Достапни линкови

Кардалеска - „Жената во виолетово“ е метафора за агресијата врз жените


Александра Кардалевска, режисерка
Александра Кардалевска, режисерка

„Жената во виолетово“ („The Woman in Purple“), турско-македонскиот краткометражен филм што како автори го потпишуваат Александра Кардалевска и Онур Озџан, својата светска премиера ќе ја има на претстојниот филмски фестивал во градот Манаус, во срцето на бразилската област Амазонија. Снимен во Истанбул во 2016 година, документарецот се фокусира на универзалната тема на насилство врз жената.

По „Сексуалните неврози на нашите родители“, „Лет над кукавичјото гнездо“, „Институт“, „Кокошка“, „Хамлет во пикантен сос“ и „Животинска фарма“ - театарски претстави кои на виделина појасно го донесоа нејзиниот специфичен творечки ракопис и младешка енергија, асистирањето во „Сенки“ на Милчо Манчевски и при снимањето на „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски, режисерката Александра Кардалевска еве ја со нејзиниот прв филм.

„Жената во виолетово“ („The Woman in Purple“) е турско-македонско краткометражно остварување што како автори го потпишуваат Кардалевска и нејзиниот колега и сценарист Онур Озџан. Филмот, по затворената промоција во Истанбул, својата светска премиера ќе ја има во рамки на програмата на претстојниот MAC Horror Film Festival 2017 што се одржува во градот Манаус, во срцето на бразилската област Амазонија. Директор на фотографијата на филмот е Душан Кардалевски, додека монтажата ја изработил Блаже Дулев. За саунд дизајнот се погрижиле Дарко Спасовски и Горан Керкез, а оригиналната музика е дело на групата ЉУБОЈНА.

Говорејќи за настанокот на „Жената во виолетово“ и соработката со Онур, Кардалевска знае да каже дека таа започнала пред две години при нејзините докторски студии по режија во турската метропола. Истакнува дека секој кој ќе се пресели некаде на друго место станува на некој начин опсерватор на општеството бидејќи во извесна мера сè е некако поинаку. Така што таа тема во врска со женските права, во врска со поделбата на улогите и семејното насилство, агресијата што се раѓа меѓу различните полови и станала една од поинтересните, пофасцинантните и кога нејзиниот колега и сценарист се појавил со идејата за филм, воопшто не се двоумела. Почнале посветено да ја развиваат идејата и конечно се случил филм.

Снимен во Истанбул во 2016 година, „Жената во виолетово“ зборува за филмска екипа која започнува со снимање на документарец што го истражува зголеменото насилство врз жената во Турција. Ловејќи приказна на жртва од семејно насилство, самите членови на екипата набрзо стануваат жртви уловени од приказната.

„Филмот е метафора за оној дух, за онаа агресија којашто постои во општеството, меѓутоа за која никој не сака да зборува. Или поточно за институциите, оние коишто реално би требало да се бават со тие проблеми, но кои го премолчуваат тоа затоа што на некој начин промовираат вредности коишто се врзани за одредена религија или за стара култура, а тоа младите луѓе несомнено го чувствуваат во секојдневниот живот“, вели Кардалевска.

Режисерката дополнува дека во делото вметнувале секвенци кои се поврзани со страста и со една опсесивна љубомора, но дека станува збор не само за локална специфика туку многу повеќе за една сериозна универзална тема.

„Тематски таа го истражува насилството токму во Истанбул, или генерално во Турција, кадешто овој случај оди до енормни граници. Додека зборуваме или во текот на еден единствен ден најмалку три жени буквално го губат животот во таквите сурови семејни пресметки. Тоа е ужасно. Хорор. Затоа и вметнавме една таква хорор жичка во целата фабула и структура на филмот“, вели таа.

Инаку, филмот токму на претстојниот хорор-фестивал во Бразил ќе ја има и својата светска премиера, по што ќе следува неговото претставување по светот.

„Ова мене како на авторка ми беше показател дека организаторите на манифестацијата многу внимателно и предано работат и дека во Манаус, во центарот на Амазонија, поминале најквалитетните дела од жанрот. Сега очекуваме „Жената во виолетово“ најнапред да земе учество на неколку поголеми филмски фестивали во Турција и потем да тргне на сличните случувања во Европа и светот. Ова беше прво пријавување на конкурс и прва селекција, што нам како творци ни дава мотивација и посебно верба дека филмот кој беше изработен во соработка помеѓу турската „Ade Due Damballa“ и македонската продукција „Квазар филм“, би можел да има убав успех на фестивалите“, истакнува Кардалевска.

Таа, во престојниот период наместо да патува во Бразил ќе си приушти краток одмор, за да потем со само себе својствената енергија му се посвети на новиот проект – новото филмско сценарио кое полека го испишува и за кое засега и не сака многу да зборува.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG