Достапни линкови

Семејното насилство меѓу законите и свеста


Зголемениот број на жртви на семејно насилство, според упатените, се должи на неспроведувањето на мерките за заштита на жртвите, на несоодветна правна разрешница на случаите, но и на подигнатата свест кај жртвите да пријавуваат семејно насилство.

Во 2018 година во центрите за социјална работа во Македонија биле регистрирани 1300 случаи на семејно насилство, во кои најголемиот дел од жртвите биле жени. Оваа бројка покажува дека семејното насилство, особено насилството врз жените во Македонија, е во нагорен тренд. Меѓу главните причини за тоа, според упатените, е тоа што жртвите не секогаш се одлучуваат по разводот да покренат судски процес поради страв од реваншизам, потоа немање соодветна правна разрешница или се изрекуваат минимални казни за сторителите, а Хелсиншкиот комитет неодамна алармираше и за несоодветен однос кон жртвите од страна на социјалните центри. Друга причина за зголемениот број е и подигањето на свеста кај жртвите на семејното насилство кои во последно време се повеќе ги пријавуваат случаите кај надлежните институции.

Мерки има, но мора да се спроведуваат

За справување со насилството во Македонија е усвоен национален акциски план за спроведување на Истанбулската конвенција, а тука е и постоечкиот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Меѓутоа, голем број од активистите и здруженијата кои се борат против семејното насилство сметаат дека постојат многу недостатоци во нивното соодветно и навремено спроведување, поради што жртвите не се целосно заштитени. Според заклучоците од последната дебата за привремените мерки на заштита од семејно насилство, за да се подобри системот на заштита, потребно е итно и соодветно спроведување на мерките на заштита како што се: Забраната сторителот да се приближува на жртвата, забраната да поседува оружје, задолжително лекување на сторителот и негово отстранувањето од домот без оглед на сопственоста...

Подигање на свеста

Сепак дел од активистите во државата сметаат дека причина за зголемениот број на регистрирани случаи и жртви на семејно насилство не е само слабото спроведување на законите, туку и тоа што по бројните кампањи и едукации, жртвите почнале да се охрабруваат и да пријавуваат семејно насилство.

Од Центарот за бесплатна правна помош за жртви од семејно насилство во Тетово, кој е еден од најактивните во Македонија, велат дека нивното искуство покажало оти почнала да се подига свеста, пред се кај жената, да не се премолчува семејното насилство и поради тоа сега бројот на пријавени случаи е значително зголемен.

„Генерално расте бројката, што ние го припишуваме како резултат на подигната свест, што е цел на нашите кампањи, а не резултат дека е зголемено насилството. Показател за нас е зголемениот број на пријавени случаи, а не зголемен број на појавено насилство. Зголемен број на пријавени случаи што е показател за подигната свест. Охрабрени се, многу е сменета состојбата 15 години наназад“, вели Слаѓана Јосифовска, проект координатор во Центарот.

Длабоко вкоренет проблем

„Едно поново истражување на ОБСЕ за насилството врз жените во државата покажува дека 14 отсто од жените биле жртва на физичко или сексуално насилство откако наполниле 15 години, од партнер или од друго лице. Околу 44 проценти од жените биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер, 3 од 10 жени биле жртви на сексуално вознемирување, а 1 од 10 жени тоа го доживеала во последните 12 месеци. 7 отсто од жените биле следени од демнач“, изјави Амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која, на неодамнешниот регионален форум за промовирање и имплементација на Истанбулската конвенција за искоренување на домашното насилство.

Според евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој исто така беше учесник на форумот, во регионот секоја трета жена е жртва на насилство.

„Податоците според кои 20 до 40 отсто од жените во регионот на Западен Балкан и Турција страдаат од физичко насилство, а над 50 отсто од психолошки, покажува дека овој феномен е длабоко вкоренет во овој дел од светот“, рече Жбогар.

XS
SM
MD
LG