Достапни линкови

Американска поддршка за успешен референдум


Премиерот Зоран Заев на средба со вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД Метју Палмер
Премиерот Зоран Заев на средба со вршителот на должност заменик-помошник државен секретар на САД Метју Палмер

Високиот американски дипломат Метју Палмер утре ќе присуствува на прославата на Илинден во Крушево. Тој е во земјава за да изрази поддршка на договорот за името.

Поддршка за референдумот за Договорот со Грција да успее за Македонија да може да влезе во НАТО, е пораката што сака да ја испрати високиот американски дипломат Метју Палмер.

Тој, според најавите, утре ќе учествува на прославата на Илинден во Крушево.

Американската амбасада во Скопје најави дека вршителот на должноста заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер е во посета на Македонија, за да ја изрази поддршката на Вашингтон за Договорот со Грција за решавање на спорот со името, како и за прогресот на земјата кон членството во НАТО и во ЕУ.

На тоа се посветени и неговите средби со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев и со лидери на политички партии.

Поранешниот министер за надворешни работи, професор Денко Малески, вели дека САД имаат голем интерес референдумот да успее, со оглед на тоа што и САД имаат улога во постигнувањето на договорот со Грција.

„Поддршка на Македонија на ден како што е прослава на националниот празник и на оние чекори што треба да се преземат во скоро време, во наредниве недели практично, до референдумот“, вели тој.

Според најавите, на прославата на Илинден во Крушево ќе учествува Претседателот Ѓорге Иванов, кој не го поддржува договорот со Грција.

„Странските дипломати повеќе сакаат да разговараат со оние кои не ги споделуваат сосема нивните гледишта отколку со оние кои ги споделуваат. Во таа смисла, мислам дека е и тоа еден сигнал, а тоа е да се повлијае, претпоставувам, врз Претседателот, кој, како што знаеме, има негативен став кон целава работа“, вели Малески.

САД се стратешки сојузник на Македонија и учествуваа во речиси сите клучни моменти во поновата македонска историја. Македонија имаше американска поддршка при осамостојувањето, а потоа и во процесот на меѓународно признавање.

Во 2004 година, САД ја признаа Македонија под уставното име. Тие имаа голема улога во прекинот на воените дејствија и потпишувањето на Рамковниот договор во 2001 година.

Во 2008 година, САД беа најголемиот поддржувач за прием на земјата во НАТО.

По грчкото вето на Самитот на Алијансата во Букурешт, Македонија и САД потпишаа Декларација за стратешко партнерство и соработка, преку која Вашингтон ја потврдува својата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како унитарна и мултиетничка држава.

САД активно се вклучија и во надминување на последната политичка криза, кога после долги преговори меѓу политичките партии беше постигнат Пржинскиот договор.

САД во изминативе 25 години имаат вложено над една милијарда долари за помош на Македонија.

Преку американската агенција за меѓународна помош, УСАИД, во земјава се реновираат училишта, болници, културно-историски споменици и се помагаат реформите во државните институции.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG