Достапни линкови

Теона Митевска со „Кога денот немаше име“ на Берлинале


Сцена од филмот „Кога денот немаше име“
Сцена од филмот „Кога денот немаше име“

Македонско-словенечката-белгиска копродукција, филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска, едно од нејзините најзрели остварувања како што велат од „Сестри и Брат Митевски“, својата премиера како дел од програмата Панорама ќе ја има во февруари на престижниот Берлински филмски фестивал, еден од најголемите филмски фестивали во светот.

Филмот ја раскажува приказната за шест тинејџери. Милан и неговиот најдобар пријател Петар подготвуваат авантуристичка екскурзија со своите другари некаде на периферијата на Скопје. Тие се возбудени од претстојната ноќ на пиење и лудување пред раноутринската риболовна експедиција. Тие се типични тинејџери, полни со сексуални и романтични тензии и возбуда, вознемирени и оптоварени со пари и материјални нешта. Во дисфункционални односи со своите родители, во семејства нарушени од транзициските маки, тие се генерација која расте растргната од социјална несигурност и сомнителни вредности. Нивната ноќ на луда забава е одбележана со несреќна посета на тинејџерка проститутка и целосно е превртена со ненадеен конфликт.

Ова накратко е сторијата на „Кога денот немаше име“, новиот филм на Теона Стругар Митевска, чија премиера е најавено дека ќе се случи на 14 февруари во Зоо палатата во Берлин, на еден од најголемите филмски фестивали во светот. По „Јас сум од Титов Велес“ и „Жената која ги избриша солзите“, ова е трето учество на Теона Струга Митевска на Берлиналето, а македонско-словенечкo-белгиската копродукција ќе биде преставена во рамките на програмата Панорама специјал.

„Ова е еден неверојатен портрет на изгубени млади луѓе. На копнеж по нешто по кое и не знаеме дека копнееме. Прекрасен портрет на една земја преку овие млади луѓе, така што мислам дека приказната е многу силна. Многу оригинална. Пред сè во на Теона филмовите она што е оригинално е нејзиниот пристап. Како таа ја раскажува приказната. Затоа и она што овде најмногу возбудува е што на нејзино барање останавме подолго време во монтажа, но ќе видите филмот е многу интересен затоа што е како сложувалка. Токму како сложувалка, бидејќи како ги осознаваш карактерите, ти како гледач ја осознаваш и нивната судбина“, вели Лабина Митевска, од продуцентската куќа „Сестри и Брат Митевски“.

Таа дополнува дека покрај нив на премиерата во Берлин ќе присуствуваат и сценаристката Елма Татараѓиќ и шесте млади главни актери – натуршчици - Леон Ристов, Ханис Багашов, Стефан Китановиќ, Игорчо Постолов, Драган Мишевски и Иван Вртев Шоптрајанов.

„За овој филм имавме отворена аудиција за која се пријавија над 400 млади луѓе бидејќи Теона инсистираше да работи со натуршчици. Во тој момент јас не бев сигурна и ѝ велев да земе барем двајца млади актери бидејќи не е баш едноставно да земеш шест млади луѓе и да ги контролираш во секоја сцена. А притоа сите тие заедно во истата сцена го носат дејствието“, ќе рече продуцентката.

Сцена од филмот „Кога денот немаше име“
Сцена од филмот „Кога денот немаше име“

Од друга страна, во останатите улоги покрај актерките Ратка Радмановиќ, Николина Кујача, Ана Костовска и Лабина Митевска, првпат на платно се појавуваат и Петрунија Киселички и Инес Ходич. „Кога денот немаше име“ е снимен од француската кинематограферка Агнес Годар, сценограф е Вук Митевски, а костимите се на словенката Моника Лорбер.

„Секој филм кога го создаваме го создаваме како да ни е последен. Во секој филм ја вложуваме целата наша енергија и сета наша креативност и со секој филм е нова борба. Затоа „Кога денот немаше име“ со сигурност можам да ви кажам дека е еден од најзрелите филмови на Теона според мене и повторно носи еден нејзин единствен, уникатен стил на визуелно раскажување. Како продуцентка горда сум што Македонија ќе има филм на Берлин што е голема чест за нашата кинематографија. Нема автор кој не посакува да биде дел од Кан, Берлин или Венеција. Таму конкурираат над 10.000 филмови, а само од регионот над стотина“, заклучува Лабина.

„Кога денот немаше име“ е снимен во последниве две години со буџет од околу 1,1 милион евра, а беше поддржан од Агенцијата за филм на Македонија со 30 милиони денари (500.000 евра). Копродуценти на филмот се продукциите од Словенија „Вертиго“ и „Ентре Шиен е Луп“ од Белгија, а делото на „Сестри и Брат Митевски“ доби поддршка и од престижниот европски фонд Еуримаж.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG