против загадениот воздух“, во услови кога во земјава над 3.000 луѓе годишно умираат од загадениот воздух.
Макрадули денеска изјави оти во рамки на двегодишниот план, во 2019 година за мониторингот ќе се набават нови инструменти за 18-те постоечки станици, дека 10.000 домаќинства ќе бидат приклучени на постоечкиот топлински оператор и оти ДДВ-то на испорачаната топлинска енергија ќе се намали од 18 проценти на 5 проценти за дополнително стимулирање на приклучувањето, за транспортот ќе се воведе посебен зимски режим за сообраќај во деновите кога загадувањето е повисоко, за урбанизацијата и зеленилото ќе се реализираат плановите за зазеленување со средства од кои се компензација од изградбата на гасоводот на Водно, а ќе има и засилени контроли во градежништвото, рече Макрадули.
„20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20 илјади домаќинства ќе користат инвертор клима уреди за затоплување, 2 илјади домаќинства од социјално ранливите категории субвенционирано ќе го променат начинот на греење“, рече Макрадули додавајќи:
„Во делот на индустријата клучот ќе биде брзото носење на законот за индустриски емисии, каде што се дефинираат построги правила, подобрување во добивањето на интегрираните еколошки дозволи ќе има потранспарентен мониторинг. Се разбира дотогаш, додека во Собрание се донесе тој закон, ќе ги зајакнеме контролите, од по повик, во редовни, во оние капацитети со А дозвола, без исклучок, и редовните контроли на малите компании“, рече Макрадули.
Претставници и на други граѓански организации изминатиов период предупредуваа дека на Македонија ќе и бидат потребни од две до четири милијарди евра за да ги достигне европските стандарди за животна средина, наведувајќи дека парите кои граѓаните на Македонија ги плаќаат врз основа на еколошки даноци завршуваат во централниот буџет и дека бараат да биде направен Фонд за животна средина.