Достапни линкови

Еколошкиот данок завршува во буџетот и во општините


Дива депонија во Скопје, на патот меѓу населбите Кисела Вода и Сопиште
Дива депонија во Скопје, на патот меѓу населбите Кисела Вода и Сопиште

Од парите кои се собираат по основ на данок за животна средина само помалку од еден процент одат на сметката на Министерството за животна средина. Останатото завршува во буџетската и во општинските каси. Според експертите, парите од даноците треба да се користат исклучиво за заштита и унапредување на животната средина.

Стотици милиони евра собрани по основ на данок за животна средина завршуваат во буџетската и општинските каси, а само 0,6 отсто одат во рацете на Министерството за животна средина. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, државата по основ на даноци за животна средина во 2015 година собрала околу 171 милион евра. Најголем дел од парите, како што наведуваат од Владата, завршуваат како директен приход на буџетот и на сметка на општините кои најдиректно се зафатени со влијанието од производството на енергија од фосилни горива. Министерството за животна средина, според податоците од Владата, годишно добива само по околу милион евра од собраните пари.

Ана Чоловиќ - Лешоска од граѓанската организација Еко-свест вели дека сите средства што се собираат врз основа на еколошката такса треба да се користат само за заштита и унапредување на животната средина.

„Во Македонија се укина фондот за животна средина пред многу години и има иницијатива за негово повторно воспоставување. Сметаме дека тоа прво е многу неопходно, а второ ќе бара структурно менување на начинот на кој што се менаџираат средствата. Сите еколошки такси треба исклучиво да се искористат за нивната примарна намена“, вели Лешоска.

Чоловиќ-Лешоска додава дека јасно е оти пари има, но не се насочуваат на вистинското место.

„Проблем е што средствата, иако се собираат, ако не се вложуваат во заштита на животна средина не сме постигнале ништо. Го погледнуваме буџетот на Министерството за животна средина кој е примарно за администрација и за некои мали проекти, односно мали средства се двојат за нешто конкретно и јасно ни станува. Го погледнуваме буџетот на Државниот инспекторат за животна средина и тука ни е јасно дека средства навистина не се двојат за животна средина и ова историски доаѓа како неприоритетна тема“, смета Чоловиќ-Лешоска.

Во 2016 година, според статистичките податоци, за заштита на животната средина државата потрошила околу сто илјади евра. Од Министерството за животна средина не добивме одговор дали е потребно повеќе средства од даноците да завршуваат во нивната каса или да се отвори специјален фонд за таа намена.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG