Младите во Македонија се разочарани од лошиот квалитет на живот ги загрижува невработеноста, но и општата атмосфера на политичка и економска несигурност и поради тоа размислуваат да си одат од државата, се кажа на претставувањето на истражувањето засновано на анкета на млади на возраст од 15 до 29 години. Истражувањето кое по пат на прашања на интернет го спроведоа Центарот за истражување и креирање политики во соработка со Француската амбасада, покажа дека дури 91,6 проценти од младите сметаат дека нивниот глас не е доволно застапен во процесите на одлучување во државата.
„Наодите од истражувањето се дека 76,7 проценти од младите сакаат да си заминат од земјата. Причините ги наоѓаат во целата атмосфера во државата. Се чувствуваат непризнаени, неинтегрирани и не може да придонесат во носењето одлуки“, изјави извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики, Марија Ристеска.
Младите на прашањата одговориле дека подобрувањето на квалитетот на живот преку обезбедување можности за работни места кои ќе одговараат на способностите и ќе го вреднуваат трудот, е суштинско за да ги натера да останат или да се вратат во државата.
Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, како приоритет во работата на кој треба да се посвети државата, го издвои спроведувањето на реформите, а според него проблем кој загрижува е партизираната администрација. Треба да се најдат начини како да се запре заминувањето на младите, порача амбасадорот Тимоние, но и предупреди дека Европската унија не сака да интегрира земја која е празна.
„Навистина е многу важно реформите кои се во тек успешно да бидат завршени и токму затоа оваа студијата е многу важна, бидејќи ќе може да придонесе во трасирање на патот на земјата и нејзиното приближување и станување на дел од ЕУ. Се разбира дека успехот и завршувањето на сите работи околу Преспанскиот договор се успех, но потоа ќе следи и спроведувањето на сите потребни реформи, но и ќе треба да се одговори на сите очекувања на младите кои се поборници за што поголема непристрасност и департизација на јавната администрација за којашто треба навистина уште многу да се работи“, изјави амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние.
Истражувањето обезбедува низа заклучоци за потребата од промена на јавните политики во повеќе области и оти фокусот треба да биде ставен на образованието, вработувањето, обезбедувањето соодветен буџет за спроведување на мерките за младите, како и зајакнување на улогата на Агенцијата за млади и спорт. Дарко Каевски, директор на Агенцијата, изјави дека во Владата имаат предвид дека во изминатите 10 години одливот на млади е фрапантен.
„Преку 600 илјади ја напуштиле државата од кои најголем дел се млади, што значи дека дополнителна обврска за нас како Влада е да креираме политики кои младите ќе ги задржат тука. Младите очекуваат политики кои ќе им го подобрат стандардот и ќе ги натераат да останат и секако многу работни места кои ќе им бидат понудени“, изјави Каевски.
Заменик министерот за образование Петар Атанасов рече дека во овој период се спроведуваат неколку големи проекти со кои на ниво на средно образование младите очекуваат да станат постручни и покомпетентни за да може тие сами да се развиваат и да ги исполнуваат своите професионални кариери.
„Мора да престанеме со масовно производство на дипломи во високото образование кои не носат добро работно место, но можеме со многу поголема компетентност и стручни програми за што побрзо да ги најдат своите работни места кои се добро платени, за да може младите да ги креираат своите кариери“, изјави Атанасов.
Инаку истражувањето кое ги анализира актуелните трендови на иселување, покажува дека 43,6 проценти од младите биле корисници на некоја од европските програми, но оти не може да се утврди корелација меѓу користењето на младинската мобилност и желбата на младите лица да си заминат.
Тоа, како што беше нагласено, за Македонија е показател дека ЕУ интеграцијата нема да придонесе директно кон иселување, но оти може да придонесе за стекнување образование и вештини на младите во странство.