Бујароска, британските медиуми пишуваа за токсичната печка во Скопје, институциите признаа дека таа не ги исполнува стандардите и дека е опасна по здравјето. Дали како еколошки организации претходно знаевте за што станува збор и дали поорганизирано ќе излезете да вршите притисок некој да понесе одговорност што печката влегла и толку години се употребувала?
Во 2001 кога оваа печка е дел од системот на Дрисла, важеле малку поинакви правила во однос на животната средина. Она што е важно е дека од 2005-2006, со усогласување на нашето законодавство со законодавството на Европската унија, оваа инсталација имала обврска да ја усогласи својата технологија со најдобрите технологии од областа на согорување на отпадот. Уште во 2013 е издадена дозволата за усогласување со оперативен план, односно еколошка дозвола. Тоа што е страшно е што од тогаш до денес операторот, односно сопственикот на Дрисла не исполни ниту една од мерките за намалување на загадувањето. Намалувањето на загадувањето требало да се изврши и на таа печка, да се собираат сите емисии од горењето и на медицинскиот отпад и на отпадниот и на комуналниот отпад со цел да се усоврши оваа инсталација, да се усоврши Депонијата и согорувањето на отпадот и ќе се воспостави соодветен инсенератор, тоа до ден денеска не е случено. Прашање е каде беа институциите од 2013 кога самиот оператор, Дрисла, не исполнил ниту една од мерките. Тие имаа обврска секоја година да извршат мониторинг до каде и како е спроведувањето на тие мерки за намалување на загадувањето, но очигледно до сега е направен некаков пропуст.
Дали поорганизрано ќе излезете да вршите притисок некој да понесе одговорност?
За разлика од порано, сега има барем повеќе групи на организации кои работат на решавање на проблемот со загадувањето, а и група која работи во околината на Дрисла која веќе врши истражување како и колку влијае таа инсталација врз здравјето на луѓето кои се наоѓаат таму Имаше дојави од колеги дека има појава и на зголемување на канцерогени заболувања. Сето тоа претпоставувам дека ќе излезе во некоја малку посеопсежна студија која ќе ги поттикна и властите малку посериозно да го решаваат овој проблем.
Според вас кое е вистинското решение?
Решението е или да се исполнат европските стандарди за ваква депонија или истата да се затвори. Друго решение нема.
Дали индустриските капацитети на територија на Македонија, кое едно време не работеа, во меѓувреме ги исполнија условите, зошто евидентно е дека поголемиот дел од нив работат?
Ако зборуваме конкретно за Дрисла, еве може да се увиди конкретно на терен дека воопшто не ги исполниле барањата од еколошката дозвола, истото се однесува и за РЕК Битола и за РЕК Осломеј, за оние круцијални големи загадувачи кои што во суштина ја искористуваат таа положба, затоа што едните обезбедуваат електрична енергија, другите го согоруваат отпадот, во овој случај медицинскиот, кој мора да се согорува и на некој начин ја искористуваат нивната положба и од нивна страна нема совест или какво било исполнување на тие мерки.
Во државава секоја година алармантно и постојано се зголемува бројот на заболувања како последица на воздухот и секоја година се нудат ад-хок решенија кога проблемот е најакутен. Дали нешто се смени со новата власт во чија агенда пред избори екологијата беше приоритет.
Можам да кажам дека посериозно почна да се решава проблемот, но сепак не со онаа брзина и со остварување на оние барања што ние ги имавме како граѓански сектор генерално, и не зборувам само за нашата организација, туку и за другите кои дадоа придонес за решавање на проблемот со загадувањето, ние очекувавме многу повеќе.
Целото интервју со Александра Бујароска од Фронт 21/42 може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.