Достапни линкови

Промената во Конгресот не ја менува политиката кон Македонија


Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во посета на Македонија
Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис во посета на Македонија

Македонските аналитичари уверуваат дека американската политика кон Македонија нема да се промени откако демократите го презедоа Претставничкиот дом во Конгресот. Според нив политиката на САД кон земјава е пријателска и конзистентна.

Со промената на силите во американскиот Конгрес, домашните аналитичари нè очекуваат промена на американската политика кон Македонија.

Професор Митко Гаџовски од Факултетот за општествени науки, вели дека политиката на Соединетите Држави е константна и во таа насока очекува да продолжи поддршката од американска страна кон остварување на стратешките цели на земјава.

„Соединетите Држави имаат конзистентна надворешна политика и нивните приоритети не се менуваат така лесно. Без разлика на тоа што се случи промена во Претставничкиот дом, сметам дека политиката на САД кон Македонија ќе остане иста. Имаше шпекулации дека по преземањето на претседателската функција од страна на Доналд Трамп кој ја претставува Републиканската партија дека ќе се случат промени и во Македонија, ама еве сведоци сме дека тоа не се случи. Така што не очекувам да се промени нешто и претпоставувам дека како и до сега така и понатаму оние приоритети коишто ги имаат утврдено ќе ги спроведуваат и почитуваат”, вели Гаџовски.

Аналитичарите оценуваат дека односите меѓу двете земји се пријателски и во таа насока очекувањата се дека поддршката ќе расте на патот кон полноправно членство на Македонија во НАТО.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека политиката на Соединетите Држави не се менува и дека и за демократите и за републиканците, Македонија е пријателска земја.

„Вакви дискусии имавме и после претседателските избори во 2016 и гледам дека политиката не се смени и дека нивната улога во Македонија е конструктивна и помагачка. Така што не верувам дека ова ќе смени нешто во нивната надворешна политика кон Македонија”, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Тој потсетува дека исто како и администрацијата на поранешниот претседател Барак Обама, така и актуелната администрација на Трамп, одиграле значителна улога во решавањето на политичката криза во Македонија, а се покажале и како силен партнер во решавањето на спорот со името и напредокот кон евроатланските интеграции на земјата како главни стратешки цели.

Познавачите на меѓународните политички односи истакнуваат дека засега нема никакви важни промени во американска политика кон земјава и регионот, потенцирајќи дека Декларацијата за стратешко партнерство и соработка која Македонија и САД ја потпишаа во 2008 година претставува засилена безбедносна гаранција за македонскиот суверенитет и интегритет.

Освен Декларацијатаод 2008 година, Македонија и САД потпишаа уште два значајни документи кои имаат безбедносни карактеристики : Охридскиот рамковен договор во 2001 година и Јадранската повелба во 2003 година, документи во кои исто така е наведено дека територијалниот интегритет на Македонија е од витален интерес на САД и земјите од Југоисточна Европа.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG