Достапни линкови

Каква порака ќе прати САД преку Саливен?


Според аналитичарите, посетата на високиот американски претставник Џон Саливен на Македонија ќе изврши влијание врз процесот за спроведување на договорот од Преспа, односно ќе ги охрабри политичарите да не ја проблематизираат неговата последна фаза.

Претстојната посета на американскиот заменик-државен секретар Џон Саливен на Скопје, е симболична политичка порака дека односите меѓу САД и Македонија се подигаат на повисоко ниво и тоа е охрабрување за политичарите да продолжат со спроведување на проектите кои се од стратешки интерес за Соединетите Држави. Вака упатените ја толкуваат најавената посета на Саливен, кој ќе биде највисокиот претставник на Стејт департментот кој ја посетил земјата од 2001 година.

„Таа посета треба да се толкува на тој начин. Како охрабрување, како поттик и евентуално како потсетување за важноста на овие проекти, кои не треба да се проблематизираат во нивната последна фаза. Мислам дека пред 15-ти јануари кога е закажано гласањето за уставните измени, целта на таа посета е да се поразговара со политичарите и да ги поттикне да останат на тој правец“, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Тој додава дека посета од ваков ранг не смее да се игнорира и уверен е дека неговото доаѓање ќе изврши влијание врз процесот околу спроведувањето на договорот од Преспа.

„Вакви политичари, од толку висок ранг, ретко доаѓаат и мислам дека неговата посета ќе го стегне процесот, ќе има влијание врз тоа да не се проблематизира последната фаза и мислам дека тоа е нивна стратешка проценка и затоа тоа го прават“, заклучува Арсовски.

И универзитетскиот професор Алајдин Демири вели дека посетата е една од позначајните оти, според него, таа е израз на загриженоста на странските претставници за случувањата во Македонија.

„Сите тие политичари се всушност загрижени во смисла да ги истераат реформите коишто почнаа, особено оние кои се однесуваат на спроведувањето на Преспанскиот договор и негово финалзирање. Грижата е и регионална, зошто излегувањето од оваа криза дома е витален проблем за стабилизација на регионот и пошироко“, вели Демири.

Тој смета дека улогата на Саливен е еден обид да се решат актуелните проблеми и да се продлабочат односите меѓу Македонија и САД.

„За првпат имаме многу висок претставник од САД кој ќе преговара во име на институцијата која ја претставува. Веројатно и ќе ни вети нешто што стратешки ќе ги поврзе двете земји, Македонија и САД“, заклучува Демири.

Инаку, Стејт департментот соопшти дека Саливен во Скопје ќе разговара за регионалните прашања и ќе ги охрабри македонските претставници да ги продолжат реформите, додека земјата работи на спроведување на Преспанскиот договор. Посетата на Македонија е дел од неговата турнеја во Европа која почнува денеска и во чии рамки, до 20 декември, ќе ги посети и Братислава, Виена, Софија, Сараево и Варшава.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG