Ние сме подготвени да ве примиме во НАТО како 30 земја членка доколку решите да го изберете тој пат, порача американскиот секретар за одбрана Џејмс Норман Матис, служејќи се со истите зборови, како што рече, кои ги употребил и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг за време на неговата посета на Македонија.
Матис, кој беше пречекан со највисоки почести на заедничката прес- конференција со премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Владата на Македонија порача дека членството во НАТО значи економски просперитет, странски инвестиции и безбедност, а Македонија ќе добие еднакво место во најуспешната воена алијанса во историјата. Според него, Договорот од Преспа заедно со клучните реформи кои се спроведуваат го отклучиле процесот за влез во НАТО.
Тој се осврна и на претстојниот референдум, кој го поврза со референдумот за независност на Македонија кога 95 отсто од граѓаните го дале својот глас за да живеат слободно. Според него, сега Македонија се наоѓа во уникатна можност.
„За две недели вашите граѓани уште еднаш ќе ја искористат демократската можност да ја придвижат иднината на земјата. Да ги позајмам зборовите на германската канцеларка Ангела Меркел на нејзината неодамнешна посета. Како што гласате на референдум за да пристапите кон НАТО, гласате на најважното гласање во историјата на вашата нација. Го препознаваме комплексниот политички избор кој што престои за вашиот народ и ве поддржуваме вас и нашите македонски пријатели во остварување на вашиот суверен глас и демократска одговорност да гласате“, вели Матис.
Премиерот Заев порача дека поддршката на САД е охрабрување и силна мотивација и му го пренел интересот на власта за спроведување на успешен референдум како клучен момент за иднината на Македонија.
„Повикуваме на единство кога станува збор за остварување на стратешките цели на граѓаните на нашата земја, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ. За Република Македонија интеграцијата во НАТО и ЕУ нема алтернатива Тоа го потврдува и огромното мнозинство на нашите граѓани. За граѓаните на Република Македонија консензусот по прашањето на нашето членство во НАТО е резултат на прифатените вредности што ги дели Алијансата. Тоа го докажуваме и со нашето активно учество во мисиите на НАТО“, рече Заев.
Министерката Шекеринска истакна дека Македонија нема дилема оти нејзината иднина е во НАТО на иста маса со САД и со другите сојузници. Таа му порача на Матис дека помогнал Македонија да добие покана за членство во НАТО, а денеска е во посета на земјата.
„Убедена сум дека на 30 септември граѓаните ќе се изјаснат дека се „за“ Македонија која ќе биде безбедна, сигурна, просперитетна и економски развиена. За Македонија која рамо со рамо со САД и со другите сојузници ќе помага во градењето на заеднички мир и просперитет“, додаде Шекеринска.
Матис ќе се сретне и со претседателот Ѓорѓе Иванов.