Исклучително значајна заради моментот во кој се случува, но и сигнал за продлабочување на традиционално добрите македонско-американски односи. Вака домашната стручна јавност ја коментира посетата на премиерот Зоран Заев на САД и неговата средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс.
Поранешниот дипломат Благој Зашов вели дека посетата е во рамките на напорите на Владата да добие поддршка за Договорот од Преспа, во пресрет на референдумот.
„Посетата е продлабочување на нашите односи со еден партнер којшто ни е многу значаен и се разбира тоа е уште една потврда на пораките кои последниве денови ги добива нашата земја за договорот од Преспа. САД учествуваа во процесот на преговарање и прецизирање на договорот од Преспа, така што за Македонија ќе значи многу ако добиеме поддршка и од потпретседателот Пенс во рамките на оваа посета“, изјави Зашов.
Тоа што посетата е на покана на потпретседателот Пенс, за политичкиот аналитичар Алберт Муслиу е уште една потврда за посветеноста на американската администрација да и помогне и да ја охрабри Македонија да помине низ овој чувствителен период и да се отфрлат сите сомневања дека спроведувањето на Договорот со Грција не значи членство во ЕУ и НАТО.
„Ако американскиот потпретседател го повикува нашиот премиер пред референдумот, тоа значи уште една гаранција и охрабрување дека нашите НАТО и евроинтегративни процеси по референдумот ќе добијат на интензитет,“ изјави Муслиу.
Билатералните односи се традиционално добри, вели Муслиу, потсетувајќи на нивната кулминација во 2008 година пред Самитот во Букурешт, кога беше потпишан и Договорот за воена соработка со САД. Поддршката не изостануваше во последната година на преговори и напори да се реши спорот со името, вели Муслиу.
„Доказ за тоа е и отвореното писмо на поранешниот американски претседател Буш деновиве во однос на целиот процес кој не очекува. Така што мислам дека отсекогаш нивниот однос кон нашата земја бил заштитнички, поддржувачки и пријателски“, вели Муслиу.
Од владината служба соопштија дека на средбата со Пенс ќе се разговара за напредокот на Македонија кон членството во НАТО. Инаку, посетата на Заев на Вашингтон и средбата со Пенс следуваат по посетите на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и на помошник-државениот секретар Вес Мичел на Македонија и искажаната поддршка за претстојниот референдум и интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ. Неодамна и американскиот претседател Доналд Трамп, во писмо до македонскиот претседател Ѓорге Иванов, изрази поддршка за договорот со Грција, оценувајќи го како историски и можност за отворање на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.
Интензивната дипломатска поддршка за референдумот е очигледна во изминатите неколку дена, кога покрај претставниците на американската администрација, Скопје го посетија и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, германската канцеларка Ангела Меркел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар Себастијан Курц,министрите за надворешни работи на Луксембург, Холандија, Германија и Албанија, Жан Аселборн, Стеф Блок, Хајко Мас и Дитмир Бушати, како и претседателот на Косово, Хашим Тачи.
Сите повикаа да се излезе на референдумот и да се оствари правото на глас.