Достапни линкови

Зголемен број пријави за семејно насилство, жртвите веќе не молчат


Бројот на жртви на семејно насилство кои бараат помош постојано расте. Не се работи за зголемување на семејното насилство, туку жртвите се охрабруваат да пријават.

Во 15-те години функционирање на Центарот за бесплатна правна помош за жртви од семејно насилство во рамки на организацијата Женски Форум во Тетово постојано расте бројката на луѓе кои се обраќаат поради соочување со проблемот. Во Центарот потенцираат дека со тоа се остварува визијата на организацијата за подигнување на свеста, пред сè кај жените, да не се премолчува семејното насилство. Пред десетина години биле помалку од десет, а последните неколку години се бројат повеќе десетина пријавени случаи и побарана помош.

„Генерално расте бројката, што ние го препишуваме како резултат на подигната свест, што е цел на нашите кампањи, а не резултат дека е зголемено насилството. Показател за нас е зголемениот број на пријавени случаи, а не зголемен број на појавено насилство. Зголемен број на пријавени случаи што е показател за подигната свест. Охрабрени се, многу е сменета состојбата 15 години наназад. Тоа ни е целта на кампањите, да ја подигнеме свеста да го пријавуваат насилството и да станат свесни дека е општествен проблем. Да излезе надвор од семејството, тоа ни е најважно. Жените, па и мажите, сметаат дека тоа е семеен проблем, ако некој друг чепне таму, како да му чепка дома“, вели Слаѓана Јосифовска, проект координатор.

Преку кампањите кои ги прави Центарот, луѓето се информираат и за сериозноста на законските импликации поврзани со ваков вид насилство.

„Значи семејното насилство е кривично дело. И во кривичниот законик има одредби што го санкционира доколку се работи за тешка телесна повреда, загрозување на интегритетот, и законот за семејство го регулира. И посебниот закон за превенција и заштита од семејно насилство. Штом е институционализиран на тој начин, значи не е внатресемеен проблем. Туку е општествен проблем. И тоа е нашата цел да се подигне свеста. Се залагаме сите, дури и соседите сносат одговорност ако слушнат или видат и не го пријават“, потенцираат од организацијата.

Давањето информации и совет како да се постапи, но и услугите се начинот на кој се нуди помош на тие што ќе побараат.

„Координаторот ги прима, им дава примарна помош-информации што треба да донесат доколку ќе се одлучи за поднесок. Барање за времена мерка изработува адвокатот кај нас. Ако се одлучи за судско застапување, ако се одлучи за со адвокат, ќе ја придружува и адвокатот наш, сè до разрешување на случајот“, рече координаторката Јосифоска.

Покрај помошта, од Центарот потенцираат дека е потребно институционализирање на работата преку формирање на место за згрижување на жртвите од семејно насилство.

XS
SM
MD
LG