Достапни линкови

По разводот, борба за егзистенција на жртвите на семејно насилство


Економската зависност на жените кои трпат семејно насилство е најголем проблем и предизвик за тие да се одлучат да побараат развод и спас од физичкото или психичкото малтретирање од сопругот.

Во бракот стравувала за животот поради семејното насилство, а по разводот, Босилка Стрезовска од тетовска Брвеница едвај се прехранува заедно со 9-годишна ќерка. Алиментацијата од поранешниот сопруг од 3 илјади денари е единствениот приход. Преживуваат пред сè барајќи помош од соседите или ако Босилка добие некоја дневница работејќи на нивите. Киријата ѝ ја плаќа сестрата која живее во Германија.

Мажот ми пиеше, ме малтретираше, скоро година и пол со него во брак. Го пријавив во полиција откако еден ден многу ме тепаше. Добив потрес на мозок. Сега немам работа.
Босилка Стрезовска, жртва на семејно насилство

„Мажот ми пиеше, ме малтретираше, скоро година и пол со него во брак. Го пријавив во полиција откако еден ден многу ме тепаше. Добив потрес на мозок. Сега немам работа. Девојчево нема кој да ми го буди. Мајка ми и татко ми се починати пред 15 години. Да ми се најдеа за на пример од сабајле да ја однесат во школо, 6.30 треба да стане за во 7 да биде во школо“, раскажува таа за животот.

Босилка е меѓу ретките жени кои се одлучиле да му стават крај на семејното насилство без разлика на тоа како ќе живеат понатаму. Економската зависност на жените кои трпат семејно насилство е најголем проблем и предизвик за тие да се одлучат да побараат развод и спас од физичкото или психичкото малтретирање од сопругот.

Голем е бројот на жени во Тетовско кои се обратиле во Центарот за бесплатна правна помош за жртви од семејно насилство при организацијата Женски форум, но поради страв од загрозување на секојдневната егзистенција, во иднина се откажуваат од намерата институционално да ги надминат семејните проблеми.

„Економската зависност на жените од мажите е најголемиот проблем. Ние работиме на подигнување на свеста за економско осамостојување на жените. Уште еден проблем е што жените немаат имот на свое име, па поради наследните односи по традиција дека наследува само мажот, жените кога ќе дојдат во ситуација да се разведат нема каде да одат. Остануваат без згрижување“, вели Слаѓана Јосифовска од Женски форум.

​Голем недостаток во справувањето со оваа проблематика е тоа што во Тетово не постои институционален систем за згрижување на жените. Во градот нема таканаречен шелтер центар каде барем привремено жените би имале каде да живеат.

„Има во Скопје, но не е исто. Најчесто имаат деца што одат во школо. Но, ако остане жената неколку месеци во шелтер центар во Скопје со сè децата, децата не можат да се интегрираат во таа средина кога тука им е училиштето“, смета Јосифовска.

Во невладините организации велат дека се прават повеќе обиди со цел интеграција на разведените жени, жртви на семејно насилство. Се прават разни обуки за осамостојување, како да ја зголемат својата способност за да добијат работа, се преквалификуваат за нови работни места и слично.

XS
SM
MD
LG