Достапни линкови

Коментарите меѓу „бездната“ на Мицкоски и „шансата“ на Заев


Премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кампања за референдумот за името.
Премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кампања за референдумот за името.

Фановите на РСЕ кои се „за“ референдумот и оние кои се за бојкот си ги мерат силите на социјалните мрежи. Тие се поделени и за посетите од странски политичари на земјата, а се делат и на тоа кој е за Брисел, а кој за Москва.

По информацијата за протесниот марш на ВМРО-ДПМНЕ во Штип и зборовите на Христијан Мицкоски дека „Македонија со СДСМ и со Заев ита кон бездната“ и по информацијата за обраќањето на премиерот Зоран Заев на граѓанскиот собир во Скопје „Да не се пропушти историската шанса на референдумот“, има збир од сосема различни и противставени постови и коментари од посетителите на страницата на РСЕ.

Драган Бошков, на пример, му одговара на Мицкоски: „Поголема бездна од таа во која нè донесе твојот шеф нема“, а Мумедин Илјази напишал: „Вие нè однесовте во бездна, доста лажевте, повеќе од 10 години се живееше во страв“. А Емро Балота во постот апелира на (не)конструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ: „Жално и смешно е членовите на опозициската партија, бившиот режим, некого да прозиваат за местења, кражби и криминал. Ако не се согласуваат со промена на името нека дадат предлози за надминување на проблемите, а не некои бесцелни говори што ги слушаме секој ден, посебно од членовите на бившиот режим“. Нада Кокаловска Попова, пак, на повикот на премиерот Заев одговара со две пораки: „Бојкот!“ и „Бојкот на референдумот! Бојкот!“ Мирко Деспотовски постирал: „Гони се сосе референдум“. Африм Фими ги повикува оние што мислат да бојкотираат да излезат ко’ мажи и да гласаат против „да видиме кој ќе победи, ЗА или Против, да ги мериме силите! Напред Зоран Заев!“

Оние што ја следат РСЕ, судејќи според коментарите, не им веруваат на странските политичари. По најавата за официјалната посета на американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис на Македонија, се читаат повеќе коментари дека доаѓа „секретар ваков секретар онаков, сè некои секретари“, како што постирал Ангелчо Јованов, а и по информациите за големиот број посети на европски и американски високи личности забележлива е омразата во коментарите и желбата за изолација од останатиот свет. Роберт Љубица Димитковски смета дека „сигурно се дебело платени, имаат некој интерес инаку ги заболе за Македонија..“, а Бобан Тасев коментирал: „Мора под итно да го вратиме Груевски на чело на партијата и заедно со нашиот православен брат Путин да ја спасиме Македонија од домашните предавници и платеници“.

„Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја обвини Русија дека го попречува членството на Македонија во Алијансата, како што беше случај со Црна Гора“ и „Њујорк тајмс пишува дека Москва делува преку социјалните мрежи и преку некои медиуми, а целта ѝ е да не се шири НАТО“ – се две информации од нашата веб-страница кои покажуваат различно расположение на оние што ја следат РСЕ спрема Москва и Брисел. Некои објавиле фотографии на Путин, како оној потпишан со Де Ски, а Милица Стокиќ ја обвинува целата ЕУ дека се меша во Македонија. Андрија Дедовски дава прецизен преглед на сета помош од САД и ЕУ дадена на земјава од осамостојувањето до денес – сè вкупно околу 10 милијарди долари, „а од Русија само голо... Толку од Русија!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG