Достапни линкови

Референдумот распишан, многу работи нејасни


Архивска фотографија- гласање на избори
Архивска фотографија- гласање на избори

Кога точно почнува кампањата за референдумот и кој ќе ја финансира кампањата се две прашања кои не се точно прецизирани во Законот за референдум. Уставните експерти посочуваат на овие недоследности, а од надлежните институции најавуваат прецизирање деновиве.

Ден по распишувањето на референдумот за името многу нејаснотии има кај државните институции и правните експерти. Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните има неколку недоречености кои се сметаат за клучни. Во него конкретно не се дефинира кога почнува јавната пропаганда за референдумот, туку само кога завршува - 48 часа пред неговото одржување.

Уставните експерти во недостиг на прецизирана одредба сугерираат дека кампањата би можело да почне и од денот на објавување на одлуката за референдум во Службен весник. Многу информации засега немаат ниту во надлежните институции. Од Државната изборна комисија најавуваат дека в среда на седница ќе го усвојат роковникот за референдумот по што работите меѓу кои и кога точно треба да почне кампањата се очекува да станат појасни.

За разлика од воздржаноста во другите државни институции претседателот на парламентот Талат Џафери вели дека кампањата почнува на 10 септември, односно 20 дена пред референдумот.

И директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски во однос на медиумското покривање на референдумот наведе дека во законот нема прецизни правила. Агенцијата изработила посебни насоки кои ќе бидат финализирани по 17 август до кога очекуваат забелешки.

„Очекуваме непристрасно и ненаметливо известување. Медиумите да не го наметнуваат своето мислење во информативните изданија“, рече Трајчевски.

Кој ќе ја плаќа кампањата ?

Во истиот законот се предвидува и овластениот предлагач да може да води јавна пропаганда на свој трошок. И овде работите не се докрај јасни, бидејќи во случајот со референдумот за името, како предлагачи се потпишаа 69 пратеници од СДСМ, ДУИ и Беса, па уставните експерти имаат различни толкувања за тоа на чиј трошок ќе се води јавната пропаганда. Според дел од нив, таа ќе падне на Собранието, бидејќи преку гласањето на пратениците тоа е овластен предлагач. Ова би значело дека Собранието од својот буџет треба да одвои пари за кампањата за референдумот. Друга работа се парите за спроведување на изјаснувањето на граѓаните кои веќе ги одвои Собранието. Тие 3,5 милиони евра од Буџетот на Република Македонија ќе бидат наменети за организација на референдумот, како печатење гласачки материјал, општински изборни комисии и други работи.

Според поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, партиите сепак требаа да инсистираат референдумот да се распише со консензус за да нема дополнителни нејаснотии и дамки врз него.

Консултативната форма на референдумот, вели Ивановски, ќе беше пологична ако прашањето беше поврзано само со Договорот за името, а не и со Европската унија и НАТО како што е сега. Кога се спомнуваат меѓународни сојузи, додава Ивановски, Уставот предвидува задолжителна форма на референдум.

„Очигледно и покрај овој референдум сега што се распишува нема да биде исцрпена формата, оти во членовите 73 и 120 од Уставот се предвидени прашања во кои се наведуваат поинакви мнозинства и двотретинско мнозинство и во однос на распишување на референдумот и во однос на резултатите од референдумот“, вели Ивановски.

Уставот и законот неусогласени

Во член 120 од Уставот се наведува дека „одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена, ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“.

Високи извори од Владата пак, велат дека на овој референдум не се одлучува за тоа дали граѓаните се за зачленување во меѓународни сојузи или не, туку за договорот за името. Премиерот Зоран Заев, пак, се повика на членовите од Законот за референдум со кои се предвидува „референдум на државно ниво да може да се распише и за потреба од ратификација на меѓународни договори и за други прашања од надлежност на Собранието (претходен референдум) и за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието (дополнителен референдум)“.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG