Депонијата Дрисла со години согорувала медицински отпад со печка која не ги запазувала потребните еколошки стандарди. Нејзиното несовесно работење најмногу се одразило врз околното население кое се жали на бројни заболувања како резултат на загадувањето.
Но овие денови медицинскиот отпад стои складиран во контејнери. Печката престана со работа на 1 јануари, откако депонијата се најде во фокусот на јавноста по вонредниот инспекциски надзор. Мерењата на воздухот покажале надминување на просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина. Државниот Инспекторат за животна средина ја казни депонијата со 8500 евра и решение за ограничување на работата од осум часа дневно и целосна забрана за работа кога загадувањето е алармантно.
Од депонијата Дрисла тврдат дека работат согласно сите законски прописи во Македонија, но признаваат дека печката не ги запазува европските стандарди.
„Казната се однесува за инсенераторот кој е стара технологија доделена како донација во 2001 година и која не е согласно европските директиви (но работи со дозвола од страна на Министерството за животна средина на РМ), и секако мора да се замени со нова технологија односно нов инсенератор, а кој е во фаза на набавка и се очекува во текот на јули 2018 да биде пуштен во употреба, затоа е изречена минимална казна од 8.500 евра, а инаку за неправилно работење казната е многу поголема и резултира со затворање на инсенераторот. “
Жителите го плаќаат данокот од Дрисла
Околните жители се спротивставуваат на тврдењата на Дрисла и данокот за нејзиното несовесното работење, велат дека го плаќаат тие. Доказ за тоа, според нив се се повеќето случаи на заболени лица.
„Да ви кажам многу лошо. Едни викаат имаат проблеми со дишење други со други заболувања. Имам информација дека последната година тука преку 20 луѓе имаат заболено од карцином и викаат дека сето тоа е одраз на депонија Дрисла. Во вечерните часови кога е магла нема шанси да излезеш надвор. Децата ги носиме настрана за да дишат свеж воздух. Моите деца не излегуваат по цел ден“, вели Фатимир Тофиловиќ, жител на село Батинци, кое се наоѓа во близина на Дрисла.
„Не сум само јас во Батинци во последно време имаме зголемен број на заболени од канцер, кој на бели дробови, кој на простата, на штитна жлезда“, посочува Џибо Туциќ.
Особено во летниот период кога депонијата не ја покриваат со одреден слој на земја се осеќа голема смрдеа и реа и воздухот е тежок за дишење. Не можеме да излеземе во бавча и на тераса и приморани сме да ги затвораме прозорците во текот на ноќта“, вели Изудин Бачевац.
Според нив, освен нивното здравје, негативно влијание се забележува и врз животната средина.
„Јас тука живеам веќе 20 години, а Маркова река до пред 10 години беше чиста. На крај на мај кога ќе ја испуштат отпадната вода рибите поради тоа што толку е загадена се фрлаат од вода на копно и умираат. Овошките на еднаш се сушат“, додава Туциќ.
„Не сме задоволни со филтрите кои ги ставија за отпадните води кои излегуваат од депонијата го уништуваат животинскиот свет во депонијата. Ако продолжат вака животинскиот свет за некое време целосно ќе изумре“, смета Бачевац.
И советникот во општината од владејачката СДСМ, Нусрет Пашалиќ вели дека се чувствуваат последиците од загадувањето. Според него, одговорноста пред се ја сноси концесионерот.
„Па нормално во ова село во последно време сите што умираат од канцерогени заболувања и имаат многу проблеми луѓето со дишни патишта и бели доробови“, вели тој.
Институтот за јавно здравје: Дрисла не е доминантен загадувач
Од Институтот за јавно здравје немаат информации за здравствениот статус на населението околу Дрисла, бидејќи повторно фокусот е на целиот град.
„Здравствениот сектор засега не правел такви истражувања, бидејќи ние сме фокусирани на големата слика на загадувањето во Скопје, притоа (Дрисла), која не е доминантен загадувач на град Скопје, а имајќи во предвид прилично лимитирани технички и хумани капацитети на институциите кои го следат влијанието фокусот беше да се види влијанието на главните загадувачи“, вели доктор Драган Ѓоргев.
На подарена печка филтри не се ставаат
Печката и била донирана на Дрисла од страна на британските власти. Кога била ставена во функција важеле поинакви закони, но неколку години подоцна во 2005 и 2006 година со усогласувањето на нашето законодавство со тоа на Европската унија, Дрисла имала обврска да ја усогласи својата технологија со најдобрите технологии од областа на согорување на отпадот.
Претпријатието дури во 2011 година, според документите до кои дојдовме до Министерството за животна средина доставило известување за намера за изградба на нова постојка за согорување на опасен отпад. За таа цел била нарачана и студија за влијанието на проектот врз животната средина во која е наведено дека не е можна адаптација на постоечката печка, бидејќи не ги исполнувала законските барања.
Новата постојка, според студијата би ги задоволила строгите еколошки параметри за емисија на гасови и на тендер за таа цел била избрана и фирма која доставила најповолна понуда. Согласност издало и Министерството за животна средина.
Меница за нова печка имало, но се уште се чека на неа
Тоа го потврдија и од град Скопје, а за набавката постоела и меница од 700 илјади евра, но никогаш не била реализирана од непознати причини. На прашањето зошто до сега не била набавена нова печка од Дрисла не добивме одговор.
За нереализираните планови говорат само подигнатите ѕидови каде би требало да се наоѓа новата печка.
Министерството за животна средина иако било запознаено за недостатоците на печката и покрај тоа што Дрисла не набавила нова, во 2013 година на депонијата и издало интегрирана А еколошка дозвола.
„Прашање е каде беа институциите од 2013 кога самиот оператор, Дрисла, не исполнил ниту една од мерките. Тие имаа обврска секоја година да извршат мониторинг до каде и како е спроведувањето на тие мерки за намалување на загадувањето, но очигледно до сега е направен некаков пропуст“, вели Александра Бујароска од Фронт 21/42.
А-интегрираната еколошка дозвола, според законот се заснова на примена на најдобрите достапни техники. Според Бујароска може да се увиди и на терен дека Дрисла воопшто не ги исполнила барањата од еколошката дозвола, и дека ја искористува својата положба оти медицинскиот отпад мора веднаш да се согорува.
„На некој начин ја искористуваат нивната положба и од нивна страна нема совест или какво било исполнување на тие мерки“, вели Бујароска.
Депонијата загадува, но без неа не се може
И од Град Скопје и од Министерството за животна средина признаваат дека Дрисла придонесува кон загадувањето на воздухот, но и дека без депонијата не се може и не е препорачливо медицинскиот отпад да се складира.
Недостатокот на водени филтри со кои се загрозувала животната средина не ја спречувала Дрисла да ја користи печката. Секоја година количината на медицински отпад кој се согорувал се зголемувала особено во последните три години. Се претпоставува дека на територијата на Македонија има околу 2.500 тони медицински отпад на годишно ниво, а капацитетот на печката на Дрисла е 250 кг на час.
Според податоците, до кои дојдовме доколку од годината се одземат празниците и викендите кои вообичаено се неработни излегува дека во 2015 година се согорувал отпад по околу 12 часа дневно, наредната година по 16 часа, а минатата 2017 година по 17 часа дневно.
Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека апсолутно сите депонии претставуваат ризик по здравјето на луѓето, вклучително и Дрисла која не ги задоволува сите параметри за справување со отпадот.
„Значи апсолутно сум за тоа дека депониите претставуваат сериозен извор на загадување, меѓутоа не само на воздухот, туку безмалку во сите медиуми на животната средина“, вели Ѓоргев.
Од Дрисла тврдат дека на местото на депонијата се дише многу поквалитетен воздух отколку во Градот Скопје и за тоа доказ е мерната станица поставена од ФИНКИ. Препораките се печката во деновите кога загадувањето во Скопје е над дозволените граници да работи ограничено, а не се работи за тоа дека инсенераторот секојдневно во текот на годината работел повеќе од дозволеното, наведуваат од претпријатието.
„Депонијата Дрисла и инсенераторот работат во текот на целата година и кога нема загадување во Градот Скопје, а од почетокот на оваа година воопшто и не се согорува отпад во инсенераторот, а загадувањето во Градот во овој период е на највисоко ниво, што значи дека Дрисла и инсенераторот не се причинители за загадувањето на Градот“.
Обвинителство отвори истрага
Од Основното јавно обвинителство Скопје по допрен глас отворија предмет за работењето во депонијата за кривично дело загадување на животната средина и природата. Проблемите за Дрисла не завршуваат тука.
Освен можното обвинение актуелниот концесионер на депонијата води уште една битка пред вишиот Управен суд. Правото на концесија на ФЛЦ Амбиенте од Италија се оспорува од добивањето на тендерот во 2013 година.
Управниот суд во последната пресуда наведува дека компанијата немала никакво искуство и била формирана два дена пред продолжниот рок за истек на тендерот. Конзорциумскиот партнер Униеко кој ја формирал фирмата всушност се занимавал со градежништво и производство на цигли и го немал ни потребниот обрт на пари.
Но, ако во минатото град Скопје и покрај одлуките на Управниот суд повоторно им ја доделуваше концецијата овој пат новите локални власти имаат поинаков план. Управниот суд, според пресудата ја уважи тужбата на германската компанија Шолц и го задолжува градоначалникот на град Скопје да го потпише договорот за заедничко вложување во јавното претпријатие. Град Скопје поседува 20 проценти од депонијата.
Од Дрисла велат дека очекуваат одлуката на Управниот суд да биде поништена, бидејќи не е донесена согласно законите.
Профитот на Дрисла секоја година се зголемува
Но, новата локална власт не им е наклонета ниту на Италијанците, ниту е на страната на Германците кои ги исполнуваат условите за концесија. Од таму велат сакаат распишување на нов тендер бидејќи критериумите во првичниот се застарени, а сега имало нови методи за справување со отпад.
Веќе и разговарале со дваесетина потенцијални инвеститори и апелираа одлуката Управниот виш суд да ја донесе во најкус можен рок, бидејќи тоа би било во корист пред се на граѓаните. Бизнисот со отпадот, посочуваат вреди доста пари, а тоа го покажуваат бројките на досегашната заработка на Дрисла. Профитот на Дрисла секоја година се зголемува. Најголема заработувачка од речиси милион евра од согорувањето на медицински отпад претпријатието остварило во 2017 година.
Но, во пари не се мери здравјето на жителите на Батинци на кои како што порачуваат не им е важно, кој ќе ја менаџира Дрисла, туку дали депонијата и натаму ќе загадува.