Порастот на семејното насилство е индикатор на општествените состојби и одраз на моделите на однесување кои ги нудат сите општествени нивоа, ја анализираат експертите најновата статистика која покажува загрижувачки бројки. Во првото полугодие од годинава бројот на кривични дела за семејно насилство е зголемен за 16,1 насто, а поплаките за семејно насилство се зголемиле за 3,4 проценти.
Статистиката забележува дека секогаш кога состојбите во општеството стануваат потурбулентни, понесигурни, понеизвесни, посиромашни, настанува едно зголемување на степенот на агресија воопшто, но исто така и на степенот на семејно насилство.Ѓорѓи Тоновски, универзитетски професор.
„Статистиката забележува дека секогаш кога состојбите во општеството стануваат потурбулентни, понесигурни, понеизвесни, посиромашни, настанува едно зголемување на степенот на агресија воопшто, но исто така и на степенот на семејно насилство“, изјави професор Ѓорѓи Тоновски.
Социјалната несигурност ја зголемува и склоноста кон социолошки патолошки однесувања и тензија кај населението што севкупно создава насила атмосфера. Моделот на насилство е присутен насекаде, посочува професор Викторија Вујовиќ. Се тргнува од семејството каде што потполно е занемарена комуникацијата која што е првото скалило на насилството. Воспитниот процес кој започнува овде е некаде во длабока криза, посочува Вујовиќ.
Не е само насилство само таму каде што го имаме во неговиот најекстремен физички или сексуален облик. Насилството е и некомуникацијата и невидувањето со членовите на семејството.Викторија Вујовиќ, универзитетски професор.
„Не е само насилство само таму каде што го имаме во неговиот најекстремен физички или сексуален облик. Насилството е и некомуникацијата и невидувањето со членовите на семејството“, вели таа.
Медиумските содржини наместо да поттикнат загриженост и размислување очигледно предизвикуваат спротивна реакција, додава Вујовиќ. Таа исто така е на мислење и дека насилството не е соодветно казнето во нашето општество. Кампањите, пак, не се доволни, се на мислење експертите. Од една страна, тие не допираат до голем број граѓани и групи, а од друга страна, прашање е колку тие можат да допрат до вистинските причини за насилството во семејството кое се почесто завршува и со тешки трагични последици.
„Таа акција не се завршува само со кампањите кои се спроведуваат од време на време, туку мислам дека нам ни недостига, веројатно и поради недоволната опременост на социјалните служби, едно континуирано следење на состојбите на овој план, односно прво на планот на односите внатре во семејството“, додава социологот Тоновски.
Во извештајот на МВР е наведено дека сторителите на кривичните дела за семејно насилство во 95 насто случаи биле под дејство на алкохол, во три случаи под дејство на наркотична дрога, а 167 од нив делата ги извршиле во состојба на психичко растројство.